Интервјуа

Костовска: СТРУЧНОСТА Е МОЈОТ НАЈГОЛЕМ СОЈУЗНИК ВО ОСИГУРУВАЊЕТО

Разговор со м-р Зорица Костовска, менаџер за осигурување во Фершпед АД

Во управувањето со осигурителните ризици на Групација Фершпед стои име што асоцира на сигурност, стручност и беспрекорна контрола. Жената која го раководи целокупното осигурително портфолио на групацијата претставува пример за професионалец со јасна визија и прецизност во водењето на процесите. Со положени државни испити за осигурителен брокер и застапник, таа поседува редок и комплетен професионален профил – темелно ги разбира двете страни на системот и умее стратешки да ги поставува условите во преговорите. Нејзината експертиза и посветеност се стабилен столб врз кој се гради сигурноста на целата групација.


Зорица, Вашето име во осигурителниот сектор се поврзува со врвен професионализам и авторитет. Што подразбира управувањето и координацијата на сите класи на осигурување во рамки на една комплексна компанија?

З. Костовска: Јасна и сеопфатна слика за сите потенцијални ризици на кои е изложена компанијата. Во комплексен систем на гигант како Фершпед, тоа подразбира координација на различни типови осигурување, со цел да се обезбеди континуирана и оптимална заштита. Контролата не се сведува само на административно следење на полиси. Таа значи стратешко планирање, навремена проценка на ризици, внимателен избор на осигурителни партнери и постојано усогласување на деловните процеси. Само на тој начин осигурувањето станува активен инструмент за стабилност и одржлив развој, а не пасивен трошок.

Вие важите за личност со сериозно искуство и реноме во својата област и многумина Ве препознаваат по Вашиот специфичен начин на преговарање. Како се гради односот со осигурителните компании кога на преговарачка маса седи експерт кој ги познава сите детали?

З. Костовска: Односот се гради со професионален респект. Кога осигурителите знаат дека спроти себе имаат експерт кој ја познава и нивната страна на работата, тогаш разговорот престанува да биде продажба и станува вистинско партнерство. Тие знаат дека преговараат со личност која го познава секој сегмент од работењето на Фершпед, но истовремено го познава пазарот на осигурување до последна законска фуснота. Не сум попустлива и не правам компромиси со квалитетот. Стручноста е мојот најголем сојузник, она што ја претвара обичната полиса во вистински корпоративен штит.

Како успевате да го задржите вашиот професионализам во моменти на висок притисок, кога од Вашата одлука зависи сигурноста на огромен капитал?

З. Костовска: Притисокот е само потврда за важноста на мојата позиција. Кога влогот е голем, емоциите и паниката се луксуз што не си го дозволувам. Мојот мир доаѓа од мојот двоен легитимитет, кога знаете дека зад вашиот став стои чисто знаење и непобитни факти, притисокот само станува гориво за попрецизна одлука. Јас токму во вакви моменти највеќе се изградив. Тоа што сум самостојна ми овозможува брзина, децидност и единствена точка на контрола. Сама го водам овој процес, бидејќи само така можам да гарантирам за квалитетот на заштитата, со мојот личен и професионален интегритет. Да се води осигурување на гигант самостојно не е само работа, тоа е карактерна особина, со огромна посветеност и знаење кое мора да биде супериорно.

Познато е дека Вашиот професионален ангажман не застанува кај внатрешните процеси на Фершпед. Вие активно работите и со клиентите-соработници на компанијата на кои им е потребно осигурување. Како оваа симбиоза го подигнува квалитетот на услугата што ја нуди Фершпед?

З. Костовска: Кога јас се вклучувам во процесот на нивното осигурување, тие не добиваат само административна услуга, туку моја целосна експертиза. Јас ги штитам нивните интереси, бидејќи нивната стабилност е и наша стабилност. Тој ‘’двоен легитимитет’’ за кој зборуваме, е моќна алатка токму во работата со соработниците. Тие знаат дека зад нивната полиса стои човек со искуство во најголемиот систем. На тој начин, осигурувањето станува стратешка предност, што ги издвојува нашите клиенти од конкуренцијата. Тие не се само осигурани, тие се професионално заштитени под мој надзор.

За крај, што е она што Ве прави горда што сте дел од тимот на Фершпед сите овие години?

З. Костовска: Мојата благодарност кон Фершпед произлегува од меѓусебната доверба што ја градиме сите овие години. Оваа компанија не e само моето работно место, туку средина која ми овозможи целосна професионална автономија и простор да го изградам мојот специфичен модел на работа. Горда сум што сум дел од компанија каде се ценат директноста и стручноста, бидејќи токму таа поддршка од менаџментот е столбот на мојот кредибилитет. Да се биде штитот на ваква Групација е привилегија, но и најголем мотив да продолжам да го вложувам мојот личен и професионален интегритет во секој нов успех на Фершпед.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано