Финансии / Банкарство

ПЕТ МЕДАЛИ ЗА ТИКВЕШ НА „МУНДУС ВИНИ“

Вината на Винарската визба „Тиквеш“ освоија три златни и две сребрени медали на еден од најпрестижните светски натпревари за вино. Златни медали освоија домен лепово шардоне 2015, домен лепово гранд куве 2013 и каберне франк спешл селекшн 2015, додека темјаника спешл селекшн 2015 и александрија куве розе 2015 добија сребрени медали на големиот интернационален вински натпревар „Мундус вини“ (The Grand International Wine Award – MUNDUS VINI) кој по 18. пат се одржува во Германија. „Големиот број и значајни медали освоени во ваква конкуренција нѐ прави исклучително задоволни затоа што покажува дека квалитетот на нашите вина е на светско ниво. Ваквите достигнувања секако ќе придонесат за креирањето на посакуваната репутација за врвните вина на ’Тиквеш‘ на најзначајните светски вински пазари“, изјави генералниот директор на ВВ „Тиквеш“ Игор Илиевски. Годинава меѓународното жири беше составено од 160 судии-дегустатори од 36 земји, а конкуренцијата ја сочинуваа над 5 000 квалитетни вина кои потекнуваат од 149 вински региони низ светот. Натпреварот „Мундус вини“ се одржува под патронат и правила на Меѓународната организација за вино (OIV) и Mеѓународната унија на енолози (UIOE).

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано