Бизнис

БУГАРИЈА ИМА ПОСКАПА КОШНИЧКА СО ПРОИЗВОДИ ЗА ДОМАЌИНСТВАТА ОД ГРЦИЈА, цените на вообичаените производи во супермаркетите во Грција пониски во споредба со осум европски земји

Цените на производите во вообичаената потрошувачка кошничка за домаќинствата во супермаркетите во Грција и понатаму се пониски во споредба со маркетите во осум земји од Европската Унија, односно во Франција, Велика Британија, Италија, Шпанија, Португалија, Германија, Романија и Бугарија, покажуваат резултатите од истражувањето на грчкиот Институт за истражување на малопродажба на стоки за широка потрошувачка (ИЕЛКА), јави дописничката на МИА од Атина.

Од ИЕЛКА соопштија дека во истражувањето спроведено во јануари годинава биле споредени цените во вкупно 40 категории производи со анализирани над 6.000 цени на производи во 48 различни синџири супермаркети во конкретните земји, со цел да се пресметаат просечните цени.

Податоците вклучуваат финални цени и на брендирани производи и на производи со приватна трговска марка во секоја земја, а споредбата е и без и со вклучен ДДВ.

Во Грција, кошничката со неопходните продукти за домаќинствата, со вклучен ДДВ изнесува 134,778 евра, во Германија е за 35,4 отсто поскапа, во Франција за 34,7 проценти, во Велика Британија за 22,9 отсто, 16,6 проценти во Романија, за 13,5 отсто во Италија, за 12,3 проценти во Шпанија, за 6,9 отсто во Бугарија и 4,7 проценти во Португалија.

Од Институтот посочија дека „сликата на резултатите значително се менува кога ќе се отстрани соодветниот ДДВ по земја“, а споредбата на кошничките во овој случај „покажува дека сите осум земји имаат поскапа просечна кошничка од Грција“.

- Општиот заклучок од анализата е дека организираната грчка малопродажба на храна (супермаркети), на грчките потрошувачи им обезбедува пристап до производи за вообичаената кошничка по просечно пониски цени, што е резултат на координираните напори на добавувачите и трговците за задржување на цените во последните години. Овој тренд, со мали варијации, е континуиран во последните 12 години колку што се спроведува ова истражување од ИЕЛКА, соопштија од Институтот.

Додадоа дека долгорочната споредба со другите земји покажува дека во последните години „Грција постојано има поевтина вообичаена кошничка од споредуваните земји, со одредени осцилации кои не го менуваат општиот заклучок на анализата“.


 

Фото Економија и бизнис 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано