Економија
Бугарија го ратификува договорот за изградба на меѓуграничен железнички тунел
13.02.2026
Бугарија го ратификува договорот со Македонија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук-профил.
- Денес, Народното собрание на Република Бугарија го ратификува договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8. Овој договор во декември беше ратификуван и во македонското Собрание. Со ова се исполнети сите услови за доизградба на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас. Се гордеам што овој договор, кој го потпишавме на 6 ноември со заменик-претседателот на владата на Бугарија, Гроздан Караџов, ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народа, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридорот 8, кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери - напиша Николоски.
Тој истакнува дека паралелно се работи на развивање и на Коридорот 10.
Проектираната должина на тунелот е речиси 2,4 километра, 1.189,30 метри на македонска територија, а 1.193,70 метри на бугарска, пренесува МИА.
Фото Економија и бизнис