Бизнис
Македонските вина со силно присуство во Париз: национален настап на винскиот саем Wine Paris и ексклузивна промоција „Ноќ на македонските вина“
09.02.2026г
Македонските винарии од 9 до 11 февруари ќе учествуваат на еден од највлијателните меѓународни вински саеми – Wine Paris, преку заеднички национален штанд под името „Macedonian Wines“, претставувајќи го потенцијалот, квалитетот и автентичноста на македонското винарство пред светската винска јавност.
Настапот се реализира со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, како дел од континуираните напори за унапредување на извозот и меѓународната видливост на македонските вина.
Рамо до рамо со најреномираните светски винарии, македонските производители ќе ги претстават автохтоните сорти, специфичниот тероар и современиот пристап во производството на вино, потврдувајќи дека Македонија сè појасно го зазема своето место на глобалната винска сцена.
Покрај настапот на саемот, независно од официјалната саемска програма, во Париз ќе се одржи и специјален промотивен настан под наслов „Nuit du Vin Macédonien“ (Ноќ на македонските вина), посветен на промоција на македонските вина пред внимателно селектирана меѓународна публика.
Настанот се реализира благодарение на заложбата и поддршката на амбасадорот во Франција, г-дин Игор Николов, кој е и организатор на оваа промоција, а кој воедно даде значаен придонес и во реализацијата и координацијата на настапот на македонските винарии на саемот Wine Paris.
„Nuit du Vin Macédonien“ ќе овозможи директна презентација и дегустација на македонските вина пред француски и меѓународни вински професионалци, дистрибутери, медиуми и познавачи на виното, со цел дополнително зајакнување на имиџот и препознатливоста на македонското вино на еден од најпребирливите светски пазари.
Настапот во Париз испраќа јасна порака дека македонското вино, со својот квалитет и автентичност, е подготвено за уште посилно присуство на меѓународната винска сцена.