Општество

Јаневска: Јавната дебата за Законот за високо образование не е завршена, следната недела Министерството ќе ги посети универзитетите

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите.

Одговарајќи на новинарско прашање на традиционалната прослава по повод празникот Свети Трифун на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Јаневска рече дека сѐ уште не е завршена јавната дебата и најави дека од следната недела, по договор со универзитетите, Министерството ќе оди во нивна посета на јавна расправа.

– Сè уште не е завршена јавната дебата, сè уште очекуваме забелешки. Ние добиваме на ЕНЕР, добиваме и преку мејлот, но очекуваме и универзитетите официјално, на било кој пат, да ги достават своите интегрирани забелешки, бидејќи делот не се повторува. Сè што сметаме дека е разумно ќе биде прифатено. Сè што сметаме дека можеби ќе претставува проблем ќе биде дискутирано. Тоа значи средба на Министерството за образование и наука со сите професори кои ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе ги дискутираме спорните членови, и гледам дека во најголем број нема никакви забелешки. Спорни остануваат неколку членови за кои треба да се договориме и да дискутираме, рече Јаневска.

Вели Македонија веќе нема време за просечни и потпросечни резултати. – Потенцирам, ние веќе немаме време да си играме со образование и наука. Немаме време за просечни и потпросечни резултати кои нè доведуваат во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски поддржува напредок, рече Јаневска.

На традиционалната прослава, претходно, Јаневска им го честиташе празникот на граѓаните, особено на земјоделците, лозарите и овоштарите, и изрази поддршка за Факултетот за земјоделски науки и храна. – Ние, како Влада, ќе ги поддржуваме ваквите проекти и ваквата активност, бидејќи цениме дека немаме веќе време за просечни и потпросечни резултати, рече Јаневска. 

ПРЕПОРАЧАНО