Економија
ПРЕДЛОГ ЗА УКИНУВАЊЕ НА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА ЗА СЕЗОНСКИ РАБОТНИЦИ ВО ГЕРМАНИЈА, минималната плата годинава се искачи на 13,90 евра за еден час
01.03.2026
Германија наскоро би можела да направи сериозен пресврт во својата политика за минимална плата. Коалицијата CDU/CSU планира да ги ослаби постојните регулативи и да дозволи исклучоци за сезонските работници во земјоделството, во време кога целиот сектор во голема мера зависи од оваа работна сила.
Според германските медиуми, предлогот на здружението на округот Јужен Баден, кое бара минималната плата за еден работен час повеќе да не се применува за сезонските работници, е едногласно прифатен. Во резолуцијата се наведува дека CDU е „посветена на дозволување исклучоци од минималната часовна плата за сезонските земјоделски работници“.
Според сегашното германско законодавство, минималната плата за еден работен час треба да важи за сите работници без исклучок. Законот изрично наведува дека „секој работник има право да заработи барем законски минимална часовна плата“.
Генералниот секретар на Социјалдемократската партија на Германија (SPD) Тим Клизендорф предупреди на пошироките последици од таков предлог, нагласувајќи дека основното право на работниците да заработуваат плата ги штити од сиромаштија. „Сезонските работници не можат едноставно да бидат исклучени од тоа право“, рече тој.
Минималната плата за еден час во Германија на почетокот на оваа година се искачи на 13,90 евра, а Комисијата за минимална плата веќе се согласи на ново зголемување на 14,60 евра следната година.
Министерот за земјоделство на сојузната покраина Баден-Виртемберг, Петер Хаук (CDU), предупредува дека таквото зголемување на платите ја загрозува конкурентноста на германското земјоделство. Според него, намалувањето на трошоците за труд е неопходно за земјоделското производство во Германија да остане одржливо.
Додека политичката дебата продолжува, податоците јасно покажуваат колку земјоделството е зависно од сезонската работна сила. Според статистичките податоци, во април 2025 година, околу 28 проценти од сите работници во германското земјоделство биле сезонски работници или вкупно 242.800 лица. Жените сочинуваат дури 44 проценти од сезонските работници, додека нивниот удел меѓу вработените со полно работно време и семејните работници е значително помал, пренесува Блиц.
Фото Економија и бизнис