Финансии / Банкарство

ЦАРИНИТЕ НА ТРАМП ПРИДОНЕСОА ЗА ПАД НА БУЏЕТСКИОТ ДЕФИЦИТ ЗА 26 ОТСТО

Во јануари годинава буџетскиот дефицит на САД изнесуваше 95 милијарди долари, што е за 34 милијарди долари, или 26 отсто помалку во однос на истиот месец минатата година, објави Министерството за финансии на САД. Намалувањето на дефицитот е резултат на силниот раст на буџетските приходи, вклучувајќи ги и царинските давачки, кои го надминаа растот на владините трошоци.

Кога ќе се исклучат вообичаените календарски промени во исплатата на социјалните бенефиции поврзани со празниците и викендите, дефицитот би изнесувал 30 милијарди долари, што е намалување од 52 милијарди долари, или 63 проценти, во споредба со јануари 2025 година.

Вкупните буџетски приходи во јануари достигнаа рекордни 560 милијарди долари, што е зголемување од 47 милијарди долари, или девет проценти на годишно ниво. Во исто време, расходите изнесуваа 655 милијарди долари, што е зголемување од 13 милијарди долари, или два проценти.

Во првите четири месеци од фискалната 2026 година, која започна на 1 октомври, вкупниот дефицит изнесуваше 697 милијарди долари, што е за 143 милијарди долари, или 17 проценти, помалку во однос на истиот период од претходната фискална година. Приходите во тој период достигнаа 1.785 милијарди долари, што е раст од 12 проценти, додека расходите се зголемија за 2 проценти, на 2.482 милијарди долари. И приходите и расходите беа рекордни за овој период, но дефицитот не беше на рекордно ниво.

Клучен фактор за растот на приходите беше наглото зголемување на царинските давачки, како резултат на трговската политика на американскиот претседател Доналд Трамп и воведувањето нови царини. Приходите од царини изнесуваа 27,7 милијарди долари во јануари, во споредба со 7,3 милијарди долари во јануари 2025 година, пред да бидат воведени новите царини. Вкупните царински приходи од почетокот на фискалната година достигнаа 117,7 милијарди долари, во споредба со 28,2 милијарди долари една година претходно.

Намалувањето на трошоците за камати на јавниот долг, кои во јануари изнесуваа 72 милијарди долари, што е за 12 милијарди долари помалку во однос на претходната година, исто така придонесе за намалување на дефицитот. Сепак, вкупните трошоци за камати на јавниот долг од почетокот на фискалната година достигнаа рекордни 426 милијарди долари, што претставува зголемување од 34 милијарди долари, или девет проценти во споредба со претходната година, преенсува Бизнис.рс.


 

Фото Економија и бизнис 

ПРЕПОРАЧАНО