Бизнис

БИЗНИС | Виолета Цветкоска: КОГА И ЗОШТО НИ Е ПОТРЕБНА ПРЕСКРИПТИВНА АНАЛИТИКА?

Виолета Цветкоска, професор на Економски факултет – Скопје при УКИМ

„Клучот за донесување добри одлуки е да се оцени достапната информација − податоците − и да се комбинира со сопствена проценка на предностите и на недостатоците. Како економист, ова го правам секој ден.“
Емили Остер, професор по економија, Универзитет Браун



Во современиот бизнис, податоците одамна престанаа да бидат само архива на минатото. Тие се навигациски систем за следниот потег. Токму затоа прескриптивната аналитика станува клучна. Таа одговара на најтешкото прашање во управувањето, а тоа е што точно да направиме сега за да постигнеме подобар исход.
Дескриптивната аналитика објаснува „што се случи“. Предиктивната сугерира „што може да се случи“. Прескриптивната оди чекор подалеку и ја претвора анализата во одлука, „што треба да се направи“, со кои ресурси, во кој редослед, со каков ризик и каков очекуван ефект. Таа е мостот меѓу сознанијата и акцијата, но и разликата меѓу компанија што реагира и компанија што управува.
Потребата од прескриптивна аналитика расте кога се јавуваат четири услови кои денес се речиси стандард:
1. Комплексност: премногу фактори влијаат истовремено (цени, логистика, човечки ресурси, регулатива, конкуренција).
2. Ограничувања: секоја одлука има „ограничувања“: буџет, време, капацитет, компетенции, договори.
3. Брзина: прозорецот за добра одлука е краток; денес „доцна“ значи „скапо“.
4. Ризик и неизвесност: ретко имаме идеални информации, но мора да одлучиме.
Кога овие услови постојат интуицијата станува недоволна. Исклучително способни управители често прават исти грешки. Тие ги преценуваат последните настани, ги потценуваат ризиците со мала веројатност, се врзуваат за „познати решенија“. Прескриптивната аналитика носи дисциплина. Таа го моделира проблемот, ги симулира опциите и ја избира најдобрата алтернатива во рамките на реалноста.

Кога бројките почнуваат да советуваат
Една фармацевтска компанија очекува повисока побарувачка за одреден лек во следната сезона. Предиктивниот модел ќе покаже раст. Но, вистинската вредност почнува кога треба да се одлучи колку да се произведе, кога, во кои серии, каде да се испрати, како да се распредели капацитетот и како да се избегнат и недостиг и вишок. Прескриптивниот модел тука ја прави разликата. Тој пресметува сценарија според ограничувањата (машини, сменска работа, рокови, транспорт) и дава оптимален план, а не само прогноза.
Истото важи и за банките. Предиктивниот модел може да идентификува клиенти со висок ризик да доцнат со отплата. Прескриптивната аналитика одговара кои мерки да се применат, за кои клиенти, кога и со која комбинација, реструктурирање, советување, промена на лимити или понуди за рефинансирање. Таа бара баланс да се намали ризикот, а да се зачува односот со клиентот и профитабилноста. Практично, тоа е аналитика која штити и капитал и репутација.
Еден малопродажен синџир, пак, може да забележи пад на продажба во одреден регион. Предиктивната аналитика ќе предупреди дека падот ќе продолжи ако не се интервенира. Прескриптивната фаза тестира опции како промоција, корекција на цена, прераспределба на резерви, локална кампања, подобрување на асортиманот. Наместо „да пробаме нешто“, добиваме препорака кој пакет мерки ќе даде најголем ефект со најмал трошок и во кој временски период.
И во е-трговијата, каде што најскап проблем се напуштените кошнички, прескриптивната аналитика предлага конкретен потег. Таа тестира и споредува различни опции во критичниот момент на купување, поедноставено плаќање, купување без регистрација, временски ограничен стимул или персонализирана понуда и ја препорачува токму онаа комбинација што ја зголемува конверзијата со најмал удар врз маржата. Наместо општи совети се добива прецизна одлука заснована на пресметан баланс меѓу попуст, искуство на корисникот и профитабилност.

Методи и алатки за одлуки базирани на податоци
Прескриптивната аналитика е „моторот“ што ја претвора прогнозата во конкретен потег. Таа се потпира на унапредување и на моделирање за да ги спореди можните акции во рамките на реални ограничувања како буџет, капацитет, рокови, регулатива, човечки ресурси и да предложи решение што е најдобро според дефинирана цел (на пример: максимален профит, минимално доцнење, најдобар сервис, најмал ризик).
Во сржта на прескриптивната аналитика се методи и техники од операционите истражувања и вештачката интелигенција како линеарно и целобројно програмирање, динамичко програмирање, како и симулации на сценарија. Кога проблемот е премногу голем или сложен за „совршен“ оптимум се користат хеуристики и метахеуристики (на пример генетски алгоритми) кои брзо наоѓаат висококвалитетни решенија во огромен простор на можности. Во практика, ова значи дека моделот може да разгледа илјадници или милиони комбинации (распореди на производство, рути на испорака, распределба на буџет) и да ја избере онаа што ги исполнува условите со најмал трошок или со најголем ефект.
Клучна предност е што прескриптивните модели често се надоврзуваат на предиктивните, на пример прогнозираната побарувачка, ризикот или трендот стануваат влез во моделот за унапредување, а излезот е препорака за акција. На пример, ако прогнозата вели дека во следните две недели ќе расте побарувачката во одреден регион, прескриптивниот модел пресметува колку резерви да се пренасочат, кога да се испратат и со кои рути за да се минимизираат трошоците и недостигот.
Од аспект на алатки, покрај Python и R (за моделирање и за автоматизација), во прескриптивната аналитика централно место имаат решавачите за унапредување (solvers) кои брзо наоѓаат оптимални или најдобри изводливи решенија: како Gurobi или CPLEX. Облак-платформите овозможуваат скалирање на пресметките и на сценаријата, што е важно кога одлуките се носат динамично и во кратки рокови. Но, најважната „алатка“ не е софтверот, туку правилната формулација на проблемот, јасно дефинирана цел, мерка за успех и реални ограничувања. Затоа прескриптивната аналитика започнува со прашањето: „Која одлука носи најдобар исход под овие услови?“ и завршува со одговор кој може да се примени веднаш.
Посебно место во прескриптивната аналитика имаат и методологијата анализа на обвиени податоци и методата на аналитички хиерархиски процес. Анализата на обвиени податоци (ДЕА [DEA]) се користи за мерење на ефикасноста и на работниот учинок и за поставување цели за подобрување кај единици за кои се носат одлуки како што се: хотели, супермаркети, банки и нивни филијали, осигурителни друштва, производствени погони, магацини и логистички центри, болници и клиники, универзитети и факултети, училишта, истражувачки центри, јавни институции и општини, аеродроми и пристаништа, телекомуникациски оператори и нивни продажни места, малопродажни синџири и франшизи, енергетски капацитети, електрани, транспортни компании, туристички агенции и хотелиерски синџири, ИТ-сервисни тимови, па дури и поединечни проекти или програмски единици.
Аналитичкиот хиерархиски процес е особено корисна метода кога одлуката вклучува повеќе критериуми што често се во судир како цена наспроти квалитет, брзина наспроти сигурност, краткорочен ефект наспроти долгорочна одржливост. Методата ја разложува комплексната одлука на јасна хиерархија (цел, критериуми, алтернативи) и преку споредби во парови гради тежини што ја одразуваат релативната важност на секој критериум. На тој начин, аналитичкиот хиерархиски процес го претвора субјективното расудување во структурирана и во транспарентна анализа, овозможувајќи рационално рангирање на алтернативите и донесување одлука што е лесно објаснива и пред управителите и пред пошироката јавност.

Каде прескриптивната аналитика дава најбрз ефект?
1) Снабдување и логистика
Прескриптивната аналитика знае каде точно ќе настане проблем и што да се направи пред тој да се случи. Наместо панични повици и ад хок одлуки, моделите во реално време предлагаат оптимална прераспределба на резерви, нови рути и приоритети за испорака со јасна пресметка на трошокот и на последиците. Логистиката престанува да биде „гаснење пожари“ и станува интелигентен систем што се самокоригира.
2) Финансии и ризик
Во финансиите, прескриптивната аналитика ја претвора неизвесноста во контролирана игра, таа не прашува дали има ризик, туку како оптимално да се управува со него. Кога пазарите се „нишаат“, моделите веднаш предлагаат ребаланс, каде да се повлече капитал, каде да се засили позицијата и кои клиенти бараат проактивна интервенција. Наместо општи политики, управителите добиваат јасни, сегментни потези со пресметан ефект врз профитот и стабилноста.
3) Производство и операции
Прескриптивната аналитика најбрзо се исплаќа таму каде што секој час застојот чини пари. Таа однапред знае кога и каде ќе настане прекин во системот и препорачува точен момент за одржување, оптимална секвенца на производство и распоред на смените. Резултатот е тивка, но моќна трансформација како помал отпад, помал метеж и повеќе производство, без нови машини и без повеќе луѓе.
4) Маркетинг и продажба
Прескриптивната аналитика го прави маркетингот паметен, а не гласен. Таа одлучува кому, кога и со што да му се обратиш за да купи, без непотребни попусти и расфрлан буџет. Наместо интуиција, системот предлага точна комбинација на канал, на порака и на стимул, а продажните тимови знаат кого да контактираат прво и зошто. Ефектот е брз, повисока конверзија со зачувана маржа.
5) Човечки ресурси
Во човечките ресурси, прескриптивната аналитика носи нешто ретко, праведни и ефикасни одлуки во исто време. Таа покажува како точно да се задржат најдобрите луѓе, не со шаблонски мерки, туку со оптимален пакет по сегмент како менторство, развој, флексибилност или напредување. Наместо реакции по отказ, компанијата дејствува однапред и гради стабилни тимови со јасен план за идни лидери.
6) Јавни политики
Во јавниот сектор, прескриптивната аналитика носи ред таму каде што има притисок и ограничени средства. Таа одговара на најтешкото прашање и тоа што да се финансира прво за да се добие најголема општествена корист. Со јасно рангирање на проекти според ефект, ризик и правичност, одлуките стануваат транспарентни и објасниви, а јавните политики попаметни и поотпорни на шокови.

Иднината е унапредено сценарио
Клучната сила на прескриптивната аналитика е што не гради една „цврста“ иднина, туку создава спектар на сценарија со конкретни препораки. Наместо да се плашиме од неизвесноста, таа ја вградува во моделот при што за секоја одлука постојат алтернативи и „што ако“ варијанти, а моделите однапред ги разигруваат нивните последици. Така стратегијата не е права линија што се крши при прва промена, туку флексибилен пат кој може да се прилагодува и притоа да остане рационален и подобрен во секој момент.
На пример, авиокомпанија не се задржува само на прогноза за патнички сообраќај, туку гради „книга на игри“ како оптимистичко сценарио, песимистичко и неколку меѓу нив со план за летови, цени и екипажи за секоја варијанта. Ако се случи X, се активира потег A; ако се случи Y, потег Б без хаотична импровизација. Истото ова важи и за јавните институции. Буџетското планирање се врзува за интервали и за веројатности, не за една бројка; ако инфлацијата е 2 − 4 % се применува план A, ако отиде повисоко, план Б. На тој начин, организациите преминуваат од „гаснење пожари“ кон играње шах со иднината така што не само што ги читаат ризиците, туку однапред ги подготвуваат своите контрапотези.

Бизнисот што ја создава иднината, успева
Прескриптивната аналитика не е само збир на алгоритми и на модели, туку претставува начин на размислување, синтеза на податочната интелигенција и стратешката визија. Таа ја претвора комплексноста во јасност, неизвесноста во повеќе сценарија со кои може да се управува, а податоците во конкретни одлуки. Компаниите што ќе ја прифатат оваа филозофија не запираат на тоа да разберат што се случило или што би можело да се случи; тие одат чекор понатаму и активно креираат исходи. Не реагираат само на промените, туку ги насочуваат.
Во свет каде што секоја грешка има цена, а конкуренцијата е само на еден клик дистанца, способноста брзо и прецизно да се донесе вистинската одлука е можеби најголемата конкурентска предност. Од финансиите до маркетингот, од производството до човечките ресурси, организации опремени со овој „ГПС на одлучувањето“ ги претвораат предизвиците во можности и го претвораат хаосот во компетитивна предност. Не е најсилниот што опстанува, ниту најбогатиот, туку оној кој донесува попаметни и подобро пресметани одлуки побрзо од другите. Прескриптивната аналитика ја дава токму таа моќ, да се гледа нанапред, да се учи од податоците и да се дејствува однапред со сигурност. Во ерата на податоците, бизнисот кој умее да ја насочи својата иднина не чека таа да се случи, тој ја обликува.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано