Вести

Општина Штип изготви 18.650 решенија за наплата на данок на имот, лани околу 75 отсто од решенијата за данокот на имот се наплатени

Општина Штип оваа недела почнува со печатење на 18.650 решенија за данокот на имот, кои ќе ги достави до фирмите и домаќинствата, вели за МИА Драган Каров од Одделението за даноци во Општина Штип. Тој посочи дека решенијата прво ќе им бидат доставени на фирмите. Оваа година има 330 решенија повеќе за разлика од претходната 2025 година, со што и приходите ќе бидат поголеми. 

-Општина Штип ги издаде решенијата за данок за имот за 2026 година. Вкупно издадени решенија се 18.650. Од нив 18.200 се за физички лица, останатите за правни лица. Споредбено со претходната година, сега има 330 решенија повеќе. Во наредните денови ќе започне со достава, најпрво со решенијата за фирмарина кои се околу 2.800, а потоа ќе се доставуваат решенијата за данок за имот за физички и правни лица-изјави Каров. 

Тој истакна дека граѓаните за првпат решенијата за данок на имот ќе можат да ги добијат и по електронски пат, односно на нивната електронска адреси кои граѓаните и правните лица изминатата година имаа можност да ги ажурираат во Општина Штип. Но, дополнително решенијата за наплата на данок на имот ќе бидат доставени и на домашна адреса.

Каров вели дека лани околу 75 отсто од решенијата за данокот на имот се платени, а праксата изминатите години покажува дека овој процент се зголемува од година во година, со цел да не се оди кон опомени и присилна наплата на данок на имот. 

-За оние кои не платиле Одделението ќе изготви опомени и за присилна наплата-рече Каров.

Крајниот рок за наплата на данок на имот за 2026 година е 15 ноември. Потоа се пресметуваат камати, или се користи присилната наплата на данокот. 


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано