Убава Македонија

ЈАБЛАНИЦА

Александар Матевски

Баба Планина со врвот Пелистер (2.601м н.в.) и Галичица со врвот Магаро (2.255м н.в.) се најпознатите планински убавици од кои се протега најдобар поглед кон Преспанското и Охридското Езеро. Со статус на национален парк, и двете планини имаат одличен капацитет за развој на туризмот и за одржување на богатиот биодиверзитет.
На другата страна, преку Охридското Езеро, е Јабланица, планина која се протега во правец север-југ, а по самиот срт се движи и граничната линија со Албанија.


Вишни, Октиси, Горна Белица, Лабуништа, Бороец и Јабланица се само дел од населените места на падините на оваа планина. Од целиот реон најдобро познато е с. Вевчани познато по прекрасните вевчански извори, одличната храна, црквата „Свети Никола“, водениците од кои само уште една е во функција, музејот на Михајло Пупин чии семејни корени се токму од Вевчани, Вевчанскиот карневал и уште многу друго.


Сепак скриените и вистински убавини се неколку километри погоре. Најдобар пристап до планината, доколку сакате да го освоите највисокиот врв, е преку с. Вевчани и Горна Белица. До Горна Белица се приоѓа по солиден, но тесен асфалтиран пат. Селото е на над 1.300 метри надморска височина. Без постојани жители, село кое некогаш било со доминантно влашко население, а денес прераснато во позната викенд населба со убави викендички. Во пазувите на густите шуми се крие богат животински свет. Ако разговарате со локалните жители, сигурно дека ќе ви пренесат сведочења за честите напади над стоката од страна на мечките (цанцори). Патот кон врвот оди над селото паралелно со Беличка Река. Од левата страна е врвот Чумин Врв. Импресивно и диво. На десната страна од Беличка Река, во близина на Чумин Врв, се наоѓа и од скоро изградената црква „Света Троица“ во месноста Парумба. Патеките за движење се одлично обележани и прошетката е вистинско уживање. Движењето е најдобро да биде во група и претпазливо, пред сè, од кучињата, чувари на стадата овци, кои често доаѓаат и од албанската страна.


Најгоре, по околу 2,5 часовно движење, е највисокиот јабланички врв, Црн или Церн Камен, висок 2.257 метри. Доколку ве послужат временските услови, погледот е незаборавен. На Јабланица има четири постојани леднички езера. Од самиот врв се отвора поглед кон Вевчанското Езеро и Подгоречкото Езеро, именувани по најблиските села. Другите две се Лабунишката горна и долна локва. Но, нив не можете да ги видите од Црн Врв.
Вевчанското Езеро е на надморска височина од околу 2.000 метри. Тоа е без жив свет во него, со големина која варира, со просечна ширина од 64 метри и должина од 126 метри. За споредба, езерото е поголемо од фудбалски терен. Длабоко над 4 метри, езерото за похрабрите се користи и за разладување во летните жештини. Опкружено е со необични камења во црна боја, по кои најверојатно го добил името и самиот врв, Церн Камен на вевчански говор.
Идеална локација е за изградба на нов планинарски дом, слично како планинарскиот дом посветен на Димитар Илиевски - Мурато на Големото Езеро на Баба Планина. Но, само ако успешно се вклопи во недопрениот амбиент на планината. Во спротивно, најдобро е да не се презема ништо. Јабланица е прекрасна причина да искористите дел од посетата на охридскиот регион и за посета на планина и да ги откриете прекрасните убавини што ги нуди. Доколку ја посетите планината по некој дождлив период можете да пробате и од прекрасните печурки кои ги има во изобилство, познатите домашни колбаси во Вевчани (луканци) и посебно подготвените полжави.


Есента би било идеалното годишно време за една ваква ревитализирачка прошетка бидејќи буковите шуми низ кои ќе поминете ќе ви приредат вистинска магија со единствените есенски бои. Секако и летниот период би бил одличен избор со тоа што Јабланица ви ја нуди ретката можност задоволството од искачен врв да го збогатите со разладување во Вевчанското Езеро.

ПРЕПОРАЧАНО