Интервјуа
МЕГА ИНТЕРВЈУ | Фатих Шахбаз: Стратегија заснована на доверба, на иновации и на одржливост − клуч на успехот на Халкбанк
Мега интервју со Фатих Шахбаз, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
Економија и бизнис | печатено издание | 15 февруари 2026г.
Господине Шахбаз, најпрвин да ви посакаме топло добредојде во нашава земја и да ви посакаме успешна работа на новата позиција главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје. На почетокот кажете ни нешто повеќе за вашата досегашна професионална кариера пред доаѓањето во Скопје.
Ф. Шахбаз: Мојата кариера во финансискиот сектор се гради врз повеќе од две децении искуство во банкарството, во рамките на Türkiye Halk Bankası A.Ş. Својата професионална патека ја започнав како специјалист и внатрешен инспектор, а понатаму напредував како директор и раководител на филијали, а подоцна и како менаџер на оддели и директор на групи.
Во 2022 година бев назначен за заменик-генерален директор задолжен за Управување со човечки ресурси и Секторот за поддршка, а од јули 2025 година ја извршував функцијата заменик-генерален директор задолжен за Управување со поддршка и за Дигитална трансформација .
Овие функции ми овозможија да ја развијам својата експертиза во стратешкото водење, во управување со вработени, во организациско подобрување и во дигитализација − сите клучни елементи кои денес ги применувам во работењето на Халкбанк АД Скопје.
Моето академско образование и професионално портфолио, со силен акцент на практични знаења од банкарскиот сектор, се оние кои ме мотивираат да продолжам да придонесувам за развојот на Банката не само како финансиска институција туку и како партнер во поддршка на економијата на Република Северна Македонија.
Како ја оценувате тековната позиција на Халкбанк на македонскиот банкарски пазар? Што покажуваат податоците за работењето на Банката во 2025 година?
Ф. Шахбаз: Халкбанк на македонскиот пазар има исклучително стабилна и конкурентна позиција со јасна развојна перспектива. Податоците за 2025 година потврдуваат дека Банката бележи континуиран раст во сите сегменти на работењето.
Во 2025 година, вкупната актива на Банката достигна 2,1 милијарди евра, што претставува јасен показател за финансиската стабилност и довербата што ја уживаме кај клиентите. Истовремено остваривме добивка од 37,27 милиони евра пред оданочување, што ги потврдува нашата ефикасност, одговорното управување со ризиците и одржливиот бизнис-модел.
Особено сме горди на резултатите во делот на кредитирањето. Лани забележавме раст од 26,6 % во кредитирањето на правни лица, што директно придонесува за поддршка на домашната економија. Вкупната кредитна база кај физичките лица достигна 586 милиони евра, со годишен пораст од 17 %. Во текот на годината реализиравме 14 529 кредити во вкупен износ од 197 милиони евра, што говори за нашата активна улога во подобрувањето на животниот стандард на граѓаните.
Паралелно со кредитната активност бележиме и одлични резултати во делот на депозитите. Вкупната депозитна база изнесува 1,58 милијарди евра од кои 1,4 милијарди евра се депозити на клиенти. Од нив, 56 % се депозити на физички лица, а 44 % на правни лица, што покажува здрава и избалансирана структура. Во 2025 година забележавме особено силен раст од 18 % кај депозитите на населението, што претставува потврда за високото ниво на доверба во Банката.
Сите овие показатели јасно потврдуваат дека Халкбанк во 2025 година не само што ја зацврсти својата позиција на пазарот туку и постави цврста основа за понатамошен раст.
Како Халкбанк, преку својата стратегија за проектно финансирање, за поддршка на корпоративните клиенти и за ММС, конкретно придонесе за зајакнување на економијата и за подобрување на бизнис-климата во земјава?
Ф. Шахбаз: Нашата стратегија за поддршка на корпоративните, на малите, на средните и на микропретпријатијата и за проектното финансирање е насочена кон создавање реална и долгорочна вредност за економијата и за деловната заедница.
Во моментов, Банката поддржува широка и разновидна база на компании, со вкупно над 2 700 клиенти со кредитна изложеност, од кои 105 се големи, 151 средни, 1 601 мали и 860 микропретпријатија. Оваа структура јасно покажува дека нашата стратегија е насочена кон сите сегменти на економијата.
Особено значаен сегмент во нашето работење е проектното финансирање, пред сè во областа на обновливите извори на енергија. Вкупната вредност на инвестициите во ветерници, во хидро- и во соларни централи кои ги поддржавме изнесува 253,3 милиони евра при што одобрената кредитна поддршка достигна 136,3 милиони евра. Овие проекти опфаќаат вкупна инсталирана моќност од 279 мегавати, а во текот на 2025 година произведоа над 336 илјади мегават/часови електрична енергија. Со тоа директно придонесуваме за енергетската стабилност, за зелената транзиција и за намалувањето на зависноста од увоз на енергија.
Во сегментот на ММС, нашата стратегија е насочена кон олеснување на пристапот до финансии и создавање услови за одржлив раст. Преку флексибилни кредитни линии, брзи процедури и специјализирани продукти, поддржуваме илјадници бизниси во различни дејности, од производство и трговија до услуги и ИТ-секторот. Посебно сме посветени и на развојот на стартап-бизниси, а лани имаме дадено поддршка на 12 стартап компании преку специјален продукт.
Преку стратешка поддршка на сите сегменти на бизнис-секторот, силен фокус на одржливи инвестиции и континуирано унапредување на финансиските решенија, Халкбанк директно придонесува за зајакнување на економијата и за подобрување на деловната клима.

Жените сè почесто влегуваат во претприемништвото, но пристапот до капитал и натаму е предизвик. Какви конкретни решенија нуди вашата банка за финансиска поддршка на жени претприемачи?
Ф. Шахбаз: Халкбанк ја препознава клучната улога на жените во економскиот развој и во создавањето одржливи бизниси, па затоа поддршката на жените претприемачи е еден од нашите стратешки приоритети.
Затоа и креиравме специјализиран финансиски продукт за жени претприемачи, кој нуди многу погодности за жените кои сакаат да започнат бизнис. Преку овој продукт, заклучно со 2025 година, обезбедивме кредитна поддршка за 634 компании предводени од жени, што претставува конкретен показател за нашата посветеност и за доверба во нивниот потенцијал.
Покрај финансиската поддршка, значаен дел од нашата стратегија е насочен и кон нефинансиска помош − едукативни програми, обуки, менторство и тематски настани, промовирање успешни женски бизнис-приказни, вмрежување на жени претприемачи и поттикнување партнерства меѓу компаниите. На тој начин придонесуваме кон рушење на стереотипите и создавање позитивна бизнис-клима во која жените имаат еднакви можности за раст и за развој. Во иднина целиме Халкбанк да е вистински препознаена како лидер во оваа област.
Сè почесто зборуваме за сегментиран банкарски пристап. Како ја прилагодувате понудата за различни групи клиенти − од пензионери и млади до деца и жени − и каде гледате најголем потенцијал за раст?
Ф. Шахбаз: Бидејќи веруваме дека секоја група клиенти има свои специфични потреби, навики и очекувања, Халкбанк е насочена кон нудење внимателно креирани производи и услуги кои одговараат на различните животни фази и на финансиските приоритети на клиентите. Како што погоре споменав, кога станува збор за правни лица имаме посебни производи, како оние за поддршка на женското претприемништво или стартап финансирање.
За физички лица имаме повеќе пакети. На пример, за пензионерите развивме пакет со поволни услови како предвремена исплата на пензии, пониски трошоци за одржување, бесплатно подигнување готовина од сите банкомати во земјава и слично. Имаме и производ „Примател на плата“ кој носи значајни бенефиции за секој клиент кој ја прима својата плата преку нашата банка.
Кога станува збор за младите и за студентите, фокусот е ставен на дигиталните решенија и на финансиската едукација. Пакетот Халк ЕЗ е посебен и иновативен банкарски пакет за млади на возраст од 16 до 24 години кој нуди голем број поволности. Дека воведувањето ваков специјализиран производ беше вистински потег, доказ е фактот дека ако во 2024 година имавме одобрено 2 046 вакви пакети, 2025 година ја завршивме со 6 815 пакети, што претставува пораст од 233 %.
Наш најнов производ е и дебитната картичка наменета за деца, Mastercard Debit Junior , што е прв производ од ваков тип на пазарот. Станува збор за платежна дебитна картичка наменета за деца од 9 до 15 години, поврзана со платежна сметка на детето. Картичката се издава со име и со презиме на детето и со неа може да се извршуваат трансакции на ПОС, на АТМ и на интернет. Кај оваа картичка родителот има целосна контрола во одредувањето на лимити и увид во трошењето на детето преку своето електронско и мобилно банкарство и преку добивање на СМС-пораки за извршени трансакции. Дека ваков производ беше потребен на пазарот доказ е тоа што за јуниор картичката, која беше воведена во декември, само за првите три дена имавме над 200 апликации. На овој начин, всушност, ја унапредуваме и финансиската писменост кај децата и поттикнуваме правилна употреба на финансиските производи.
Најголем потенцијал за раст гледаме во младата, технолошки писмена популација, и во клиентите кои сè повеќе ги користат дигиталните канали. Дополнително значаен потенцијал постои и во натамошниот развој на семејни пакети, на комбинирани производи и на персонализирани финансиски решенија.
Дигитализацијата стана клучен фактор за конкурентност во банкарството. Кои дигитални решенија на Банката ја обележаа 2025 година и како тие го менуваат искуството на клиентите?
Ф. Шахбаз: Дигитализацијата денес не е само технолошки тренд, туку стратешки приоритет и основа за долгорочната конкурентност на банките и токму затоа Халкбанк вложува многу во овој сегмент и е лидер во дигитализацијата и во нудење нови и иновативни банкарски решенија.
Еден од највидливите резултати од ова е силниот раст во сегментот на картичните и на електронските плаќања. Во споредба со 2024 година, во 2025 година забележавме пораст од 15 % кај бројот на издадени картички, 18 % кај бројот на трансакции и 21 % кај вкупниот волумен на плаќања со картички. Истовремено трансакциите преку ПОС-терминалите пораснаа за 13 %, а нивниот волумен за 21 %, при што достигнавме пазарен удел од 30 % во бројот на ПОС-терминали и 28 % во прометот. Особено значаен е податокот дека надминавме 70 милиони евра месечен промет преку ПОС-мрежата, што ја потврдува нашата водечка позиција во оваа област.
Во делот на дигиталното банкарство, 2025 година донесе значителен раст на активните корисници. Бројот на физички лица кои активно користат електронско и мобилно банкарство порасна за 25 %, додека кај правните лица бележиме раст од 15 %.
Ланската година воведовме и нови дигитални функционалности како на пример можноста за онлајн отворање платежна сметка и активирање електронско банкарство, овозможувајќи им на клиентите брз, сигурен и едноставен пристап до целосната палета банкарски услуги.
Во наредниов период ќе продолжиме со инвестиции во напредни технологии, во вештачка интелигенција, во автоматизација и во нови дигитални услуги, со цел уште повеќе да го унапредиме корисничкото искуство и да ја зацврстиме нашата позиција како модерна и иновативна банка.

ЕСГ сè повеќе не е тренд, туку стандард што го вградуваат водечките банки и компании во своето работење. Како вашата банка ги интегрира ЕСГ-принципите во своето секојдневно работење и во кредитните политики?
Ф. Шахбаз: Во Халкбанк, ЕСГ е основен дел од нашата корпоративна стратегија, а интеграцијата на ЕСГ-принципите е присутна во секој сегмент на нашето работење, од управувањето, кредитните политики и инвестициите до секојдневните операции и односот со клиентите и со заедницата.
Во делот на кредитирањето, ЕСГ-принципите ги применуваме преку поддршка на проекти кои придонесуваат кон одржлив економски раст, енергетска ефикасност и зелена транзиција со што придонесуваме за намалување на јаглеродниот отпечаток и промовирање на одржлива енергетска инфраструктура.
Во социјалниот сегмент, ЕСГ се вградува преку програми за финансиска инклузија и поддршка на ранливи групи како што се: женското претприемништво, микро- и мали претпријатија и младите претприемачи. Во рамките на управувањето со Банката, ЕСГ се интегрира и преку одржливи практики во работењето, дигитализација, одговорно управување со ресурси, етички стандарди во односите со клиентите, транспарентност во работењето и високи стандарди за корпоративно управување.
Интензивно работиме и на полето на општествената одговорност. Особено сме горди што сме препознаени како банка која посветува големо внимание на промовирање здрави животни навики и заштита на природната средина. Преку нашата платформа ХалкЕко организиравме или поддржавме бројни „зелени“ проекти. Имаме засадено над 100 000 дрвја на разни локации, а „круна“ на овие активности секако е започнатиот проект „Еден милион садници за пет години“.
Но, исто така даваме и силна поддршка на културата, на образованието, на инклузивноста и на спортот. Да споменам дека минатата година имавме донација од 50 000 евра за погодените од трагедијата во Кочани, поддршка со компјутерска опрема за училишта и за институции, донација на електрични инвалидски колички за здружението СОС Вита (SOS Vita) и бројни спонзорства за најразлични настани. Имаме поддржано и многу спортски настани, ја организираме велосипедската трка ХалкВелоГрин, а го продолживме и партнерството со Ракометната федерација на Македонија, останувајќи еден од клучните поддржувачи на македонскиот ракомет и на националните репрезентации.
Интеграцијата на ЕСГ во Халкбанк не е само формален процес, туку основа за создавање долгорочна вредност за клиентите, за вработените, за заедницата и за економијата во целина.
Кои се стратешките приоритети на Банката за наредниов период и како планирате да ја задржите довербата на клиентите во сè покомплексното економско опкружување?
Ф. Шахбаз: Во периодот што следува, нашите стратешки приоритети се насочени кон стабилен раст, следење на глобалните трендови и воведување нови, иновативни производи и услуги, прилагодени на реалните потреби на нашите клиенти.
Нашата цел е да останеме сигурен, стабилен и доверлив финансиски партнер за граѓаните и за компаниите. Ќе продолжиме и со интензивни инвестиции во дигитализација и во технолошка модернизација, со цел да им понудиме на клиентите побрзи, поедноставни и побезбедни услуги.
Преку одговорно работење, иновации и партнерски однос со клиентите, ќе продолжиме да ја зајакнуваме довербата и да создаваме долгорочна вредност за сите засегнати страни.
Разговараше: Ќирко Бошкоски