Финансии / Банкарство
НЕФУНКЦИОНАЛНИТЕ КРЕДИТИ ВО МАКЕДОНСКИОТ БАНКАРСКИ СИСТЕМ
Михајло Васков
Авторот е раководител на Отсек при Дирекцијата за финансиска стабилност и банкарска регулатива, Народна банка на Република Македонија
Кредитниот ризик има најважна улога и е од исклучително значење за перформансите на македонските банки, што е тесно поврзано со примената на традиционалниот бизнис модел во нивното работење – прибирање депозити од домашниот приватен сектор и нивно пласирање во кредити наменети за домашниот нефинансиски сектор.
Во периодот од осамостојувањето на Република Македонија до 2002/2003 година, понудата на кредити во македонскиот банкарски систем беше скромна, а кредитниот пазар релативно слабо развиен, особено во делот на производи наменети за домаќинствата. Имено, во периодот на сопственичка трансформација и приватизација во домашната економија и непосредно по него, банките беа соочени со високи нивоа на нефункционални кредити (по дефиниција, кредити што не се наплатени подолго од 90 дена, сметано од денот на достасување), што имаше за последица намалени апетити за ризик и примена на конзервативни кредитни политики од страна на домашните банки. Сепак, до средината на 2000-тите години, во услови на стабилно макроекономско опкружување и целосна трансформација на сопственичката структура на банкарскиот систем, домашните банки успеаја да изградат современи системи за управување со ризиците, ја унапредија сопствената ефикасност и финансиски позиции, ја зголемија кредитната понуда и ги намалија нефункционалните кредити. Така периодот од 2004 до последниот квартал од 2008 година го одбележаа високи, двоцифрени, годишни стапки на кредитен раст при истовремено, речиси континуирано, намалување на нефункционалните кредити, чие учество во вкупните кредити се сведе на минимални 6,6%. Меѓутоа, почнувајќи од септември 2008 година, месецот кога пропадна „Леман брадерс“, а финансиската криза започната во САД доби глобални димензии, нефункционалните кредити во Република Македонија бележат речиси континуиран раст. Во изминативе седум години, нефункционалните кредити во домашниот банкарски систем се зголемени за речиси трипати, а нивниот раст сè уште трае во согласност со вообичаено подолгото времетраење на финансиските во споредба со бизнис циклусите на економиите (Borio, 2012). Слични движења се забележуваат и во банкарските системи на останатите европски економии, дури некаде и со посилен интензитет. На крајот на септември 2015 година, учеството на нефункционалните во вкупните кредити кај македонските банки изнесува 11,7%, што е двојно повисоко ниво во споредба со учеството регистрирано во септември 2008 година, но е меѓу најниските нивоа во регионот.

Нефункционалните кредити се прилично истражувана категорија, а ефикасното управување со овие кредити и нивното навремено разрешување (англ. resolution) е неопходност, особено за банкарските системи оптоварени со високи нивоа на нефункционални кредити. Овие кредити носат загуби за банките, ги оштетуваат нивните капитални позиции и ги зголемуваат трошоците за финансирање. Освен за менаџерите на банките, нефункционалните кредити носат грижи и за носителите на макроекономските политики. Истражувањата покажуваат дека големите износи на нефункционални кредити го редуцираат економскиот раст, ја зголемуваат невработеноста, ја отежнуваат трансмисијата на монетарната политика до реалната економија и ја демотивираат кредитната понуда за приватниот сектор (Klein, 2013), особено во економии каде што банките се главен финансиски посредник меѓу лицата со вишоци и оние со кусоци на средства. Така брзиот раст на нефункционалните кредити во македонскиот банкарски систем, по почетокот на Глобалната финансиска криза, беше проследен со релативно слаб кредитен раст. Просечната годишна стапка на раст на кредитите, во последниве седум години, изнесува околу 9%, наспроти околу 30% пред кризата. Дополнително на претходното, бројни истражувања потврдуваат дека постоењето на високи нивоа на нефункционални кредити претставува сигнал за појава на банкарски кризи (Demirgüç-Kunt and Detragiache, 2005) што ја загрозуваат финансиската стабилност на земјата и предизвикуваат значителни загуби на аутпут за економијата (Laeven and Valencia, 2012). Македонските банки се внимателни при вреднувањето на нефункционалните кредити и повеќе од половина од износот на овие кредити е сметководствено сведен на нула во нивните биланси. Оттука идните потенцијални загуби од постоечките нефункционални кредити и последователните негативни ефекти врз капиталните позиции на банките се прилично ограничени.
Присуството на традиционално висока концентрација во македонскиот банкарски систем и во кредитните портфолија на банките има за последица релативно брзо влошување на квалитетот на кредитното портфолио при неповолни случувања. Така оштетувањето на кредитоспособноста на релативно мал број клиенти, кај само неколку банки, може значително да придонесе за влошување на квалитетот на вкупното кредитно портфолио. Во таква ситуација, материјализацијата на т.н. идиосинкратичен (индивидуален) дел од вкупниот кредитен ризик кај поодделни клиенти и/или банки може да предизвика раст на вкупните нефункционални кредити на банкарскиот систем и покрај одржувањето на стабилно макроекономско опкружување и зголемување на стапките на економски раст.
Нефункционалните кредити одобрени на домашните компании имаат доминантно учество во вкупните нефункционални кредити и на нив отпаѓа околу 85% од растот на вкупните нефункционални кредити во изминативе седум години. Меѓу нефункционалните кредити на претпријатијата највисоко е учеството на кредитите одобрени на клиенти од преработувачката индустрија, трговијата на големо и мало и градежништвото. Нефункционалното кредитно портфолио составено од правни лица се одликува со релативно високо ниво на концентрација, па само педесетте најголеми нефункционални кредити сочинуваат речиси 60% од вкупниот износ нефункционални кредити кон правните лица каде што доминантен дел од околу 68% од нефункционалните кредити отпаѓа на клиенти со кредити поголеми од 1 милион евра. Во нефункционалното кредитно портфолио составено од домаќинства доминираат кредитите наменети за потрошувачка, каде што е евидентно присуството на значително пониски поединечни износи на нефункционални кредити кон индивидуални физички лица во споредба со корпоративното кредитно портфолио.

Во Република Македонија не постои законска или даночна пречка за спроведување трајни отписи на старите нефункционални кредити од страна на банките. Како што беше погоре споменато, повеќе од половина од нефункционалните кредити сметководствено се сведени на нула во билансите на домашните банки (односно за нив е направена целосна исправка на вредност) и при евентуално спроведување траен отпис на овие кредити показателот за учеството на нефункционалните во вкупните кредити значително би се намалил од тековните 11,7% на 5,1%. Сепак, вообичаено, домашните банки не го користат отписот на побарувања сѐ додека постои и најмала веројатност за наплата, односно додека не ги исцрпат сите правни можности за наплата на кредитот. Така нефункционалните кредити прилично долго се задржуваат во билансите на домашните банки, што се потврдува и со едноставна анализа на старосната структура на овие кредити. Во структурата на нефункционалното кредитно портфолио најзастапени, со учество од околу 54%, се кредитите чиј краен рок на достасување е веќе изминат, а кај половината од нефункционалните кредити клиентите доцнат повеќе од две години во отплаќањето на обврските (од нив, кај половина се забележува доцнење во исплатата на обврските подолго од четири години).

Постојната регулатива, во доменот на управување со кредитниот ризик, ги охрабрува домашните банки за приспособување на договорните услови на кредитите кон моменталните финансиски тешкотии на клиентите (т.н. реструктурирање на дадените кредити). Банките дури имаат и можност, како главни доверители на одделните корпоративни клиенти, активно да се вклучат во процесот на реорганизација на работењето на компанијата - должник во случаи на отворање на стечајна постапка. Оттука сè почесто банките се обидуваат да ги вратат нефункционалните кредити во живот преку приспособување на договорните услови кон моменталните тешкотии на клиентот. Учеството на реструктурираните кредити во вкупните нефункционални кредити достигна ниво од околу 30% во 2015 година и е речиси дуплирано во последниве две години. Од друга страна, анализите покажуваат дека реструктурирањето се покажало како успешно кај 55-65% од кредитите што биле реструктурирани.
Некои од можностите што им стојат на располагање на банките е да ги продаваат нефункционалните кредити или да ги наплатуваат преку активирање на обезбедувањето понудено за нив. Иако не е непознато за македонските банки, сепак секундарното тргување со кредитите многу малку се практикува кај домашните банки. Од друга страна, во услови на послабо развиени пазари на недвижности и подвижни предмети, банките не се во можност брзо и лесно да ги продаваат преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања, што може да ги одвраќа од активности за преземање имот понуден како обезбедување за ненаплатените побарувања. Имено, повеќе од 85% од нефункционалните побарувања се обезбедени со некој инструмент за обезбедување, а од нив дури 60% се покриени со станбен и/или деловен простор. Притоа треба да се има предвид дека воспоставувањето и ставањето во функција на двата нови регистри – регистар на цени на склучени трансакции со недвижен имот и регистар за проценетата вредност на имотот во Република Македонија можат да бидат од голема корист за банките. Банките би имале полза не само при воспоставувањето на нови кредити со клиенти кои нудат имот како обезбедување туку и при носењето на одлука за присилна наплата на побарување врз основа на активирање на обезбедувањето.
Постојаното унапредување на системите за управување со кредитниот ризик од страна на банките не само при одобрувањето на нови кредити, туку во целокупниот животен циклус на кредитот е најдобриот проактивен начин за избегнување на нефункционалниот статус на кредитокорисниците. Оттука навременото и внимателно реструктурирање на побарувањата, за кои банките оцениле дека приспособувањето на договорните услови ќе даде плод, може да даде позитивни резултати и да го запре трендот на раст на нефункционалните кредити.
(јануари 2016)