Општество
Пензионерите од Општина Центар може да аплицираат за „Итно копче“, брза и иновативна помош за повозрасни лица
17.02.2026
Општина Центар ги повикува сите заинтересирани граѓани да аплицираат за услугата „Итно копче“, наменета за лица над 65 години, со приоритет за оние што живеат сами или со брачен другар со нарушена здравствена состојба. Услугата е наменета за лица со пензија до 35.000 денари и без дијагноза на деменција или Алцхајмерова болест, а може да ја користи само еден член на семејството - соопштија денеска од локалната самоуправа.
Според градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, со примена на оваа иновативна услуга се обезбедува брза реакција за повозрасните или изнемоштените лица преку едноставно притискање копче, што се наоѓа на уред во форма на алка.
- Станува збор за технологија што спасува животи и го подобрува квалитетот на живот на повозрасната популација - се наведува во пишаната изјава на градоначалникот.
Јавниот повик важи од денот на објава до исполнување на капацитетите, при што корисниците ќе се избираат по принципот прв дојден, прв услужен.
Фото: Општина Центар