Интервјуа

МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА ГО ПРИВЛЕЧЕ КАПИТАЛОТ ШТО БЕГА ОД ЗЕМЈИТЕ ВО РЕГИОНОТ

Сем Вакнин

Разговорот со Сем Вакнин е секогаш интересен. Уште пред три години на страниците на „Економија и бизнис“ го прогнозираше забавувањето на кинеската економија и падот на вредноста на кинеските акции. Во оваа прилика разговараме за достасаните неизмирени обврски, за неплаќањето и за банкротот, како различни термини и ситуации кои често погрешно се користат. Разговараме и за тоа како да се привлече во Македонија капиталот што бега од земјите во регионот. Конечно, Вакнин објаснува што би значело од економски аспект, чисто хипотетички, евентуалното излегување од еврозоната на земја како Грција.

 

Господине Вакнин, ова интервју го правиме на почетокот од јули. Откако Грција не ги исполни своите обврски кон ММФ на 30 јуни, многумина заклучија дека Грција влезе во неплаќање (англ. default). Ова не е точно. Можете ли да ја објасните разликата во терминологијата и разновидните можни ситуации?

С. Вакнин: Да. Отсуството на плаќање (англ. non-payment) кон ММФ е дефинирано во меѓународниот финансиски закон како отсуство на плаќање кон меѓународен заемодавач, врз основа на билатерална спогодба. Тоа е мошне специфична категорија. Оттаму, според било која позната дефиниција не се работи за неплаќање (англ. default).
ММФ, во своите т.н. „избрани одлуки“ од декември 2013 година, том 37, во писмена форма разјаснува дека отсуството на плаќање (англ.non-payment) не е неплаќање (англ.default), туку само достасана неизмирена обврска (англ. arrears). Неплаќање (англ.default)е само кога една земја не им плаќа на приватните заемодавачи, доверители од приватниот сектор, банки, иматели на обврзници, итн. Кога една земја не го плаќа својот долг кондруга земја и кога една земја не го плаќа својот долг кон мултилатерален заемодавач, тоа не е неплаќање (англ.default). Таа влегува во нешто што се вика достасана неизмирена обврска (англ. arrears).
Според ММФ, достасаните неизмирени обврски имаат сосема поинаков третман. Земјата треба да ја плати достасаната неизмирена обврска за период од две години, ако не го направи тоа за две години таа ќе биде исклучена од ММФ. Комплетно исклучена, го губи членството. Нема таков случај во историјата на ММФ, дури и земји како Авганистан, Судан, Зимбабве, Ирак, па и Југославија, ги отплатија своите доспеани обврски за две години. Затоа што исклучувањето од ММФ значи финансиска смрт, никој веќе нема да ви даде заем. Така што, тоа е моќно орудие.
Според одлуките на ММФ, кога ќе има случај на отсуство на плаќање генералниот директор на ММФ во рок од 30 дена треба да го извести бордот на ММФ дека не е платена обврската. Потоа ММФ во таа земја праќа делегација која што за 6 недели треба да го договори плаќањето. Ако за 6 недели земјата не плати, дури тогаш, после гласање на бордот, се објавува официјално достасана неизмирена обврска (англ. arrears). Всушност, по неизмирувањето на обврската кон ММФ на 30 јуни Грција е сосема ОК, не е во достасана неизмирена обврска, бидејќи нема одлука на бордот туку само известувањедо бордот. Грција има ист статус како и пред 30 јуни, нема разлика.

Сега, кога го правиме ова интервју, не знаеме дали ќе има референдум, каков ќе биде исходот, итн. Јас сакам да го генерализирам прашањето, да не зборуваме за Грција. Од гледна точка на меѓународното право, каква е последицата за една земја кога ќе влезе во неплаќање(англ.default)?

 С. Вакнин: Теоретски, неплаќање е ситуација во која земјата нема да плати на приватни доверители, на комерцијални заемодаватели, на лица кои имаат државни обврзници издадени од Грција, на банки кои директно дале заеми на Грција, на пензиски фондови кои имаат портфолио на хартии од вредност од Грција, итн. Но, за да постои статус на неплаќање, приватниот заемодавач, банките и другите треба да започнат судски процес против Грција, тоа не е задолжително, но постои како можност, и да побараат од судот да прогласи неплаќање. Само тогаш Грција е со статус на неплаќање (англ.default). 

Веднаш потоа следипроцес наречен забрзување. Тоа значи дека други иматели на државни грчки обврзници, други доверители можат да посочатдека земјата влегла во неплаќање (англ.default) и да бараат грчките обврски кон нив да им бидат платени веднаш, иако некои од тие обврски на Грција доспеваат за плаќање, на пример, после три години.
Генерално, станува збор за сложена ситуација со разновидни класи на доверители, билатерални, мултилатерални, банки, заеми дадени од една на друга држава гарантирани со меѓународни договори, а не со договори за заем, така што Грција може да биде тужена пред меѓународниот суд на правдата. Секоја од овие класи на доверители мора да формира комитет на доверители, а потоа во овој комитет одлуките се носат едногласно. Не со мнозинство, туку едногласно и тоа е голем проблем. Ова значи дека еден доверител може да го уценува или загрози целиот процес. Освен ако самата обврзница или текстот на финансиската обврска не посочува дека одлуките треба да се носат со мнозинство од 80%, но тоа е многу ретко, обично е едногласно.
Често овие комитети се спротивставуваат едни на други, бидејќи некои доверители се, а некои не се заштитени со колатерал и имаат спротивставени интереси. Затоа, после состојбата на неплаќање (англ.default) и процесот на забрзување, земјата обично се соочува со состојба наречена банкрот (англ.bankruptcy). Банкротот на земја е многу долг и комплициран процес, без правила, без закони и ниту еден механизам. До денес, нема правила, нема меѓународен закон, нема ништо написмено за тоа како да се менаџира банкрот на земја.

 

Значи, она што всушност го кажувате е дека кога една земја ќе и даде заем на друга земја, како во случајот со Грција, не постои добро дефинирана процедура за тоа како земјата заемодавач да го наплати побарувањето.

С. Вакнин: Ако една земја и дала заем на Грција, тогаш таа земја заемодавач не може ништо да направи, бидејќи неплаќањето на заемите од една земја кон друга е само достасана неизмирена обврска, во таков случај нема статус на неплаќање (англ. default). 

Како тогаш да се наплати?

С. Вакнин: Преку политички преговори, како во еврозоната. Како што реков, само комерцијални доверители и приватни заемодавачи можат да ја турнат земјата во состојба на неплаќање и подоцна во банкрот.

Какви напори се прават за да се надмине ваквата ситуација во однос на менаџирањето на банкрот на земја?

С. Вакнин: Постапката околу банкротот на земја е работа која што е во тек. Во 2001 година ММФ сугерираше да се воспостави Механизам за реструктурирање на државен долг, вид на суд за банкрот на земја, каде што земјата би дошла и би и било дадено правото, еквивалент на Поглавје 11, да не ги плаќа своите обврски додека не сија среди економијата. Но, ова беше отфлено од САД, најголемиот акционер во ММФ. Друга иницијатива беше комитетот формиран од ООН по финансиската криза во 2009 година, на чие чело беше Штиглиц. Тој даде серија на препораки. Една од неговите препораки беше да се формира меѓународен суд за банкрот на земја. И, дополнителна препорака, да се дозволи сите доверители да добијат пари пропорционално, pro rata, а не pari-passu. Pari-passuе симетрична ситуација. Но, во 2014 и во 2015 година два американски суда донесоа пресуди за судски предмети кои се однесуваа на своевидни хеџ фондови, инвестициски фондови што купуваат обврзници на земји што имаат достасани неизмирени обврски, што се во состојба на неплаќање или пак се во банкрот. Обично овие обврзници се продаваат со огромен дисконт, така што овие фондови ги купуваат многу евтино, а потоа одат во судот и велат: мора да ми го платите целиот износ, главнина, редовна камата, казнена камата, бидејќи сте во статус на неплаќање (англ.default). Следствено, ваквите хеџ фондови уништија неколку реструктурирања на долг. Најпознат пример е оној на Аргентина, која ја доведоа речиси до банкрот.

Како може да се брани земја што има достасани неизмирени обврски (англ.arrears), или е со статус на неплаќање (англ.default) или со статус на банкрот на земја (англ.sovereign bankruptcy)?

С. Вакнин: За достасани неизмирени обврски нема одбрана, бидејќи има утврден датум, доколку не платите, вие сте во задоцнување. Сепак, тоа не носи никакви законски импликации. Но, состојбата на неплаќање (англ. default) е мошне опасна, бидејќија блокира можноста на земјата за пристап до финансиските пазари. Во таков случај, единствена одбрана е да се започне реструктурирање на долгот и да се бара од судот да суспендира или забави било каква мерка што ја донел. Обично, ако една земја започне разговори за сериозно реструктурирање на долгот, поддржано од ММФ, тогаш судот ги суспендира сите мерки, така што ова е ефективен начин. 

Во случај на банкрот на земја (англ.sovereign bankruptcy), има еден нов начин на одбрана што се разви во текот на изминатите 12 години и е познат како т.н. „незаконски долг“. Овој начин на одбрана е првпат употребен од Ирак. Кога Ирак беше тужен и требашеда плати десетици милијарди американски долари, ирачаните тврдеа дека Садам Хусеин немал право да се задолжи. Комитет на грчкиот парламент неодамна усвои резолуција дека реструктурирањето на грчкиот долг во 2012 година беше незаконски долг, бидејќи грчката влада никогаш не беше овластена да преземе таков огромен должнички товар врз грбот на граѓаните на Грција. Сега разбирате зошто Ципрас оди на референдум, а не заради причината што е презентирана од ЕУ. ЕУ тоа го презентира политички за да изврши притисок, но тој оди на референдум заради прашањето на незаконски долг. Неговата партија тврди дека претходната влада не отишла на референдум, не го прашала народот, а требала, бидејќи со една трансакција долгот е дуплиран, од 98% од БДП на 175% од БДП. Не разбирам зошто ЕУ сега се однесува вака, бидејќи, парадоксално, референдумот е многу добар за ЕУ, само на тој начин се блокира прашањето за т.н. „незаконски долг“.

Може ли една земја да запленува имот на друга земја што е во банкрот?

С. Вакнин: Не постои механизам за заплена на имот на приватни или комерцијални субјекти на банкротирана земја. Но, согласно Поглавје 11, доверителите можат да ги принудат компаниите да го сменат менаџментот. Сепак, ова не може да се направи со земја, доколку е демократска. Не може некој доверител да рече дека Ципрас повеќе нема да биде премиер. 

Приватните доверители и комерцијални заемодавачи можат да иницираат процедури против, на пример, државни компании или компании што не се во сопственост на државата, но се контролирани од неа. Се работи за процедура наречена отстранување на корпоративниот вел. Тоа значи дека ја игнорирате корпоративната структура на компанијата со цел да докажете дека таа е фасада за земјата должник. Вакво нешто е направено многу пати, не во процедури на банкрот, туку во процедури поврзани со статус на неплаќање (англ.default), и тоа неодамна во Бразил, Аргентина, итн.

Постои перцепција дека без оглед на исходот во случајот на Грција, во регионот веќе има значителна неизвесност. Во вакви околности постои можност за значително бекство на капитал од земји како Грција, Турција, итн. Се согласувате ли со тоа?

С. Вакнин: Тоа не е можност, туку веќе стварност. Помеѓу декември и февруари оваа година милијарди евра ја напуштија Грција, 140 милијарди евра ја напуштија Русија. Тоа се случи со 30-40 милијарди доларипо изборите во Турција. Зборуваме за минимум 200 милијарди евра само од овие три земји.

 

Како може земја како Македонија да го привлече овој капитал?

С. Вакнин: Неизбежно, тоа е игра со нето ефект нула, некој добива толку колку што некој друг губи. Ова е економија. Се разбира, земјите можат да имаат корист од бекството на капитал од други земји. Има четири работи што можат да се направат.
Прво, може да се воспостави оф-шор финансиски центар. Не, тоа не е даночен рај или центар за перење пари. Тоа е зона кадешто луѓе можат да депонираат пари, без или со помал данок на приходот од камата, можат да ги „паркираат“ парите на одредено време. Тоа е нешто сосема прифатливо и законско, САД има неколку оф-шор финансиски центри, Велика Британија исто, ММФ има оддел што работи на прашања поврзани со вакви центри. Некои оф-шор финансиски центри обезбедуваат анонимност, некои не.
Второ што може да се направи е осигурување од политички ризик или ризик на земјата. Има четири големи осигурителни куќи во светот што продаваат такво осигурување. Овие полиси можат да бидат купени од поединци, од инвеститори, од компании што пренесуваат средства во земјата во која се сели капиталот или од самата земја домаќин. Во моментов Македонија е политички нестабилна. Има ризик од политичка нестабилност, од промена на економските политики, од промена на даночната политика, никој не знае какви ќе бидат односите со Грција или Турција, западот прави голем притисок за Македонија „да се одлепи“ од Турција или Русија. Да сум странец, турчин или русин, ќе сакам да ги ставам моите пари во Македонија. Ако сум грк со 2 милиони евра дефинитивно ќе сакам да ги ставам моите пари во Македонија, бидејќи македонските банки се добро капитализирани, релативно стабилни и многу блиску до дома. Не е исто дали парите се во Германија, Британија или во соседството. Но, ако на пример дојде до влошување на проблемот со името и одеднаш гркот стане персона нон грата, ќе помогне да се има полиса за осигурување од Лојдс, што ги покрива овие специфични ризици. Значи, осигурувањето е многу важно. Исто така и македонските банки можат да купат такво осигурување и да им го понудат на депоненти од Турција, Русија, Грција итн.
Трето, една земја може да привлече капитал што бега од друга земја преку нудење на специјализирани аранжмани за инвестирање. На пример, краткорочни обврзници во кои може да се инвестира и заработи камата, специјални фондови, специјална клаузула за репатријација, да се формираат специјални судови за ваков тип на капитал и инвестиции. Така, ако некој има правен проблем нема да мора да чека со години. Или, да се понудат специјални аранжмани за недвижнини, на пример инвестициски трустови за недвижнини, какви што има во САД. Огромен дел од капиталот што бега е заинтересен за следното, според приоритет: за недвижнини, за депозити и дури на трето место за инвестиции. За многу мал делод капиталот што бега, 2-3% според ММФ и Светска банка, постои интерес да биде инвестиран во индустриски производни капацитети. Причината за тоа е што овие луѓе сакаат ликвидност, а сакаат и недвижнини зашто тие се добра можност за инвестирање.
Последната, четврта работа е директна промоција. Да се испратат банкари, менаџери на инвестициски фондови, брокери, како амбасадори во центрите каде што има одлив на капитал за да ја промовираат земјата како дестинација за капиталот што бега. Интуитивно, човек би си помислил дека владите на Грција, Турција и Русија би биле навредени од присуството на македонски амбасадор кој сака да поттикне бекство на капитал од тие земји. Не мора да е така. Доколку има аранжмани, како што се даночни спогодби, спогодби за заштита на инвестициите и сл., помеѓу земјите од кои бега капиталот и земјите каде што тој оди, тоа не мора да е лошо за земјата од која бега капиталот. Наместо капиталот да избега и да не се знае каде е, тој барем оди во земја со која се воспоставени добри односи.
Сепак, капиталот што бега се нарекува и „шпекулативни пари“. Тоа е многу немирен капитал што бара ликвидност и заработка, при првиот знак на опасност бега понатаму. Затоа, тој капитал не е многу добредојден во развиените земји. Меѓутоа, тој има позитивно влијание врз земјите во развој. Ја зголемува ликвидноста на пазарот, може да привлече надворешни инвеститори итн. Иако ортодоксниот пристап вели дека овој капитал не треба да биде основа за долгорочен раст, сé на сé тој не е толку лоша работа, како меѓучекор.

Не мислам дека ќе се случи Грегзит, но чисто хипотетички, кога би се случил какви ефекти би произвел?

С. Вакнин: И јас мислам дека нема да се случи, но ефектите би биле прекрасни. Излезот на Грција би имал економски ефекти како за Грција така и за еврозоната. Импликациите за Грција се добро познати. За период од година или две би имало во паралелна употреба две валути, еврото и драхмата. Грците би го користеле еврото за увоз, а драхмата за интерни потреби. Драхмата би доживеала голема девалвација со што драматично би се подобрила конкурентноста на грчката економија. Истовремено, домашните обврски на владата, на пример кон пензионерите, кои иницијално биле во евра, но сега веќе во драхми, заради девалвацијата на драхмата реално би се намалиле, што е еквивалент на оданочување. Значи Грегзит би довел до поголемо оданочување, она што го бара и ЕУ. За период од пет години домашните обврски би се амортизирале за најмалку 50%, што е еквивалентно на зголемено оданочување за 15%, што без овој механизам не би било можно. Се разбира, доверителите би биле многу погодени. Би имало реструктурирање на кредитот, 50-60% од долгот би се избришал (150 милијарди евра), а останатото би се распоредило за отплата на 40 години. Отплата би одела како процент од приходите од извоз, како 30-40% од извозот. Не можам да најдам ниту еден единствен негативен аспект за Грција од напуштање на еврото.

Слично, нема негативен аспект ниту за еврозоната. Таа е она што теоретски се нарекува оптимална валутна зона. Би била таква само кога би била сочинета од западна и северна Европа, но, во пракса не е, заради Грција, Португалија, Шпанија. Оптималната валутна зона подразбира мобилност на капиталот во двете насоки, движење на фискалните трансфери во двете насоки, итн. Грција само извезува работна сила и само добива фискални трансфери, како пакети финансиска помош, и во двата случаи тоа е движење само во една насока. Со тоа креира два, т.н. асиметрични шока. Кога Грција би била надвор од еврозоната, асиметричните шокови што таа ги креира би ги немало и оптималноста на еврозоната би се зголемила.


подготви:
Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО