Интервјуа
ВО КАНАДСКАТА ВЛАДА ИМА ЕДНАКОВ БРОЈ НА ЖЕНИ И МАЖИ - Филип Пинингтон, амбасадор на Канада за Република Македонија, Србија и Црна Гора
Амбасадоре Пинингтон, неодамнешните парламентарни избори во Канада донесоа промена на власта. Изразот „Затоа што сега сме 2015“ искажан од господинот Трудо, новиот премиер на Канада, беше глобално ударна вест. Што е она во врска со составот на новата канадска влада што предизвика толкаво внимание во светот?
Амб. Пинингтон: Премиерот Трудо одговараше на прашање од медиумите за тоа зошто номинираше еднаков број на жени и мажи во составот на неговата влада, нешто што првпат е направено во Канада, а тоа верувам важи и за многу други земји. Покрај тоа, составот на владата ја одразува етничката разновидност на Канада, тоа не се случува првпат, но е повеќе одошто тоа било случај во минатото. Новата канадска влада е токму тоа, нова, секогаш носи одреден степен на возбуда, покрај тоа премиерот е млад и харизматичен, тој е семеен човек со млади деца и е син на прочуениот премиер на Канада Пјер Елиот Трудо. Тоа е возбудлива приказна што привлече многу внимание.
Изгледа како сега во Канада да се создадени некаков обновен ентузијазам и повисоки очекувања за иднината. Дали е точна оваа перцепција?
Амб. Пинингтон: На денот кога владата даде заклетва, премиерот се обрати до Канаѓаните овозможувајќи поголем увид во причините зошто владата создаде вакво раздвижување. Покрај тоа што повторно ја обврза неговата влада да ги направи промените во економската политика што беа ветени во текот на изборната кампања, тој зборуваше за респонзивноста во однос на очекувањата на Канаѓаните да ги видат нивните вредности и приоритети вградени во нивната влада и за тоа дека владата ќе донесе лидерство што нема да прави поделби меѓу Канаѓаните, туку напротив, ќе ги обединува. Тој зборуваше за потребата владата да ја стекне вербата на Канаѓаните во нејзината чесност и подготвеност да слуша со отвореност и транспарентност. Тој вети дека ќе донесе нов ветер во Отава, вклучително соработка со други нивоа на власта и со домородното население. Од реакциите што ги доби изгледа дека тој ги допре нештата што се важни за Канаѓаните.

Според Вас, кои се клучните предизвици за Канада како општество и економија, како на краток рок, така и во наредните пет години?
Амб. Пинингтон: Канада е земја што ужива релативна политичка стабилност, општествена кохезија и економска сигурност. Според тоа, како и сите општества се соочуваме со предизвици. Од моите претходни одговори можете да видите дека федералната влада сака повторно да се ангажира спрема граѓаните кои можеби станаа незадоволни од владата и мислам дека тоа е точно за сите нивоа на власт, провинциска и општинска. Разновидноста на нашето население останува основа на нашето општество, но тоа е општество што старее со придружните предизвици од тоа. Ние сме земја што е обликувана од имиграцијата и ќе продолжиме да бидеме тоа, прифаќајќи, на пример, 25.000 бегалци од Сирија во Канада во следниве 3 месеци. Се предвидува дека климатските промени несразмерно ќе ги погодат поларните региони, вклучително и голем дел од Канада и веќе ги гледаме некои ефекти од повисоките температури. Ние сме голема копнена територија и нашата економија сè уште има голем дел на природни ресурси така што промената на животната околина ќе биде важен предизвик за нас.
Нашата економија е отворена и под влијание на настаните во светот, а особено е заемно поврзана со економијата на САД, така што насоката по која ќе се движат нашите соседи ќе влијае и на насоката по која ќе одиме ние. Во целина, на секторот на примарни производи отпаѓаат околу 16% од БДП на Канада и околу една третина од нашиот вкупен извоз. Наш голем предизвик останува падот на цената на нафтата, што доведе до мал пад на економската активност на Канада во првата половина од 2015 година и значителен пад на вредноста на канадскиот долар. Падот на цените на другите примарни производи, првенствено на металите, дополнително ја усложни ситуацијата. Другите сектори на економијата остварија пораст од декември 2014 година наваму, а во втората половина од годината растот во Канада продолжи. Нашата стапка на невработеност е 7%.
Во иднина ќе мора да ја прилагодиме нашата економија на свет во кој цените на примарните производи би можеле да бидат понестабилни и во кој ќе има поголема конкуренција од извори со ниски трошоци. За да успееме во тоа треба да развиеме избалансирана економија што помалку се потпира на ресурси и се справува со прашања како што е растот на продуктивноста, кој економистите го посочуваат веќе неколку години.
Сѐ на сѐ, ние сме модерна, интегрирана и диверзифицирана економија, со луѓе кои се добро образовани и вредни и ќе бидеме способни да ги надминеме предизвиците што ги носи променливата светска економија.
Вашата канцеларија е во Белград, но вие сте амбасадор на Канада во три земји, во Србија, во Црна Гора и во Република Македонија. Каква е перцепцијата на Канада за овој регион? Како ги оценувате нивото и квалитетот на дипломатските односи меѓу Канада и трите земји што ги покривате?
Амб. Пинингтон: Канада има добри односи со сите три земји и ги поддржува напорите на трите влади за евроатлантските интеграции и развојот на отворени демократски политички системи и економии. Верувам дека сме ценети во регионот. Канаѓаните инвестираа во сите три земји и, врз основа на она што сум го слушнал, во најголем дел тие се задоволни од условите што ги нашле тука. Бројките за билатералната трговија ни се поскромни и тоа е област каде што има потенцијал за раст.
Претпоставувам дека се обидувате колку што е можно повеќе да бидете присутен во сите три земји. Од Ваша перспектива, кои се најважните сличности и разлики меѓу трите земји што ги покривате?
Амб. Пинингтон: Амбасадата се обидува да го распореди расположливото време меѓу трите земји во поддршка на односите што Канада ги има со секоја од нив. Во однос на сличностите и разликите, се разбира, постои онаа во поглед на големината, Црна Гора е помала од Србија или од Македонија. Не можам да додадам повеќе од она што е кажано во редовните оценки од страна на меѓународните финансиски институции и други организации. Трите земји се во транзиција, обидувајќи се да направат промени за да создадат модерни демократски општества базирани на владеење на правото и негова ефикасна примена, како и отворени пазарни економии што се ефикасни и податливи за секого, граѓанин или странец, кој сака да започне и да развива бизнис. Направен е голем напредок кон остварувањето на овие цели, но има уште работи што треба да се направат.

Покривањето на три земји од една канцеларија е пристап што е ефективен во однос на трошоците и пристап за кој верувам дека помалку развиените земји треба повеќе да го применуваат. Дали е ова широко распространет пристап во надворешната политика на Канада?
Амб. Пинингтон: Како и секоја друга земја, Канада мора да ги алоцира ресурсите на најефективниот и најефикасен можен начин. Ние секогаш правиме проценки кога ги позиционираме дипломатските ресурси, земајќи ги предвид ситуацијата во секоја земја, нејзината близина, леснотијата на комуникација и транспорт и нивото на односите. Канада има бројни амбасади што се акредитирани за други земји на нерезидентна основа и гледаме дека во најдобар дел тоа е ефикасен начин за да ги менаџираме нашите односи.
Во Република Македонија Канада се смета за голем пријател. Веќе долг период има бројна заедница на Македонци во Канада, како доказ за долгогодишната врска меѓу двете земји. Што може да се направи за овие врски да станат уште посилни?
Амб. Пинингтон: Македонската дијаспора во Канада е активна и сака да ѝ помогне на Македонија. Најдобар пример за тоа како да се изградат врски меѓу луѓето од нашите две земји е да се поттикне размена каква што гледаме преку иницијативата „Македонија 2025“. Посветеноста која ја покажаа многумина, особено Џон Битов и Мајк Зафировски, мора да се поздрави. Владите можат да воспостават линкови и структури, но бизнис заедницата е таа што може да обезбеди експертиза и искуство за тоа како да се води бизнис и да расте економијата. Неодамнешниот Македонски економски самит 2015 беше значаен затоа што се концентрираше на приватниот сектор со минимум вклученост на владата. Исто така фокусот беше на млади менаџери и претприемачи бидејќи тие се оние кои ќе ја градат економијата.
Земјите од Западниот Балкан се соочуваат со мошне тешкото прашање за големиот бран на бегалци од земјите од Блискиот Исток што се растргнати од војни. Што би требала да направи Македонија, мала и сиромашна земја, во вакви околности? Според Вас, кој би бил правилниот пристап за целиот регион?
Амб. Пинингтон: Од она што го видов, ако се земат предвид околностите и расположливите ресурси, земјите на Балканот добро се справуваат со оваа тешка ситуација што не е создадена од регионот. Се знае дека решението мора да биде мултилатерално и да ги вклучи сите елементи на прашањето, од ситуациите во оние земји што се распаднати од војна, па до економските, политичките и социјалните состојби во Западна Европа.
ЕКОНОМСКИТЕ ПРАШАЊА СЕ ЦЕНТРАЛЕН ДЕЛ НА НАДВОРЕШНАТА ПОЛИТИКА НА КАНАДА ВЕЌЕ ДОЛГИ ГОДИНИ И НЕМА ИНДИКАЦИЈА ДЕКА ЌЕ СТАНАТ ПОМАЛ ПРИОРИТЕТ ЗА НОВАТА ВЛАДА. КАНАДА Е ТРГОВСКА НАЦИЈА, НО НИЕ ИСТО ТАКА СМЕ И НАЦИЈА КОЈА ИНВЕСТИРА И САКАМЕ ДА РАЗВИЕМЕ ПАЗАРИ ЗА НАШИТЕ ПРОИЗВОДИ И КОМПАНИИ
Од она што го прочитав пред ова интервју, економските прашања имаат континуирано растечко значење во надворешната политика на Канада. Во 2013 година се придруживте на транзицискиот тим кој менаџираше со спојувањето на Надворешните работи, Меѓународната трговија Канада и Канадската агенција за меѓународен развој. Можете ли да ни кажете каков вид промена беше ова за надворешната политика на земјата?
Амб. Пинингтон: Економските прашања се централен дел на надворешната политика на Канада веќе долги години и нема индикација дека ќе станат помал приоритет за новата влада. Канада е трговска нација, но ние исто така сме и нација која инвестира и сакаме да развиеме пазари за нашите производи и компании. Во февруари 1982 година ги обединивме функциите на надворешните работи и меѓународната трговија во единствен оддел и нашите мисии беа исто така целосно интегрирани. Во буџетот за 2013 година владата објави дека одделот ќе биде споен со нашата Развојна агенција со цел подобро да се подредат сите наши надворешни политики и да обезбедиме постоење на конзистентни приоритети и цели. Практичниот резултат беше подобрата координација меѓу различни области во испорачувањето на надворешната политика на Канада, притоа респектирајќи ги специфичните потреби на менаџирањето на секоја од функциите.
Кои се некои од клучните иницијативи што Канада ги реализира во странските земји со цел да ги подобри билатералната трговија и економската соработка? Може ли некоја таква иницијатива да биде лансирана во Република Македонија?
Амб. Пинингтон: По стекнатото долгогодишно искуство, Канада има добар развиен систем за поддршка на трговските и на економските интереси. Нашата служба за трговски услуги (ТЦС) е всушност најстарата функција во одделот што започна во 1892 година. Таа има функција да им помогне на компаниите што сакаат да извезуваат или инвестираат во странство, привлекува инвестиции во Канада и развива иновации и партнерства за истражување и развој. Нашите комерцијални службеници ги истражуваат локалните пазари во поглед на можностите и преку онлајн систем за препораки се обидуваат можноста да ја поврзат со канадска компанија. Во Канада ТЦС многу комуницира со бизнис заедницата за да им помогне на компаниите да се подготват за извоз и да ги информира за можностите за извоз и инвестирање во странство. ТЦС вложи голем напор во тоа да стане модерна и агилна функција што е способна брзо да ги искористува можностите за да ја зголеми економската активност. Таа е многу успешна и постојано е истакнувана од бизнис заедницата за работата што ја врши и поддршката што ја дава.
Зоран Јовановски
(јануари 2016)