Економија
БРИСЕЛ ЈА ОДЛОЖИ РАТИФИКАЦИЈАТА НА ТРГОВСКИОТ ДОГОВОР СО САД
04.03.2026
Европскиот парламент (ЕП) денес одлучи да ја „одложи“ ратификацијата на трговскиот договор меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави, по одлуката на Врховниот суд на САД со која се поништија глобалните тарифи на американскиот претседател Доналд Трамп, со барање Вашингтон да даде дополнителни појаснувања за примената на договорените тарифни стапки.
Пратениците во Комитетот за меѓународна трговија на ЕП гласаа да не продолжат со процесот на ратификација, велејќи дека сакаат јасни гаранции дека САД ќе ги почитуваат максималните тарифи од 15 проценти за повеќето производи на ЕУ, што беше договорено минатото лето.
Брисел ќе побара појаснување од американската страна дали останува на постигнатиот договор, како и дополнителни информации од Европската комисија, која е одговорна за трговската политика на Унијата.
Нов состанок е закажан за 17 март, кога ќе се донесе одлука за евентуалното продолжување на постапката, додека гласањето на пленарната седница би можело да се одржи на 25 и 26 март.
Трговскиот договор меѓу ЕУ и САД беше постигнат минатото лето, при што САД се согласија да воведат царини од 15 проценти за поголемиот дел од европскиот извоз, додека ЕУ ќе ги отстрани царините за повеќето американски индустриски производи.
Сепак, Вашингтон ја задржа царината од 50 проценти за увоз на челик и алуминиум од Европа, а во меѓувреме ги прошири тие мерки на дополнителни производи, што предизвика незадоволство кај некои европски пратеници, пренесува Еуроњуз.
Фото Економија и бизнис