Општество

ЗА ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД НЕНАВРЕМЕНОТО ПОДНЕСУВАЊЕ ПРЕДЛОГ ЗА ОТВОРАЊЕ СТЕЧАЈ

Никола Главинче

 

 


Формата на организирање на трговското друштво го определува и обемот на одговорност на лицата и на органите овластени за управување, за застапување и за надзор. Независно од формата, совесното, уредното и законитото работење на трговците претставува законски императив и природна етичка обврска од чија примена зависи и успехот на бизнисот и угледот на бизнисменот. Македонското законодавство со серија одредби во основниот – Закон за трговските друштва (ЗТД) –ги прецизира условите за одговорност и начинот на заштита на јавниот и на приватниот интерес во случај на постапување спротивно на акцентот на Законот и логиката на правото. Сепак во практиката преовладува заклучокот, кој најчесто се однесува на ДОО и ДООЕЛ (како најчеста форма на основање на трговските друштва), дека управителот не одговара за обврските на друштвото, односно дека единствено содружниците не одговараат за обврските на друштвото.
Акцентот ќе биде ставен на законската можност за лична одговорност на лицата и органите овластени за управување, за застапување и за надзор на трговското друштво и можноста за надоместување на штета кон доверителите во случај на неисполнување на определени законски обврски.
Во блиска поврзаност со претходново е и постапувањето на наведените лица, во случај на исполнување на условите за поднесување предлог за отворање стечај над трговското друштво и последиците за одговорните лица во случај на ненавремено постапување.
Во согласност со член 5, ст. 2 од Законот за стечај (ЗС) ќе се смета дека должникот е неспособен за плаќање ако во период од 45 дена од која било негова сметка, кај кој било носител на платниот промет, не е исплатен износот што требало да биде исплатен врз основа на важечките основи за плаќање. Стечајната постапка, пак, има цел колективно намирување на доверителите на стечајниот должник со впаричување на должниковиот имот и распределба на остварените средства (приходи) на доверителите или со склучување на посебен договор за порамнување на побарувањата утврдени со планот за реорганизација што е насочен кон натамошно одржување на должниковиот деловен потфат.
ЗТД во одредбите од чл. 51, ст. 8 и 9 и чл. 241, ст. 1 и 2 определил обврска за лицата и за органите овластени за управување, за застапување и за надзор на трговските друштва и други правни лица да бидат лично, солидарно и неограничено одговорни за штетите што им ги предизвикале на доверителите на трговското друштво или на друго правно лице - должник ако не поднеле предлог за отворање стечајна постапка иако знаеле или морале да знаат за презадолженоста на трговското друштво или на друго правно лице. Имотната одговорност за штети на лицата и на органите не ја исклучува и не влијае врз можната казнена (кривична) одговорност на тие лица.
Во согласност со чл. 51, ст. 9 од ЗС, органите на должникот овластени за неговото застапување должни се да поднесат предлог за отворање стечајна постапка најдоцна во рок од 21 ден од денот на настапувањето на причините за отворање стечајна постапка.
ЗТД, пак, во чл. 241 определува обврска управителот да ги води работите на друштвото со внимание на уреден и на совесен трговец и да ја чува деловната тајна на друштвото.
Управителот е лично и неограничено одговорен, а ако друштвото има двајца или повеќе управители тие одговараат и солидарно спрема друштвото и спрема третите лица за работењето спротивно на одредбите на Законот и другите прописи и за непочитувањето на договорот за друштвото.
Според чл. 362, ст. 4 од ЗТД, ако член на органот на управување грубо ја повреди својата должност да постапува со внимание на уреден и на совесен трговец, барање за надоместок на штета можат да поднесат и доверителите на друштвото ако своите побарувања не можат да ги намират од друштвото.
Поедноставено, ако имате побарување кон определено трговско друштво кое подолг период не можете да го намирите во соодветната законска постапка, а при тоа управителот не поднесе предлог за отворање стечај во роковите погоре наведени, ви останува можноста преку тужба со основ надоместок на штета да го истакнете побарувањето директно од управителот на трговското друштво.
Во нашата правна практика сè почесто се демантира јавниот впечаток дека управителите се целосно заштитени, како и тоа дека се наоѓаат во позиција да преземаат низа дејствија на штета на доверителите кои во определена постапка (пред нотар, суд) истакнуваат доспеани побарувања кон друштвото кое го водат или поседуваат извршни исправи за наплата на таквите побарувања.
Сè поприсутна е тенденцијата низ македонските судови да се донесуваат пресуди со кои управителите се задолжени да платат надоместок на штета на доверителите во случај кога постапиле спротивно на погоре наведените законски одредби. Поддршка на таквите одлуки даваат и повеќето правни ставови наведени во одлуки на највисокиот - Врховниот суд на РМ.
Интенцијата на одредбите кои беа предмет на анализа е создавање услови органите на трговските друштва да внимаваат на ликвидноста, односно на презадолженоста и на одреден начин да се дисциплинираат за навремено поднесување предлог за отворање стечајна постапка.
Затоа се апелира управителите законито и совесно да ги извршуваат своите обврски спрема доверителите и институциите, особено ако се има предвид можноста за нивна лична одговорност.

(февруари 2016)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано