Убава Македонија

СТИБЕРА И ВИСОКА

Александар Матески

Стибера и Висока се вистинските археолошки репрезенти во Северна Пелагонија. Сè уште недоистражени, истовремено се вистинска енигма за научниците, но и плодна почва за одржување на бројни легенди и тези за нивниот вистински лик и вистинското значење во минатото. Северна Пелагонија има многу што да понуди од археолошкиот туризам. Тука, се разбира, се локалитетите околу Прилеп, Маркови кули, Трескавец, Кукул, Сурун, западно во близина на селото Дебреште, Зрзе, Алкомена во близина на селото Бучин, но посебно импресивни се локалитетот Висока во атарот на селата Бонче и Подмол и античкиот град Стибера.

Градот Стибера се наоѓа во близина на селото Чепигово. До селото се приоѓа низ селото Тополчани, некаде на средината на регионалниот пат Прилеп‒Битола (на околу дваесетина километри). Градот е лоциран во близина на Црна Река. Во градот, за кој се претпоставува дека бил живеалиште на над 20.000 жители, откриени се бројни скулптури што биле поставени во храм посветен на божицата на судбината Тихе, а откриен е и еден гимназиум. Поради богатите наоди и значајните статуи што се откриени, оправдано го носи ептитетот македонска Помпеја. Дел од статуите се наоѓаат во прилепскиот музеј, во музеите во Скопје, еден дел беа изложени пред зградата на Владата, а непознат број сè уште се во почвата. Се претпоставува дека од градот е откриен само 1-2%, што значи дека допрва претстојат значајните откритија. Стибера егзистирала од 3 век пред нашата ера до 3 век од нашата ера. За жал, и овој локалитет како и многу други во 2006 година беше сведок на дрска кражба кога веднаш по откривањето на импозантната скулптура во природна големина ѝ беше отсечена и украдена главата. Посебно ќе биде интересно ако се покажат вистинити очекувањата на дел од археолозите дека во локалитетот се крие и театар.

Бонче, заборавено и речиси иселено село на границата на Пелагонија со Мариово со околу триесетина жители, во последно време се споменува само во конотација со локалитетот Висока и кралската гробница. Главно потрагата по раноантичкиот град Пелагонија, главниот град на Македонија Четврта, е токму во тој дел, врвот Висока и подножјето на планината. Посебно импресивен е киклопскиот ѕид и влезот во најверојатно кралската палата (акрополата) на самиот врв висок 1.521 метар надморска височина. Локалитетот е стратешко место со поглед на половина Пелагонија, од едната страна и голем дел од Мариово на спротивната страна. А долу во подножјето е најверојатно најголемата гробница пронајдена во државава. До гробницата се влегува низ тунел долг 11 метри и висок 3 метри, изработен од фино обликувани камени блокови со тежина и до 3 тони. Вистинско мајсторство. Целата гробница е со дијаметар од триесетина метри. Претпоставките се дека ваква грандиозна градба може да била посветена само за некој крал или друг висок достоинственик. За жал, гробницата била ограбена уште во третиот век, но она што останува е целосно да се истражат кралската палата и целата околина. Токму на тоа место беа откриени и бронзените штитови со шеснаесеткракото сонце кои припаѓале на ветеран во гардата на кралот Деметриј. Денес се изложени во Археолошкиот музеј на Македонија. За разлика од Стибера, што е лоцирана веднаш до патот, за посета на Висока е потребно солидно искачување за што, секако, е неопходно доста време, но и добро планинарење.

Најмалку еднаш годишно од страна на прилепските планинарски друштва се организира искачување на врвот Висока и посета на кралската гробница, па оние кои мислат дека нема да се снајдат сами или дека ќе пропуштат нешто од овој мистичен локалитет најдобро е да ги следат планираните акции и да се придружат на заедничките искачувања. Она што недостига за посетителите се подостапни сознанија за локалитетите. Но, некогаш и не е неопходно да ги имате сите информации на дланка, убаво е и сами да ја развивате имагинацијата за тоа каков бил еден свет што исчезнал пред милениуми.

 

м-р Александар Матески

ПРЕПОРАЧАНО