Економија

ВО ЕУ Е ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА АЗИЛАНТИ ОД ВЕНЕЦУЕЛА, Германија уште еднаш беше главната дестинација

Бројот на барања за азил во Европската Унија, како и во Норвешка и Швајцарија, минатата година повторно нагло опадна, покажаа податоците објавени денеска.

Вкупно околу 822.000 барања биле регистрирани во 27-те земји-членки на ЕУ и двете партнерски земји, што претставува пад од 19 отсто во споредба со 2024 година, се наведува во извештајот на Агенцијата на ЕУ за азил со седиште во Малта.

Големиот пад главно е поттикнат од намалувањето на барањата од Сирија. Околу 42.000 Сиријци поднеле барање за азил во 2025 година, во споредба со 151.000 во 2024 година. Барањата исто така се намалени и од Бангладеш, од каде се регистрирани 37.000 барања, и од Турција со 33.000.

Во Сирија, соборувањето на долгогодишниот претседател Башар ал-Асад во декември 2024 година кај многу луѓе влијаеше на надежта за подобра иднина, што придонесе за помалиот број барања за азил, стои во извештајот.

Наспроти тоа, бројот на барања од Авганистан се искачи на 117.000, додека барањата од Венецуела се зголемија на 91.000, пренесе ДПА.

Порастот на венецуелските барања делумно се припишува на порестриктивните имиграциски правила во САД и построгите барања за визи за Венецуелците во соседните латиноамерикански земји.

Со 163.000 барања, Германија уште еднаш беше главната дестинација, иако таа бројка е намалена за речиси една третина во споредба со 2024 година. Германија, Шпанија, Италија, Грција и Франција примиле најголем број барања, што заедно сочинуваат 80 отсто од сите регистрирани барања за азил во ЕУ, Норвешка и Швајцарија во 2025 година.


 

Извор МИА

Фото Економија и бизнис 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано