Општество

ГЛОБАЛИЗАЦИЈА - ZEITGEIST НА НОВАТА РЕАЛ ПОЛИТИКА

Мирослав Саздовски

 

 


Светската дипломатска активност, или подобро, светската реал-политика секогаш била соочена со големи предизвици. Денес светот е под силна закана од милитантни групации како што е ИСИС, кои не само што претставуваат регионална безбедносна закана, туку и голем извозник на проблеми. Хуманитарната катастрофа од епски димензии со бегалската криза претставува вистински пример за тоа како локалните и регионални безбедносни закани претставуваат предизвик за целиот свет. Покрај ИСИС и бегалската криза, светот денес е во постојана неизвесност врзана со забегувањето на Путиновиот режим, напливот на дисинтегративен популизам во Европа од латино-американски карактер, прелевањето на кинескиот економски балон итн. Општ е заклучокот дека под напливот на глобализацијата и интеграцијата, светот денес е соочен со далеку подиверзифицирани предизвици од времето на ладната војна. Затегнатоста на односите во минатиот век предизвикана од светската политичка поделеност на блокови, претставуваше насилен мир кој многу често наместо да ги решава, проблемите ги ставаше под воен и дипломатски тепих, но тоа претставуваше нивно конзервирање кое не дозволуваше истите да се прелеат и да ја прошират својата деструктивност. Оваа година, некои од овие напластени и долго време потиснати проблеми беа изваден на површина и иако не целосно решени, несомнено се поставија на вистински колосек.


ИРАН
Летово, европската администрација, потпрена на моќта која доаѓа од големите европски сили, Германија, Франција и Англија, покажа значителна издашност во постигнување дипломатски успеси. Додека со лева рака постигнаа блиц-криг дипломатски успех во Македонија што резултираше со таканаречениот „Договор од Пржино“, на големата геополитичка сцена Европа ја демонстрираше својата моќ најпрво преку стабилизирање на конфликтот во Украина, а подоцна и во дисциплинирање на разгалените популистички авантуристи во Грција. Сепак, додека полека се затвораа овие „локални“ предизвици, светската политичка елита, предводена од европската дипломатија, успеа да го отплетка Гордиевиот дипломатски јазол во односите со Иран и обезбеди потпишување на Иранскиот нуклеарен договор. Прво, по безмалку двегодишните преговори кои на моменти делуваа дека ќе пропаднат, на 2 април се потпиша рамката за изнаоѓање решение, а неколку месеци подоцна, на 15 јули конечно се потпиша и историскиот договор. Иако за нас релативно апстрактен и далечен, Иранскиот нуклеарен договор претставува вистинска дипломатска пресвртница во решавањето на едно од оние долгорочни светски предизвици кои внимателно се чуваа „под тепих“ и претставуваа постојан катализатор за предизвикување нови конфликти. Во кратки црти се работи за договор со кој Иран се согласува на бројни промени во својата нуклеарна програма, кои воглавно се состојат од намалување на нивниот капацитет за производство на нуклеарно гориво и други потребни елементи за производство на нуклеарно оружје, притоа, задржувајќи го капацитетот за производство и развој на енергија од нуклеарни извори за цивилни потреби. Па така, според договорот, Иран ќе ги намали залихите на ураниум за 98%, ќе го намали бројот на центрифугите кои служат за збогатување на ураниумот од 20.000 на нешто повеќе од 5.000, ќе ги пренамени досегашните постројки од нуклеарната програма во согласност со меѓународните норми итн. Според релевантните експертски мислења, со примената на договорот, Иран ќе ја оддалечи можноста да произведе нуклеарна бомба на една година. Тоа се смета за клучната придобивка, со која западните лидери настапија на своите домицилни политички сцени, барајќи ратификација на договорот. Иако со бројни негативни коментари кои најчесто доаѓаат од десничарските политички елити, голем број државници (преку 90) го поздравија овој историски договор, сметајќи го за почеток на едно ново поглавје во односите меѓу Иран и останатиот свет. За возврат, западниот свет се согласи да ги укине санкциите кои беа наметнати токму поради Иранската нуклеарна програма а кои досега беа спроведувани од страна на Америка, Европската унија, како и Обединетите нации.
Во далечната 1953 година, претседателот на САД, Ајзенхауер, во седиштето на Обединетите нации го одржува контроверзниот говор наречен „Атоми за мир“, со кој САД, покрај обидот за контрола на употребата на нуклеарна енергија, ја отпочнуваат програмата преку која обезбедуваат опрема и материјал за цивилна употреба на нуклеарното гориво за повеќе земји од светот. Истата година, како дел од надворешните операции на тајните служби на Америка и Англија, во Иран се спроведува воен пуч преку кој на власт повторно се враќа Шахот Мохамед Реза Пахлави кој во наредните две децении прилично автократски и со огромна поддршка на Америка и Англија „прозападно“ ќе владее со Иран. Во тој период, Иран, како сојузник на западниот блок, станува дел од програмата „Атоми за мир“, преку која Америка за прв пат го снабдува Иран со технологија и гориво за развој и производство на нуклеарна енергија за цивилна употреба. Сѐ до Иранската револуција во 1979 година, Иран ги потпишува сите релевантни договори и протоколи за ограничена употреба на нуклеарната енергија и станува земја која се обврзува за неупотреба на нуклеарното гориво во воени цели. По иранската револуција во 1979 година, на власт во Иран доаѓа долгогодишниот ирански дисидент Хомеини, кој својата политичка доктрина ја гради врз антизападни, и претежно, муслимански вредности. Во наредната деценија, Хомеини силно ја критикува Иранската нуклеарна програма и таа практично се распаѓа. Покрај фактот што најголемиот број научници бегаат од земјата при револуцијата, Иран дополнително е оптоварен и со еднодецениската војна која набргу по револуцијата ја отпочнува Ирак. Подоцна, откако завршува војната со Ирак, Иран ја обновува нуклеарната програма, најпрво со огромна помош од Пакистан, а подоцна и на Русија и Кина. Кон крајот на минатиот век завршува „Студената војна“, но како рецидив од геополитичките игри, проблемот со нуклеарната програма на Иран останува, а дотогашните поддржувачи Русија и Кина, иако неофицијално, сѐ уште ја одржуваат оваа геостратешка соработка, со што се формира политичкиот Гордиев јазол. Иран, не само што не сака да ја ограничи својата нуклеарна програма, туку и активно работи на обезбедување на нуклеарно гориво како од домашни извори, така и преку каналите за криумчарење на гориво од африканските земји. На почетокот од новиот век, овој рецидив од ладната војна прераснува во еден од посериозните меѓународни предизвици кои на зелена маса ги става најголемите сили, токму оние кои и го создадоа проблемот. Работите добиваат на интензитет во 2005 година, со изборот на тврдокорниот Махмуд Ахмадинеџад за Претседател на Иран. Ахмадинеџад ги поништува сите дотогашни протоколи за ограничување и надзор на Иранската нуклеарна програма и ја засилува програмата за збогатување на ураниумот, што е основен предуслов за да се оствари можноста за производство на нуклеарна бомба. Сé до 2010 година, Советот за безбедност на Обединетите нации носи серија на резолуции со која се воведуваа санкции кон Иран, а која на крајот резултира со формирање на таканаречената П5+1 група, во која покрај постојаните земји членки на Советот за безбедност на ОН, Америка, Англија, Франција, Русија и Кина, влегува и Германија. Подоцна на оваа група се приклучува и администрацијата на Европската унија која ги предводеше последните преговори, а кои резултираа со дипломатски успех и потпишување на Договорот кој претставува акциски план за демилитаризирање на нуклеарната програма на Иран.

КУБА
И додека Европската унија ја демонстрираше својата моќ во реал-политиката и дипломатијата, на другата страна од светот, малку изненадувачки, американската администрација предводена од претседателот Обама, за прв пат по 50 години, го развеа американското знаме и ја отвори амбасадата на Америка во главниот град на Куба – Хавана. Обновувањето на дипломатските односи, следи по изненадувачки брзото затоплување на односите меѓу двете земји, кое двата претседатели Барак Обама и Раул Кастро, го најавија уште на 17 декември 2014 година, нешто што во светската политика беше именувано како „Кубанско затоплување“. Ова затоплување на односите следи после двегодишните активни, но скриени од јавноста, преговори чии главен патрон е Папата Франциско. Во серија одвоени и тајни средби на американската и кубанската администрација, одржани на територијата на Канада и Ватикан, двете земји ги договориле деталите од договорот, а во текот на преговорите го поткрепиле со активности за затоплување од двете страни, како што е размена на затвореници и ослободување на дисиденти. Иако главен симбол на затоплувањето на односите претставува отворањето на амбасадите, овој договор предвидува и укинување на бројни рестрикции, како што се ограничувањата за трансфер на луѓе, производи и капитал. Со тоа практично завршува повеќедецениското ембарго кое САД го наметнаа врз Куба во 1961 година, проследено со реципрочни мерки за отворање на кубанската економија и зголемување во заштитата на основите човекови права.
Уште во 18 век како шпанска колонија, Куба, најпрво преку нелегалната трговија, а подоцна и со отворање на неколку пристаништа за американските бродови, ги развива трговските односи со Америка. По распадот на шпанската колонијално владеење со јужна Америка во 1820 година, Куба и Порторико остануваат единствените земји кои не успеваат да обезбедат независност од шпанското владеење. Во тој период американската политика е под силно влијание на таканаречениот „Судбински манифест“, верување според кое американската нација е предодредена да го владее и наметне своето мислење на остатокот од новиот континент. Сѐ до крајот на 19 век, САД покажуваат сериозен интерес за независноста на Куба од шпанското владеење, и нескриени желби Куба да стане уште една држава во федерацијата на Соединетите Американски Држави. За таа цел тие во неколку наврати имаат неуспешни обиди да ја откупат територија на Куба од шпанската империја, водени од претходно успешните вакви политичко-финансиски трансакции со Луизијана, Флорида, Девствените острови, Аљаска, итн. Дури кон крајот на 19 век, со американската интервенција во таканаречената Кубанската борба за независност, Шпанија е приморана во 1898 година да го потпише мировниот договор во Парис, со кој Куба и официјално станува американски протекторат. Интересно, при одобрувањето на американската интервенција во Куба од страна на Конгресот, под влијание на неколку политички групи, вметнат е таканаречениот „Телеров амандман“, именуван според предлагачот сенаторот Хенри Мур Телер, со кој САД ја исклучуваат можноста од анексија на Куба. Подоцна, при остварувањето на целосната формална независност во 1902 година, од страна на Куба е прифатен таканаречениот „Платов амандман“, именуван според предлагачот, сенаторот Орвил Хичкок Плат, со кој Куба се согласува со правото на САД воено и политички да интервенираат во внатрешната политика на Куба, со цел воспоставување на добро владеење. Дополнително, со овој амандман Куба се согласува на САД да му отстапат дел од територијата во заливот Гвантанамо за изградба на морнарска база, што до ден денес се користи од страна на Америка. Овој амандман подоцна станува дел од уставните измени на Куба, со што Куба се стекнува со формална независност од САД, кои ги повлекуваат своите воени трупи од островот. Овие два амандмани, претставуваат пресвртна точка на почетокот од дваесеттиот век, што веројатно има пресудна улога во натамошниот развој на Американско – Кубанските односи. Во следните неколку децении, САД неколкупати воено ќе интервенираат во Куба, со што односите меѓу двете земји ќе прераснат во вистинска агонија за кубанските жители, креирајќи анимозитет меѓу двете нации што е присутен и до ден денешен. Проамериканскиот претседател на Куба, Батиста, кој своето владеење најмногу го потпира на воената и економска соработката со САД, воспоставува цврст автократски режим, кој прераснува во отворена диктатура. Во 1959 година, поради преголемите прекршувања на човековите права, САД ја откажуваат воената помош и поддршка за Батиста, нешто што го искористува опозициското, бунтовничко движење предводено од Фидел Кастро кој успева преку востание да го симне од власт Батиста. Со тоа започнува ерата на комунистичката диктатура во Куба, предводена од фамилијата Кастро, која трае до ден денешен.

КУБАНСКОТО И ИРАНСКОТО ПРАШАЊЕ НЕ СЕ ЗАВРШЕНА ПРИКАЗНА. ТАМУ СÈ УШТЕ ВЛАДЕАТ АВТОКРАТСКИ РЕЖИМИ, КАДЕ ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА СЕ МИНИМАЛНИ, А ПОЛИТИЧКАТА СЛОБОДА ПРАКТИЧНО ЈА НЕМА

Новата власт, скоро инстантно ги затегнува односите со САД, преку национализација и конфискација на имотите на приватните американски компании во чии раце се наоѓа најголемиот дел од кубанската економија. Тоа предизвикува воведување на санкции кон Куба од страна на Америка, со што Куба, како нова комунистичка земја, влегува под капата на комунистичкиот блок, предводен од Русија. Така кубанско – американските односи влегуваат во сферата на „Студената војна“, од што подоцна ќе произлезе најголемото затегнување на односите меѓу двата блока. На 3 јануари 1961 година, Америка го повлекува признавањето на комунистичката кубанска власт и ја затвора амбасадата во Хавана, која останува затворена сѐ до оваа година. Подоцна во април истата година, парамилитантна група од околу 1.500 борци од кубанско потекло, организиран од страна на Америка, врши неуспешна инвазија на кубанскиот остров, со цел насилно симнување од власт на режимот на Кастро, акција позната како „Инвазијата во заливот на свињите“. Кризата доживува вистинска кулминација во октомври 1962 година, кога Америка открива дека Русија поставила балистички нуклеарни ракети на територијата на Куба, со што се затегнуваат односите не само меѓу САД и Куба, туку и целосно меѓу двата светски политички блока. Сѐ до крајот на дваесеттиот век, односите меѓу Америка и Куба можат да се оценат како крајно затегнати, имајќи предвид дека од страна на двете земји постојано се одвиваат непријателски шпионски активности, како и обиди за атентати на високи политички претставници. Слично како и со примерот на Иран, и по завршувањето на ладната војна, Куба останува доследна на својата анти-американска доктрина и на бранот на политичката инерција двете земји остануваат со затегнати односи и меѓусебни рестриктивни санкции. Оваа нејзина „принципиелност“, ќе ја чини Куба сериозен економски пад, имајќи предвид дека со паѓањето на „железната завеса“, опаѓа и интересот и можноста на Русија да претставува спонзор на Кубанската држава. Тоа отвора ново поглавје во американско – кубанските односи кои на почетокот на 21 век почнуваат да се затоплуваат. Доаѓањето на Барак Обама на местото Претседател на САД, беше знак дека Америка ќе почне да ги затоплува односите со традиционалните непријатели, но постигнувањето на договорот на 17 декември, како и отворањето на амбасадите на средината на оваа година, претставува вистинска пресвртница во односите меѓу овие земји и затворање на едно од најмачните политички прашања на Америка. 

Кубанското и Иранското прашање не се завршена приказна. Таму сѐ уште владеат автократски режими, каде човековите права се минимални, а политичката слобода практично ја нема. Тоа не секогаш, но често значи и економско и цивилизациско назадување, но секако првиот чекор е отворањето на овие економии, како основен предуслов за цивилизациски прогрес. Токму затоа, постигнувањето на овие два договора, претставуваа успех на светската дипломатска активност и силен импулс на доктрината на глобализацијата. Падот на „Железната завеса“ и крајот на „Студената војна“, означија нов почеток во светската реал политика. Големите светски сили веќе не се поделени на блокови, туку секоја земја настапува на светската дипломатска сцена водејќи се од сопствените интереси, каде полесно можат да се утврдат точките на заеднички интерес. Отвореноста на економиите во 21 век, предизвика експоненцијален раст на глобализацијата, со што културите ги оставаат настрана емотивните, традиционални разлики, а во преден план излегува економската и културна соработка. На светот му претстојат бројни предизвици, но затворањето на ваквите долгорочни предизвици претставуваат значајна пресвртница во подобрувањето на меѓусебните односи, кои отвораат патека кон унапредување на цивилизациските придобивки.

(септември 2015)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано