Општество

ПРОФЕСОРСКАТА ЗАЕДНИЦА ОД УКИМ ОЧЕКУВА ПОГОЛЕМА АВТОНОМИЈА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ, jавна расправа за законот за високо образование

На седница на Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во петокот биле усвоени заклучоци за предложениоет нов закон за високото образование откако до крајниот рок, 16 февруари, биле добиени забелешките од сите единици во составот на УКИМ.

Скопскиот универзитет денеска е домаќин на јавната дебата за пакетот три закони за високото образование, квалитет во високото образование  и научно-истражувачка дејност на која се претставени заклучоците од Ректорската управа и се дабатира за предвидените законски одредби.

Ректорката на УКИМ Биљана Ангелова изјави дека, генерално, од законот очекуваат поголема автономија на Универзитетот – функционална, финансиска и кадровска, и тоа е, рече, еден од нивниите основни приоритети.

-Очекуваме некои делови, кои во моментов сметаме дека се пререгулирани, ќе бидат релатвизирани, ќе бидат отстранети за да може да се остави поголемо автономно право на универзитетите, да донесуваат посебни критериуми коишто ни се битни за избори и реизбори во звања кај различни професии бидејќи ние ги покриваме сите научни подрачја и секои од нив е со свои специфичности. Тоа се, генерално, нашите општи забелешки, меѓутоа во дебата ќе ги дискутраме и деталите поврзани со законот и забелешките. Во исчекување сме и на законот за наука бидејќи многу одредби од овој закон упатуваат на законот за наука, бидејќи се работи за пакет закони кои се нераскинливо поврзани, истакна ректорката на УКИМ.

Според неа, има неколку одредби во законот за кои сметаат дека може да се направат корекции за да се подобри автономијата.

-Тоа е, пред сè, во делот на органите на управување на Универзитетиот, дел од ингеренциите на Сенатот, како највисок орган на управување на Универзитетот, сега се префрлени во Универзитетскиот совет, којшто се транформира од тело во орган на управување на универзитетот. Понатаму, сметаме дека една академска заедница во Македонија нема да направи дифиренцијација во квалитетот во високото образование. Критериумите по кои се избираат наставниците на УКИМ се во моментов највисоките критериуми во земјава и треба да ни се остави слобода и понатаму да можеме самите да си ги воспоставуваме критериумите без согласност, слободна флуктуација и мобилност на наставниците од еден на друг универзитет, рече Ангелова. 

Очекува дека со законот ќе се зголеми продукцијата на научно-истражувачки трудови затоа што се воведуваат построги критериуми за избори и реизбори во звања и дека, како што рече, во разумен временски период ќе има подобрување на научно-истражувачкиот аупут и ќе се зголеми бројот на објавени трудови што досега била слабост. 

-УКИМ е веќе во преговори со претставници од Шангајската листа и, најверојатно, напролет ќе ги имаме првите состаноци и од нив очекуваме да почнат обуки овде, на нашиот универзитет, коишто ќе бидат наменети за научно-истражувачкиот кадар на Универзитетот со кои де факто очекуваме да се подобри научната продуктивност и да се зголеми бројот на трудови - и нa Web od Science и на Scopus. А тоа ќе резултира потоа, за одреден број години, и со нашето место на Шангајската листа, додаде ректорката на УКИМ.

Некои од професорите од УКИМ укажаа на нивни забелешки кон законот за високо образование. Илија Ацевски, проф. по социологија на Филозофскиот факултет во пензија, изјави дека има недоречености во делот што го регулира квалитетот на образованието. 

-Во целина е добар закон, но има недоречености за квалитетот. Според мене треба да стои дека квалитетот на високото образование ќе го процениме оној момент кога ќе ја процениме спсообноста на дипломираниот студент да работи за тоа што студирал. Тоа значи дека е потребна комисија, тело, што ќе го процени тој факт, а тоа ќе им помогне на оние кои произведуваат кадар сериозно да се зафатат со реформи на процесот. Како професор со 40 години поминати на овој факултет, најбитен е процесот на образование. За жал, ние се занимаваме со други периферни работи, но никогаш не го поставивме што значи квалитет на високото образование, рече Ацевски.

Професори од факултетите од уметностите имаат забелешки на предлогот затоа што сметаат дека се работи за специфични дисциплини. 

Проф. Дарија Андовска, декан на Факултетот за музичка уметност, изјави дека нивните забелешки се однесуваат на тоа колку „уметничките факултети се дискриминирани и маргинализирани во однос на другите факултети“. 

-А од нас зависи целата културна сцена во државата. Постои само еден член во кои се издвоени факултетите, меѓутоа се запоставени спецификите на нашите студии, особено  ФМУ, кој е специфичен и во рамките на уметничките факултети, затоа што само кај нас постои настава еден на еден, изјави Андовска.

Проф. Бесфорт Идризи, декан на Факултетот за драмски уметности, рече дека имаат многу забелешки.

-Тоа што е главно и што веројатно го забележуваат и другите факултети и универзитети е автономијата на високото образование. Иако декларативно стои во самиот закон, потоа надолу, во останатите членови од законот, се нарушува таа автономност. За нас, уметничките факултети, не е земена предвид нашата специфика и доаѓаме во судир со многу работи коишто реално во пракса не можат да се реализираат, додаде Идризи.


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано