Бизнис
ПАЃА ИЗВОЗОТ И УВОЗОТ СО ГЕРМАНИЈА, размената меѓу Македонија и Велика Британија со највисок раст
06.02.2026
Вкупната трговска размена во периодот јануари – декември 2025 година изнесува 19 553.6 милиони евра, соопшти Државниот завод за статистика. Извозот на стоки достигнал 8 008.2 милиони евра и бележи пораст од 2,9 отсто во однос на истиот период лани, а увозот 11 545.4 милиони евра или 4,4 проценти повеќе.
Во периодот јануари – декември 2025 година, според вкупниот обем на размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои учествуваат со 47,8 отсто во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 58,9 проценти во вкупната размена.
Во периодот јануари-декември 2025 година во споредба со истиот период од 2024 година извозот во Германија е намален за 6,4 отсто, а увозот за пет отсто. Во истиот период извозот во Велика Британија се зголемил за 14,4 отсто, а увозот за 19,3 отсто. Извозот во Србија е зголемен за 2,2 отсто, а увозот за 10,6 отсто.
Трговската размена по производи, според Стандардната меѓународна трговска класификација, покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот се најзастапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за пренос на лица.
Фото Економија и бизнис