Убава Македонија

ДЕВИНИ КУЛИ И ПЕШНА

Александар Матевски

 

Доколку сте за патување во средниот век во Македонија и за совршена комбинација на природни убавини, река, пештера, тврдини, историја, легенди и убава храна, тогаш Девини кули и Пешна се местата кои задолжително треба да ги посетите.
Девини кули се наоѓаат во срцето на Македонија, во непосредна близина на Македонски Брод, поточно на приближно 7 километри кога се движите во насока кон Самоков. Тврдината се наоѓа на рид што се издигнува скромни 75 метри над реката Треска. Не може, а да не се забележи главната кула на ридот. Сведок за историското значење на областа се и легендите дека токму тука живееле две од четирите сестри на Крали Марко, Дева и Пеша. Првата живеела во кулата, како најсилно бранета тврдина во целиот регион, а другата живеела во тврдината во пештерата. Колку има вистина во легендите никогаш нема да се знае, но неспорно е дека најголемиот процут областа го доживуваат токму во периодот кој се поклопува со владеењето на Крал Марко. Иако изгледа доста блиску, главна пречка за да се стигне до кулите е реката Треска, попозната во минатото како Велика. Едниот пристап е преку селото Девич каде што постои и мост, а другата варијанта е да се прегази реката. Сепак мора да се има предвид дека реката може да има доста висок водостој и да не може да се премине лесно. Централно место на највисокиот дел на ридот има камената кула со зачувана висина од околу пет метри. Оттука се отвора најубавиот поглед кон отворот на пештерата Пешна. Најдобро се гледа грандиозноста на пештерата. Изгледа чудно, невистинито, па дури и страшно.


Во подножјето на ридот, непосредно до реката, се наоѓа и црква за која се претпоставува дека е изградена во 14 век. Црквата не може лесно да се забележи и од тие причини е многу ретко посетувана. Иако мала, црквата е прекрасно градена. За жал, не се зачувани никакви фрески, дел од покривот е веќе срушен под дејство на атмосферските влијанија и е неопходна интервенција за зачувување на овај бисер скриен од очите на туристите.


Пешна, пак, од спротива, е пештерата со најголем отвор во Република Македонија и на Балканот. Големина која тешко може да се фотографира. Висината на отворот е 40 метри, 124 метри е должината на пештерата и 56 метри е широчината на отворот. Пештерата е дом на голем број ластовички, а има и лилјаци кои тешко можат да се забележат преку ден. Вистинско време за посета е во пролет или во доцна есен кога од пештерата избива многу силен вруток што целосно пресушува во текот на летото. Претпоставките се дека водата понира од селото Крапа што се наоѓа на повисока надморска височина. Во самата пештера се наоѓаат и остатоци од некогашната средовековна крепост и остатоци од стара воденица. За пофалба е означеноста на пештерата со информативна табла со податоци за неа, но и направената патека до самиот влез. Покрај самиот пат се наоѓа и античка гробница која е празна и отворена. Веднаш се забележува визуелната комуникација на пештерата и утврдувањето во неа со тврдината во близина на Девич, што потврдува дека тврдините имале стратешка улога во средниот век за контролирање на целокупната област. За убавината на пештерата говори и фактот што Пешна во „Њујорк тајмс“ е споредена и со сцените од филмот „Господарот на прстените“.


Во близина на локалитетите се наоѓаат мотелот „Пешна“ и други угостителски објекти, па комбинирањето на прошетката со добро приготвена свежа риба од локалните рибници е неминовно.
За локалитетот „Девини кули“ интересни податоци дава проф. Иван Микулчиќ во неговото дело „Средновековни градови и тврдини во Македонија“ каде што покрај Девини кули се сместени и значајни податоци за Белица, Заград, Здуње, Ижиште и Модриште, за сите крепости од средниот век во Поречијата.

 

ПРЕПОРАЧАНО