Општество

ДОСИЕ: БЕРНИ САНДЕРС

Мирослав Саздовски

Изминативе изданија на „Економија и бизнис“ се занимаваме со новата политичка парадигма што ги освојува политичките центри низ светот. Од аспект на пристапот до довербата на гласачите се работи за една нова доктрина што претендира да ја исфрли досегашната конвергенција на левите и на десните партии кон центарот. СИРИЗА во Грција, ПОДЕМОС во Шпанија, Корбин во рамките на лабуристите во Британија, ги претставуваат главните претставници на таканаречената радикална левица што не само што го освојува политичкиот простор туку и веќе во неколку наврати ја исфрли сега веќе конзервативната социјалдемократската опција од просторот на левицата. Како што видовме, во некои земји тоа значеше овенување на досегашните леви опции (Грција, Шпанија), а во некои тоа значеше реформи внатре во партиите (Британија и донекаде Франција). Бројни аналитичари истакнуваат дека ова е бран што не само што не е завршен туку и допрва се очекува новата левичарска доктрина да ги зарази политичките маси во Европа. Од другата страна, барем што се однесува до Европа, освен некои остатоци на популистичките автократи на периферијата од континентот или ултрадесничарски авантуристи кои рециклираат веќе здодеани националистички и неонацистички теми внатре во старата Европа, европската десница удобно и комфорно (и на многу места на власт) ја набљудува оваа револутивна политичка промена кај левицата.

За разлика од конзервативната Европа, потребата за оддалечување од политичкиот центар во САД се појавува во двата табора. Дополнително политичката контроверзност во САД натежнува кај десницата каде што популистичкиот кловн Доналд Трамп целосно ги измеша картите во републиканската трка за претседателски кандидат. Иако на почеток како шоумен и политички аутсајдер, во текот на кампањата, а особено низ дебатите, контроверзниот милијардер со хируршка прецизност го погоди политичкото либидо на републиканските гласачи и обезбеди незапаметена партиска предност пред останатите кандидати. Како и кај останатите радикали, неговата политичка енергија доаѓа од бескомпромисноста што тој ја покажува за неутралните гласачи и евентуално гласачите од останатиот табор. Со тоа тој обезбедува огромна предност во рамките на републиканците и во моментов, доколку нешто непредвидено не се случи, може да се предвиди дека тој ќе биде републиканскиот кандидат во трката за претседател. Сепак, за политичка анализа секогаш е поинтересна левицата. Иако со мало задоцнување, она што започна како „Окупај“ и“„Ние сме 99%“ движење, по неколку години доби свое реално политичко остварување.

Демократски социјалист – така себеси се опишува Берни Сандерс кога ќе го прашаат за неговата идеолошка определба. Самиот избор на зборот социјалист во својот личен бренд слоган ја покажува цврстината со која Сандерс влегува во политичката борба. За разлика од Европа, самиот збор социјалист на американско тло емотивно се поврзува со политичките трауми од времето на Студената војна и се доживува како напад на американската колективна придобивка – либералниот капитализам. Како што ќе изјави Бил Маер при гостувањето на Сандерс во неговото шоу – „Сега ние кои те поддржуваме мора одново да го објасниме зборот социјалист“, алудирајќи на недостатокот од политички компромис при формирањето на личниот слоган на Берни Сандерс. Но, токму бескомпромисноста и цврстината при формирањето на политичките ставови низ текот на кампањата (сѐ уште трае) во рамките на Демократската партија за избор на претседателски кандидат прераснаа во најголемата предност на Берни Сандерс. Па така, на почетокот на оваа година Берни Сандерс беше практично политички непозната варијабла за пошироката јавност со поддршка од едвај 1% кои доаѓаа од неговата политичка база во Вермонт од каде што како независен кандидат е избран за сенатор и најмногу од ареата околу градот Бурлингтон од каде што и започна неговата кариера како градоначалник, функција што, исто така, ја освои како независен кандидат. Официјално во претседателската трка во рамките на Демократската партија влезе во мај оваа година со поддршка од околу 6% што, иако претставува неколкукратно зголемување на својата политичка база, сѐ уште го става во рангот на политичките аутсајдери во рамките на демократите каде што доминираат Хилари Клинтон со поддршка од околу 60% и Џо Бајден со околу 20%.

Американската конвергенција кон политичкиот центар беше нарушена кон крајот на минатата деценија кога големите финансиски корпорации ја напукнаа привидната економската хармонија на либералниот капитализам. Недостатокот од социјална правичност, грижа, но најмногу економската нееднаквост уште од поодамна беа теми на кои политичките „меинстрим“ елити во САД немаа задоволителен одговор. Колапсот на големите финансиски корпорации кои, поради својата централна улога во економскиот модел на капитализмот, не смееја да пропаднат доведе до сериозни кредитни интервенции од страна на централната банка на Америка (илјадници милијарди бескаматни кредити), како и огромни санирања од страна на фискалните власти преку финансиски инјекции со парите на даночните обврзници. Тоа пак доведе до револутивен излив на политички бунт, особено кај младите генерации кои ниту го создале ниту го барале овој цврст капитализам. Така во 2011 година настана движењето „Окупај“ што под слоганот „Ние сме 99 проценти“, покрај борбата со финансиските корпорации, како идеолошка матрица го презеде реформирањето на либералниот капитализам и, најважно, реформа на системот за намалување на економската нееднаквост. Движењето иако оствари значаен политички активизам на младите и прогресивни сили во американското општество, сепак не успеа да создаде автентичен политички естаблишмент кон кој би гравитирала политичката енергија. Појавата на Берни Сандерс на политичката мапа се смета за идеолошка ренесанса на движењето „Окупај“ и во таа смисла се објаснува брзиот раст на неговата популарност, особено во сегментот на младата и прогресивна популација. 

Идеолошката рамка на Берни Сандерс содржи бројни елементи кои претставуваа контроверзни политички ставови за американското општество. Еден од овие елементи претставува намалувањето на сиромаштијата преку административно удвојување на минималната „саатница“ до 2020 година. Иако навидум популистичка мерка за освојување на сиромашните слоеви во американското општество, ваквата интервенција на државата се смета за политичко богохулење на темелите на либералниот капитализам. Тоа не само што е тешко сварливо за пошироката јавност туку претставува и отворена политичка војна со бројните лобија на американските корпорации. Вториот елемент претставува ослободување од партиципацијата во државните високообразовни институции. Повторно за нас кои потекнуваме од европските политички традиции не се работи за премногу контроверзна мерка, но за американските прилики тоа би значело отворена војна со големите образовни компании и лоби групи. Натаму се редат: мерките за намалување на загадувањето и заострување на условите за еколошки неоправданата екстракција на нафта од шкрилци; прогресивно зголемување на даноците на богатите и воведување на посебни даноци за берзанските трансакции; раскинување на азиските трговски договори, пред сѐ со Кина, како и ревизија на интерамериканските трговски договори „NAFTA“ и „CAFTA“, а сѐ со цел запирање на креирањето на работни места од страна на американските корпорации надвор од границите на САД; промена во надворешната политика на решавање на проблемите со сила итн. Овие мерки, иако контроверзни за американските прилики, многу повеќе ја изразуваат подготвеноста на Берни Сандерс за бескомпромисна борба со корпоративната Америка отколку што претставуваат контроверзен избор за американските гласачи.

Од аспект на контроверзноста, поголем степен на радикализам Сандерс покажува на таканаречените општествени и граѓански прашања. Во неговото портфолио се наоѓаат целосната легализација на марихуаната, целосно изедначување на хомосексуалните со традиционалните бракови, правото на здравствена услуга според државјанството, реформи на полицијата, вклученост на малцинските групи итн. Во таа смисла, политичките аналитичари на почетокот го прогласија Берни Сандерс за неизбирлив кандидат со премногу радикални ставови кои американската публика не е подготвена да ги прифати и кој не може да смета на поддршка од ниедна голема лоби групација во Америка. Овој хендикеп претставува еден од најважните и најзначајните атрибути на политичкиот феномен Берни Сандерс. Тој уште на почетокот јавно најави политичка борба на средната и на ниската класа против корпоративната Америка. Борбата за отфрлање на корпоративното влијание во политичкиот процес започна со неговата одлука да се откаже од класичното спонзорирање на неговата кампања преку компаниски донации и ги повика граѓаните, преку мали донации, да ја помогнат неговата политичка борба. Ова не е нов рецепт и тој донекаде беше спроведен и во рамките на кампањата на Обама. Велам донекаде затоа што Сандерс за првпат целосно се откажа од таканареченото „Супер ПАК“ спонзорирање и одлучи финансиски да се потпре само на малите донации од поединците. По објавата, неговиот Штаб за само 24 часа собра преку 1,5 милиони долари, сума што во наредните 5 дена беше дуплирана на 3 милиони долари добиени од преку 75 илјади донации, во просек по 43 долари секоја. До крајот на септември донациите на Сандерс достигнаа 26 милиони долари, само два милиони долари помалку од фаворитката Хилари Клинтон која за својата кампања организираше десеттина донаторски конференции. Всушност успешноста во собирањето на мали донации од страна на Сандерс, по својата големина, го надмина успехот на Обама во кампањата за неговиот прв мандат, што дотогаш беше сметано за политичко чудо.
Она што дополнително ги изненади политичките аналитичари во САД беше успешноста на теренското претставување на Сандерс во рамките на својата кампања. Луѓето од градовите низ Америка покажаа огромен интерес за неговите настапи, а неговите контроверзни политички позиции му обезбедија фанатична поддршка. Според бројноста и енергијата може да се забележи дека и во сегментот на теренски активности се рушат досегашните рекорди. Дури и самиот Сандерс изјави дека е изненаден од присуството и поддршката, и дека тоа не го очекувале ни во најоптимистичките претпоставки. Колку за споредба, на собирот во Медисон, Висконсин, во јули присуствувале преку 10 илјади граѓани или приближно двојно повеќе отколку на собирот во истиот град што го организираше Хилари Клинтот претходно. Или во Портланд, Меин, во град со нешто помалку од 70 илјади жители, на неговиот настап присуствувале близу 10 илјади граѓани. Тоа не само што претставува рекорд на некој политички настан за Портланд туку и меѓу повисоките индекси на релативна присутност воопшто во Америка. Каде и да настапува, Сандерс обезбедува огромна присутност, еуфорија и огромен број поддржувачи, што силно влијае на раст на неговиот рејтинг. Па така, за само неколку месеци, рејтингот на Сандерс во рамките на Демократската партија се зголеми на 25% и со тоа го надмина рејтингот на Џо Бајден кој остана под 20%. Со тоа Сандерс стана единствениот кандидат кај демократите кој сериозно може да ја наруши дотогаш комотната позиција на Хилари Клинтон за претседателска кандидатка. Веднаш по првата внатрепартиска дебата на демократите, Џо Бајден одлучи да не учествува во партиската трка за претседателски кандидат со што на располагање за останатите кандидати го стави контингентот гласачи од околу 20 процентни поени. Со тоа трката кај демократите станува уште понеизвесна, особено што Џо Бајден, иако сѐ уште нема „ендорсирано“ ниеден кандидат, нескриено покажува симпатии кон Берни Сандерс.

Америка е најсилната демократија на светот со највисок степен на дистрибуција на политичката енергија од граѓаните во рамките на елитите. Ќе беше навистина чудно еден нов светски бран на политичка доктрина да ја одминеше оваа сцена. Дополнително политичкиот ПР во Америка е на највисоко ниво, па ќе беше изненадување доколку новите текови на политичка комуникација не се појавеа и таму. Напротив, овие претседателски избори ќе покажат дека новата парадигма не само што е навлезена во американскиот политички систем туку и голем дел од останатиот свет ќе гравитира кон новата политичка доктрина која ќе произлезе по американските избори за претседател. Без разлика дали тоа ќе биде првиот атеист кандидат за претседател кој отворено ѝ објавува војна на корпоративната Америка (Сандерс) или првата жена-кандидатка за претседателка која умешно кокетира со новите прогресивни сили без да ја загрози позицијата од која доаѓа (Хилари), демократите на крајот ќе мора да одберат преседан кој ќе им обезбеди солидна одбрана од новото популистичко цунами кај републиканците, претставено во ликот и делото на Доналд Трамп. По подолго време Америка ја очекува вистинска идеолошка борба што не само што ќе остави силна трага во американското општество туку и ќе претставува политички светилник во ревизијата и реформата на политичките парадигми и доктрини во рамките на останатиот демократски свет.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано