Бизнис
СРБИ И ТУРЦИ НАЈМНОГУ ВЛОЖУВААТ ВО НЕДВИЖНОСТИ ВО ЦРНА ГОРА, висок раст на странските инвестиции во недвижен имот
14.02.2026
Вкупниот прилив на странски директни инвестиции во Црна Гора во периодот од јануари до октомври минатата година изнесуваше 789,61 милиони евра, што е за седум проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Најмногу пари беа инвестирани во недвижности од 405,91 милиони евра, што претставува раст од речиси 12 проценти. Гледано по земји, доминираа инвестициите од Србија со 112,05 милиони евра, по што следува Турција со 110,88 милиони.
Ова се податоци од Централната банка на Црна Гора за периодот јануари-октомври 2025 година.
Нето приливот на странски директни инвестиции изнесуваше 415,74 милиони евра, што е за 0,77 проценти повеќе во споредба со истиот период во 2024 година.
Податоците покажуваат дека е остварен прилив од 503,01 милиони евра во форма на капитални инвестиции, што претставува 63,70 проценти од вкупниот прилив.
„Во структурата на капиталните инвестиции, инвестициите во компании и банки изнесуваа 97,10 милиони евра и бележат намалување од 6,84 проценти, додека инвестициите во недвижности изнесуваа 405,91 милиони евра. Овој сегмент бележи зголемување од 11,94 проценти. Приливот на странски директни инвестиции во форма на меѓукомпаниски долг изнесуваше 254,18 милиони евра или 32,19 проценти од вкупниот прилив, што е за 5,01 процент повеќе во споредба со истиот период 2024 година“, се наведува во извештајот на Централната банкја на ЦГ.
Останатите 4,11 проценти или 32,42 милиони евра се однесуваат на други инвестиции, односно на приливот врз основа на повлекување на инвестиции од странство.
Најголемиот прилив на инвестиции дојде од Србија - 112,05 милиони евра, од кои 75,39 милиони евра беа инвестирани во недвижности. Инвестициите во домашни компании и банки изнесуваа 12,73 милиони евра, додека 18,98 милиони се однесуваат на меѓукомпаниски долг.
На второ место е Турција, чии граѓани инвестирале 110,88 милиони евра. Најголемиот износ е поврзан со меѓукомпаниски долг - 63,71 милиони евра, додека повеќе од 42 милиони евра се инвестирани во недвижности. Останатите приближно 4,97 милиони се инвестирани во домашни компании и банки.
Инвестиции во вредност од околу 56,58 милиони евра пристигнале од Германија, од кои 36,78 милиони се инвестирани во недвижности. Следат Соединетите Американски Држави со 53,71 милиони евра, а најголемиот износ - околу 40 милиони - е инвестиран во недвижности. Петти на листата е Кипар со 51,18 милиони евра, каде што околу 25,5 милиони се инвестирани во домашни компании и банки, а значителни средства во износ од 12,89 милиони се поврзани со враќање на домашен капитал.
Вкупниот одлив на странски директни инвестиции за првите десет месеци од 2025 година изнесувал 373,87 милиони евра, што е за 14,94 проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година, пренесува Бизнис.рс.
Фото Економија и бизнис