Интервјуа

НИЗ СВЕТОТ ЌЕ СЕ ШЕТААТ ИДЕИ НАМЕСТО ПРОИЗВОДИ

Татјана Џамбазова

Продукт менаџер и технолоџи висперер во „Аутодеск“

Гигантот на технологијата, „Аутодеск“, неодамна лансираше нов проект што е од големо значење за светската култура и за уметноста, а останатите полиња на примена допрва се отвораат. Аутодеск „Мементо“ (www.memento.autodesk.com) е можност за конверзија на кој било запис од реалноста (фотографија или скен) во 3Д подготовка со висока резолуција, што може да се проследи за употреба при 3Д печатење, користење на веб или во искуства на надградена реалност. Преведено во секојдневен јазик, меѓу другото, тоа би значело дека ако од некој предмет без разлика на големината, направите доволно фотографии, можете да го дигитализирате во 3Д и да го испечатите во оригинална или која сакате димензија и изглед до најмал детаљ. Иницијалната идеја и движечка сила на овој продукт е Татјана Џамбазова, сестра на Игор, ќерка на Александар и Анче, внука на Петре...

 

Лансиравте производ што е од големо значење за светското културно наследство. Објаснете накратко за што се работи?

Мементо почнавме да го правиме минатата година, но го лансиравме во бета верзија неодамна. Идејата на продуктот е едноставна – да се направи „сè во едно“ софтвер од реалност, кон нова дигитална реалност. Од сензорски запис, преку 3Д подготовка во висока резолуција, предметот да се спреми за печатење и за фабрикација, за понатамошни дигитални обработки или за да се раскаже приказна за тој предмет на интерактивен начин, на таблет или на веб. Мементо заменува процес што денес бара познавање на 5-6 разни софтвери, што не се адаптирани за куратори, за научници или за уметници, тешки се за учење и скапи. Со нивна примена тешко може да се замисли можноста за дигитализирање на сите музеи. Што се однесува до софтверот, сметам дека денес сите софтвери можат да прават сè. За мене не е веќе предизвик да покажам што може да се направи, туку како.
Живееме во време на сензори што ни овозможуваат да го дигитализираме аналогниот свет околу нас. Секој мобилен телефон или фотоапарат денес има камера со висока резолуција. Постојат разни типови на скенери и нов тип на сензорски машини како на пример Гугл Танго што поевтино од кога било ни дозволуваат да ја ставиме во дигитална форма реалноста што нè опкружува. Зошто е тоа важно? Со години гледаме како нашите корисници, архитекти, инженери, поминуваат голем дел од времето да го стават во компјутер како 3Д модел контекстот во кој треба да работат. На пример, ако дизајнираат зграда, го моделираат делот од градот околу зградата за да покажат како ќе изгледа, ако прават ентериер, ја моделираат зградата во која ќе биде сместен. Сето тоа е корисно за дизајнирање, за визуелизација, за симулација или за тие кои планираат фабрички линии што ги менуваат и моделираат често за да ја прераспоредат новата продукција, и со Мементо сето тоа се прави многу побрзо и полесно.
Но она што мене ме заинтригира се нови начини на користење, нова публика на која денешната технологија може да им дозволи да прават нешто што никогаш не можеле да го замислат. Трендот на сензори со пристапни цени дозволува лесно креирање на дигитални 3Д модели од реалноста. Но, има и еден друг тренд: достапност до машините за фабрикација – денес имаме нов тип на машини што произведуваат предмети што не бараат експертиза за користење, што се мали и достапни за многу поголема група на корисници отколку порано. 3Д печатачот дозволува секому да произведува физички објекти во гаража или дома. Сфатив дека комбинацијата на тие два тренда отвора многу интересни можности. Поширока и нова група на корисници може да ги пробие границите на својата професија, тука говорам за научници, за истражувачи, за археолози, за куратори, за уметници. Со овие нови технологии тие можат да почнат да прават дигитални архиви на предмети од минатото (културни, природни) што не само што ќе служат за идните генерации да видат што сме правеле туку и како нова форма на 3Д планови. Исто така можат да истражуваат, да соработуваат и да едуцираат на нов начин, музеите можат да понудат друг тип на искуство и да влезат во вашиот дом или училиште. Можностите за уметниците се огромни, можат да работат на нов начин.
Мементо почна многу брзо да го привлекува вниманието на нови луге. Минатата година почнавме да ја тестираме идејата: со палеонтологистот Луиз Лики (Louise Leakey), трета генерација од светски познато Лики семејство кое 6 декади ја истражува историјата на нашето потеккло во Танзанија, Кенија и ископува фосили од првите луѓе и животни. Тие бараа начин да ги направат нивните откритија достапни за цел свет, а пред сè на други научници, на едукатори и на аматери-научници. Колекцијата на фосили досега фаќаше прав во музејот на Најроби и во институтот на Туркана каде што не одат многу луѓе. Со новата дигитализација што ја започнавме заедно, сега има стотици скенирани фосили што ги презентираме на веб-страницата наречена www.africanfossils.org.Тука секој заинтересиран да истражува или да учи може детално да ги студира 3Д дигиталните реплики, па дури и да презема 3Д модели. Така децата ќе можат да учат не само од книги туку и правејќи картонски или 3Д принтани модели.
Работев и со Слај Ли (Sly Lee) од http//thehydro.us/,млад научник за морскиот свет. Тој сакаше да споредува дигитални записи од истиот корал направени со подводни фотографии во различни периоди со цел да потврди дали коралите умираат или се здрави. На пример беше на Малдивите пред ураганот Ел Нињо и ќе оди повторно во септември. Му беше потребен софтвер што ќе направи 3Д модел од фотографиите, а тоа ќе му дозволи да ги спореди и измери коралите.
Доколку следиме што се случува во последниве месеци и години – како драгоцен дел од културното наследство беше уништен од квазирелигиозни причини, оваа технологија овозможува нов живот за овие дела, и тоа само со користење на веќе постоечки фотографии, доколку ги има доволно.
Главното беше да се направи сè во едно и лесно за користење софтвер за многу голема група на луѓе. На тој начин се отвораат можности за сочувување на огромен број информации, се работи за огромни колекции, Смитсонијан има преку 137 милиони објекти, Луиз поседува илјадници фосили, корали има илјадници километри, сето ова треба да се дигитализира бргу додека не сме го изгубиле целото културно и природно наследство.

 

 

Како се развива примената и кои се другите можни перспективи?

Скулптори, уметници кои работат традиционално, можат да ги дигитализираат нивните дела направени рачно. Може да се воспостави подобра соработка глобално меѓу научниците, нови начини на едуцирање адаптирани на времето и на методите на учење на новите генерации. Се овозможува сочувување на минатото за вкрстена соработка меѓу музеите, подобра истрага, пристап кон глобална публика. Минатиот месец, на пример, по скен направен на една кинеска скулптура на Буда, најдено е внатре тело на будистички свештеник.

Како изгледаше соработката со Медитеранскиот музејот во Стокхолм?

Тоа беше мошне интересно. Во музејот работат две млади кураторки кои го подготвуваа отворањето на нивната богата египетска колекција. Шведските археолози имале голема улога во обучување локални египетски археолози како да ископуваат професионално. Од тие причини, Египет има донирано како благодарност богата колекција. Јас бев повикана од еден млад институт (www.interspectral.com) специјализиран на тач скрин искуства, што дотогаш ги спремале главно како помош за хируршки операции. Докторите пред операција можеле детално да ги видат сите органи и да ја планираат операцијата. Од музејот ги добивме телото и саркофагот на Несваиу, египетски свештеник од 3 век пр. н.е. Направивме МРИ скен на мумифицираното тело и фотограметрија(процес на креирање 3Д дигитални реплики од обични фотографии) од покривката направена од тенок пластер обоена со злато и од двата саркофага. На тој начин направивме 3Д модели од сите надворешни делови и површини од мумијата и од сè што имаше под завоите, користејќи ја дигиталната копија од мумијата. Интреспектрал направи прекрасно интерактивно искуство на еден голем таблет на кој може дигитално да се одмота мумијата, да се анализира секоја коска, коса, перла од накит и да се зумираат сите хиероглифи, односно дигитално да се допира и да се истражува додека вистинската мумија е еден метар одзади, заштитена зад стакло. Кога го направивме МРИ скенот, наидовме на околу 120 скриени амулети под завоите, што ги дигитализиравме и можевме да ги испечатиме во бронза. Исто така направивме и 3Д модели од саркофазите, што исто ги испечативме во боја. Инаку, јас често се шегувам дека можевме да ги споиме заедно како руска кукла. На отворањето на музејот беше многу интересно, децата не можевме да ги одлепиме од масата, за нив тоа беше игра преку која учеа.

Работевте во „Аутодеск“ Лондон, потоа Париз, па Бостон и сега конечно Сан Франциско. Каде се чувствувате најпродуктивно? Има ли голема разлика меѓу европскиот и американскиот начин на работа?

Стигнав во Лондон во 2000 година и мислев дека 12 години искуство како архитект во Виена се доволни за да најдам работа, но не било така. Неколку месеци помагав во мали дизајн/архитектонски бироа, а потоа и сама работев на ентериери на станови и на кафулиња. Големата шега е што во „Аутодеск“ бев примена поради тоа што се бараше познавање на 5 европски јазици, кои ги говорев, а не поради 8-годишните студии и 12 години искуство во Виена. Кога почнав да работам таму корпоративниот свет ми беше непознат, но за 8 месеци ме унапредија во технички менаџер за Европа, Среден Исток и Африка, со позиција во Париз.
Не можам да кажам дали има голема разлика меѓу Америка и Европа бидејќи работите што ги работев во Европа беа многу различни од овие во Америка. Во Европа бев повеќе ангажирана со промовирање на софтвер, контакт со клиенти, тренинг, предавања и локализација на архитектонските софтвер, продавања на софтверот на големи фирми како Буиг до Луи Вуитон. Позицијата ја дефинирав сама, односно согледав што треба да се прави и си скроив позиција во која искомбинирав работи кои никој друг ги немаше работено заедно. Живеев по аеродроми и по хотели, патував секои 3 дена во друга земја, ноќе ги реинсталирав јазичните верзии на продуктот за следната презентација во друга земја, за други клиенти.
Во Америка се преселив бидејќи веќе не ми беше доволно само да зборувам, да обучувам и да продавам софтвер, туку сакав да почнам да го насочувам софтверот во правец што ми го посочуваше искуството. Во 2005 година се пријавив да станам продукт менаџер за „Ревит“ поради што морав да се преселам таму каде што се правеше продуктот, во Бостон. Динамиката е сосема друга кога креираш нов продукт, невидено е чувството дека создаваш нешто што ќе го користат многу луѓе, одговорноста, креативната слобода и гордост да си шампион на продуктот „Аутодеск“ има 7.500 вработени, но не повеќе од триесетина до четириесет продукт менаџери.
Искрено речено, јас секаде се чувствувам продуктивно бидејќи се внесувам 100% во сè што правам. Кога работиш на нешто што е твоја идеја или визија, од нула до продукт што потоа го користат милиони луѓе, мотивацијата е неверојатна. Речиси во сите позиции во „Аутодеск“ јас сум на чело на некој нов тренд, нов продукт, нова индустрија или нов принцип на работа.
Генерално мислам дека во Европа луѓето не забораваат да живеат надвор од работата. Во Силиконската долина работите се малку чудни, нема 40 или 38-часовно работно време како во Франција, туку се работи нон-стоп. Во круговите каде што сум јас нема утро, нема вечер или викенд, постојано има повеќе работа од време. Мојот тим е во Сингапур, многу од моите клиенти во Европа, почнувам во 5 наутро и продолжувам до доцна кога се буди мојата екипа. Затоа просториите за работа се прават сè поатрактивни, социјални, со игри, со простори за дружење, таму го поминуваме најголемиот дел од денот. Концептот на инспиративни работни простори го воведе „Гугл“ и сега сите други фирми мораат да го прават тоа ако сакаат да привлечат таленти. А ако зборуваме за разлика меѓу Европа и Америка, мене приватно ми недостасува гравитацијата на Европа. Има голема разлика кога живееш со луѓе чии цели генерации семејства живееле на исто место, во градови во кои има наталожени слоеви од време.

 

 

Соработувате со Ирис Ван Херпен, една од најавангардните дизајнерки денес. Пред неколку месеци добивте невозможно барање од неа. Како успеавте?

Ирис е неверојатна инспирација, таа истражува секојдневно, ги крши бариерите на секој фронт. Ние се запознавме на една конференција наречена Гравити Фри каде што двете бевме повикани да презентираме. По 15 минути разговор, се најдовме и станавме многу блиски, разговаравме за нови можности за технологии во модата. Таа беше многу заинтересирана, а тоа што таа го прави со тој ум невиден, за тоа нема софтвер. Таа комбинира еден голем талент, со тешка рачна работа, користи сè што е ново во технологијата како алатка, од ласерско сечење до 3Д печатење, со употреба на течни метали, а толку е скромна! Кога бев една недела во нејзиното студио (сакав да останам да живеам таму) го пробувавме Мементо и техниките како да се дигитализираат инспирации од природата. Исто како Рембрант, таа сака фосили, кристали, школки, инсекти, генеративни дизајни од природата. Кога се видовме последниот пат, таа само што беше вратена од Исланд каде што беше да измери фустани што ги прави за Бјорк. И кажав дека со користење фотографии заедно со Мементо можеме да го дигитализираме телото на Бјорк и многу лесно од тоа да се направи манекенска биста и така да се заштеди на време и на патување. Тоа овозможува да работи нарачки на дистанца без да се плаши дека нема да се точни. Ова е потврда на тоа што го велам постојано: технологијата е само алатка. Со добри идеи се прават убавини, а во лоши раце штета.

Имавте ретка привилегија Вашата позиција сама да ја креирате и да ја дефинирате. Тое е знак на голема доверба и на мотивација за понатаму. Како се снаоѓате во тој предизвик?

Бидејќи најважни се резултатите, јас си ги обмислувам и кројам позициите, никој не ми се спротивставува. Не верувам во фирми што имаат фиксни позиции и се обидуваат да буткаат квадратна форма во круг, односно да ги прилагодуваат луѓето на позициите, мене тоа ми звучи апсурдно. Напротив, сметам дека треба да се сфати кои таленти и квалитети ги поседува вработениот и да се креира позиција во која може да направи бум. Во мојот случај сфатив дека комбинацијата на театар, опуштеност на сцена, талентот за раскажување во комбинација со ентузијазам, искуство, школување во дизајн и архитектура, јазиците и нос за технологија ми овозможија интересни комбинации на активности спакувани во една ролја.
Во мојата 14-годишна кариера во „Аутодеск“ официјално имав главно две позиции – продукт менаџер, човекот кој води софтверски тим, ги разбира проблемите и го преведува тоа во план за егзекуција. Тој е спиритуален водач на тимот, ги следи глобалните трендови, почнува да спојува дотогаш неврзани точки и од тоа се раѓа нова идеја. Во тој случај работата е многу поголема од само продукт менаџер, тука веќе се работи за бизнис девелопмент. Моментално сум продукт менаџер на Мементо. Втората позиција е технолоџи висперер. Со години сум портпарол на „Аутодеск“ на светски симпозиуми, конференции и за прес бидејќи сме само неколкумина во фирмата кои го разбираат целото портфолио (имам 150 продукти!). Таа титула ги насмева сите, но размислував како ќе објаснам со збор-два што е тоа што го правам: знам да говорам, учам луѓе комплицирани технологии на еден интересен, забавен, но многу разблирлив начин, на јазик што им е достапен на сите. Од експерт до домаќинка, новинар, архитект, дизајнер, студент или генерална публика на ТЕД, нема разлика.

 

Според Вас, која е иднината на дизајнот и на технологијата во децениите што доаѓаат?

Ах, кога би го знаела тоа далеку би стигнала. Можам да говорам како овие технологии со кои се занимавав во последниве две години мислам дека ќе имаат влијание. Тоа што гледам е дека со развојот на неколку клучни технологии можат да се развијат нови концепти на дизајнирање. Ние сите моравме да учиме концепти што не секогаш одговараа на начинот на кој размислуваме, користиме алатки како глувче, што имаат многу лимитиран тактилен квалитет, можеби во иднина сето ова ќе биде многу полесно.
Можно е уметниците во иднина да се творци на дигитални 3Д оригинали што, доколку галерија или музеј каде било во светот сака да ги изложува, тој може да им прати дигитална верзија што ќе се произведе на лице место со 3Д печатач или компјутерски нумерички контролирани машини за метал, дрво, пластика. Јас би сакала да го проширам овој концепт и на полето на дизајнот. Можеби во иднината дизајнерите ќе имаат веб-страница на која го продаваат предметот што го дизајнирале или ќе ја продаваат лиценцата за дигиталниот модел од предметот кој на тие што им се допаѓа но кои сакаат да изменат некои аспекти и да го направат по нивен вкус. Тоа ќе значи дека ќе треба да измислиме дигитална ДНК што ќе може да се произведе на начин што ќе овозможи оригиналниот артист/дизајнер да е компензиран со секоја верзија и копија направена од неговиот оригинал. Со новите начини на производство, особено со 3Д печатење, сè повеќе и понови материјали се измислуваат, а машините се сè помали и поевтини. Сметам дека во иднина нема веќе праќање производи по пошта, туку кога ќе одите, на пример, на страницата на „Најк“ за да нарачате пар патики, нема да стигнат по пошта, туку со плаќањето го добивате правото да ги испечатите тие патики на домашен принтер. Кога ќе ви здодеат ќе ги рециклирате и ќе си нарачате нови. Низ светот ќе се шетаат идеи наместо производи. Звучи контроверзно, но ќе биде интересно. 

Лидија Георгиева

ПРЕПОРАЧАНО