Финансии / Банкарство

ШВАЈЦАРЦИТЕ ГЛАСАА НА РЕФЕРЕНДУМ ДОСТАПНОСТА НА ГОТОВИНАТА ДА БИДЕ УСТАВНО ЗАГАРАНТИРАНА, се гласаше и за посебно оданочување на брачните парови

Во Швајцарија денес се одржа референдум за неколку прашања: за намалување на таксата за јавниот сервис, за предлогот на парламентот за посебно оданочување на брачните парови, потоа предлогот достапноста на готовината да биде гарантирана со Уставот, како и иницијативата за создавање нов фонд за климата, објавува Swiss info.

Според излезните анкети, швајцарските граѓани ќе го отфрлат предлогот за намалување на надоместоците за јавниот сервис на SBC.  По затворањето на гласачките места, првите проекции покажуваат дека 62 проценти од граѓаните го отфрлиле предлогот за намалување на надоместокот за јавниот сервис, а  71 процент од гласачите се против создавање фонд за климата.

Во исто време, првичните резултати покажуваат дека 56 проценти од граѓаните ја прифатиле иницијативата за посебно оданочување на брачните парови, додека 73 проценти од гласачите го поддржале и предлогот за достапност на готовина.

На референдум, гласачите ја отфрлија иницијативата за намалување на надоместокот за јавниот сервиз од 335 швајцарски франци (436 долари) на 200 швајцарски франци (260 долари) по домаќинство.

Мнозинството граѓани, исто така, ја изразија својата поддршка за иницијативата за индивидуално оданочување на брачните другари. Според сегашниот систем, брачните двојки во Швајцарија се оданочуваат заеднички врз основа на единствена даночна пријава. Според реформата одобрена од Парламентот, брачните двојки сега ќе се оданочуваат на ист начин како и невенчаните двојки, при што секој брачен другар ќе мора да пополни посебна даночна пријава и затоа ќе се оданочува по стапка базирана исклучиво на сопствениот приход.

На референдумот се одлучи и за иницијативата „Готовината е слобода“, која има за цел да ја вклучи достапноста на банкноти и монети во швајцарскиот устав.

Според неодамнешна студија на Швајцарската национална банка (SNB), Швајцарците сакаат готовината да остане достапна, иако ја користат поретко отколку во минатото.

Иницијативата ја покрена комитетот наречен Швајцарско движење за слобода, познат по своите кампањи против задолжителната вакцинација.

Според првите проекции, иницијативата за создавање федерален фонд за поттикнување на развојот на обновливи извори на енергија и заштита на биодиверзитетот во земјата не успеа, бидејќи 71 процент од гласачите се против неа. Владата и парламентарното мнозинство тврдеа дека планот е прескап и дека ќе има ограничено влијание, истакнувајќи дека Швајцарија веќе троши околу 2 милијарди швајцарски франци годишно за климатски и енергетски мерки, како и 600 милиони швајцарски франци за биодиверзитет, пренесува Еуроњуз.


Фото Економија и бизнис

 

ПРЕПОРАЧАНО