Интервјуа

КРЕИРАМЕ ПРОИЗВОДИ И УСЛУГИ ШТО ЈА НАМАЛУВААТ НЕИЗВЕСНОСТА ОД ИДНИНАТА

Маја Ставрева Стојанова

 

 


НЛБ „Тутунска банка“ се вклучи во банкоосигурувањето, новата приказна во банкарството во Македонија. Колку во тој процес Ви помогна искуството на групацијата на која ѝ припаѓате?
 

М. Ставрева-Стојанова: Банкоосигурувањето е светски тренд насочен кон обезбедување сеопфатна услуга за клиентите со која тие добиваат банкарски и осигурителни продукти на едно место. НЛБ Тутунска банка осигурителните продукти од сегментот на неживотното осигурување ги има во својата палета на производи од 2007 година. Со Банкоосигурување започна во 2015 година и е прва банка во Македонија која во својата понуда на небанкарски производи ги вклучи продуктите за животно и за неживотно осигурување.  

Секако, голема предност е тоа што НЛБ „Тутунска банка“ го има на располагање богатото искуство од НЛБ ДД. НЛБ ДД има долгогодишна традиција и искуство во доменот на осигурувањето кои значително ни помогнаа при креирањето на понудата на нови осигурителни продукти. Располагајќи со такво знаење бевме во позиција да направиме најдобар избор и оптимално поврзување на осигурителните продукти со останатите сервиси на банката.

Кои осигурителни производи се продаваат преку Вашата банка? Кои се најпродавани досега? 

М. Ставрева-Стојанова: Понудата на осигурителни продукти за нашите клиенти е комплетна и ги содржи сите типови неживотно и животно осигурување. 

Во делот на неживотно осигурување, во експозитурите на НЛБ „Тутунска банка“ можат да се купат полиси за осигурување на имот, домаќинско осигурување, патничко осигурување, полиси за автоодговорност, зелена карта, каско осигурување и осигурување од незгода од осигурителната компанија „Сава осигурување“.

Кај сегментот на животно осигурување соработката се реализира со „Кроација осигурување – живот“ при што ги нудиме сите типови осигурителни продукти: животно осигурување со штедна компонента, ризико животно осигурување и детско штедно осигурување. Генерално, интерес постои за сите типови полиси. Досегашната пракса евидентира најголем интерес за осигурување на имот, домаќинско осигурување, патничко осигурување и животно осигурување со штедна компонента. 

ПОНУДАТА НА ОСИГУРИТЕЛНИ ПРОДУКТИ ЗА НАШИТЕ КЛИЕНТИ Е КОМПЛЕТНА И ГИ СОДРЖИ СИТЕ ТИПОВИ НЕЖИВОТНО И ЖИВОТНО ОСИГУРУВАЊЕ

Дали правите поврзување или промоција на одредени банкарски производи со осигурување? 

М. Ставрева-Стојанова: Од воведување на банкоосигурувањето, Банката реализираше повеќе акции на врзана продажба на  банкарски и на осигурителни продукти кои меѓусебно се комплементарни и кои како пакет додаваат вредност за корисникот. 

Како пример, потрошувачките кредити ги нудиме со полиса за осигурување од незгода. Со ова поврзување гледавме можност за олеснување на  кредитните обврски за корисникот или за неговото семејство доколку настане незгода поради која носителот на кредит нема да биде повеќе во иста економска состојба или физичка кондиција како при аплицирањето за кредит.

Во минатите месеци имавме промотивна кампања за мастер кард (MasterCard) кредитните картички во која со секоја издадена кредитна картичка доделувавме бесплатна полиса за патничко осигурување. Нашиот став беше дека патничкото осигурување и кредитните картички се компатибилни производи и за клиентот обезбедуваат целосен сервис.

Во моментов започнуваме промотивна кампања за станбени кредити во која  направивме поврзување на банкарски и на осигурителен продукт. Имено, за клиентите кои ќе аплицираат за станбен кредит во текот на промотивната кампања, освен ненаплатување на трошоците за одобрување и за проценка на недвижноста, ќе им биде доделена и осигурителна полиса со гратис премија за првата година од осигурувањето. Станот или куќата чие купување НЛБ „Тутунска банка“ го кредитира со полисата се заштитува од основни ризици.

Дали банкоосигурувањето ги даде посакуваните резултати? Што планирате во иднина? 

М. Ставрева-Стојанова: Со банкоосигурување започнавме во текот на 2015 година и за овој релативно краток период постигнавме одлични резултати. 

НЛБ „Тутунска банка“ ќе продолжи да ја развива и да ја збогатува понудата на банкоосигурување со цел на клиентите да им овозможи дополнително обезбедување и дополнителна сигурност. Во следниот период планираме воведување продукт кој ќе ги поврзе станбениот кредит и животното осигурување. 

Насочени сме кон креирање и поврзување на продукти и на сервиси кои значат намалување на неизвесноста од иднината и обезбедуваат идни бенефити. Во тој контекст, освен банкоосигурувањето, значајни се и продуктите од областа на пензиското осигурување, во нашиот случај продуктите на „Нов пензиски фонд“. Нашиот фокус останува на креирање пакет продукти и сервиси кои на најдобар начин и со најголеми придобивки за клиентите ги комбинираат банкарските и небанкарските продукти. 

(април 2016)

ПРЕПОРАЧАНО