Финансии / Банкарство
ФИНТЕЧ РЕВОЛУЦИЈА
Игор Давков
Авторот е доктор на науки од областа на монетарната економија и финансиите
Денес живееме во ерата на дигиталната паметна (smart) револуција. Секој ден на вашиот паметен телефон, таблет или друг паметен уред поплавени сте со понуда на апликативни решенија кои се наменети на некој начин да ви го олеснат секојдневјето со тоа што ќе ви понудат некоја услуга или производ при што дополнително ќе ви заштедат пари и време. Според некои проценки бројката на уредите кои ќе можат да се поврзат со интернет и ќе имаат способност да запишуваат и да пренесуваат податоци на други уреди до 2020 година ќе достигне 50 милијарди. Ваквиот дигитален свет во кој постојат паметни уреди поврзани преку интернет, што континуирано разменуваат податоци, можат да се искористат за дигитализација и за промена во бизнис процесите виртуелно во сите области од економијата. Оттука не е ни чудно што сѐ повеќе компании од малопродажниот сектор се плашат од моментот кога за конкуренција ќе ги добијат „Епл“ (Apple), „Амазон“ (Amazon), „Гугл“ (Google), „Јуберд“ (Ubered)... и со тоа ќе бидат изложени на ризик да ги изгубат своите најпрофитабилни клиенти или своите најпрофитабилни продуктни линии. Ваквите трендови влијаеја повеќе традиционални компании кои работат на малопродажба да размислуваат за преземање или за стратешки партнерства со т.н технолошки компании (Techos).
Од овој тренд не се поштедени ниту банките ниту финансиските институции. Во бизнисот на финансиската индустрија, во кој се вртат милијарди долари, рапидно навлегуваат т.н. финтеч (FinTech) компании приграбувајќи сѐ поголем дел од колачот кој порано беше ексклузивен за банките. Иако банките до денес успеаја да ги преживеат и да се прилагодат виртуелно на сите технолошки револуции, вклучувајќи ја и последнава паметна револуција, се чини дека овие финтеч компании успеваат да бидат сѐ поприсутни во финансиските пазари. Тие нудат услуги и продукти кои честопати се далеку поконкурентни од оние на традиционалните играчи на финансискиот пазар. Финтеч компаниите вообичаено се дефинираат како компании кои се базирани на интернет-технологии и мобилни технологии за креирање нови или напредни банкарски продукти како плаќања, кредитирање, тргување со девизи и сл. Вообичаено овие компании се основани како стартап бизниси, но на пазарот има и големи технолошки компании како „Гугл“ (Google) или „Епл“ (Apple). Според некои расположливи статистики во последниве пет години вкупните вложувања во финтеч компаниите надминуваат 25 милијарди САД долари. Од нив приближно 27% се во кредитирање на потрошувачите, 23% во платежни услуги, а 16% во финансирање мали бизниси. Бројот на финтеч компаниите е проценет на над 4.000 компании. Овие компании нудат услуги на крајните корисници виртуелно во сите продуктни линии кои ги нудат и банките во т.н. банкарство на мало (retail banking) и учествуваат во глобалниот финансиски пазар со приближно 2%.
СПОРЕД НЕКОИ РАСПОЛОЖЛИВИ СТАТИСТИКИ ВО ПОСЛЕДНИВЕ ПЕТ ГОДИНИ ВКУПНИТЕ ВЛОЖУВАЊА ВО ФИНТЕЧ КОМПАНИИТЕ НАДМИНУВААТ 25 МИЛИЈАРДИ САД ДОЛАРИ. ОД НИВ ПРИБЛИЖНО 27% СЕ ВО КРЕДИТИРАЊЕ НА ПОТРОШУВАЧИТЕ, 23% ВО ПЛАТЕЖНИ УСЛУГИ, А 16% ВО ФИНАНСИРАЊЕ МАЛИ БИЗНИСИ. БРОЈОТ НА ФИНТЕЧ КОМПАНИИТЕ Е ПРОЦЕНЕТ НА НАД 4.000 КОМПАНИИ
Како што беше наведено овие компании многу поефикасно успеаја да ги искористат предностите на дигиталните, базирани на интернет-технологии, развивајќи банкарски продукти што се кориснички прилагодени, со ниски трошоци и се оптимизирани за користење преку дигиталните интернет-канали. Нивниот успешен пробив на финансискиот пазар не е случаен. Имено, овие компании:
• немаат толку големи регулаторни барања и стандарди каков што е случајот со банките;
• значајно се помали во однос на банките и се организирани со цел да се постигнат што е можно поефикасни иновации;
• имаат многу помали оперативни трошоци бидејќи се фокусирани на дистрибуција на своите продукти преку дигиталните медиуми;
• усогласени се со т.н. P2P (peer-to-peer) култура која се појави со напливот на социјалните мрежи;
• фокусирани се на продуктни решенија кои вообичаено задоволуваат една или неколку потреби на потрошувачите (single-purpose solutions) при што фокусот е да се понуди што е можно подобро искуство во користењето на услугата.
Иако сѐ уште мали по обем, финтеч компаниите работат на пазар кој е брзо растечки посебно кога се работи за платежните услуги и услугите поврзани со кредитирањето на потрошувачите. Генерално банките сѐ уште не се значајно погодени од оваа конкуренција, но сепак треба да се има предвид дека со промените во технологијата, посебно користењето на отворени податоци и апликациските интeрфејси (API), клауд технологијата, ниските трошоци, како и промената во однесувањето на клиентите, финтеч компаниите имаат значајни предности што влијаат на конкурентноста на овие типови услуги. Овие конкурентски предности можат да се согледаат во поадекватен дизајн на продуктите, подобро разбирање на барањата на клиентите, подобро управување со ризиците и утврдување на цената на финансиските продукти и поедноставување на процесот на склучување на договорните односи со кои се продава, односно купува финансиската услуга.
Очекувањата се дека со сѐ поголемиот опфат во користењето на податоците, финтеч компаниите ќе го прошират својот бизнис значајно како во опфат на производи, така и во волумен и на тој начин значајно да влијаат на структурата на финансиската индустрија, како што технолошките компании веќе влијаеја на е-комерц услугите. Ова јасно укажува дека претстои значајна потреба од промена во бизнис моделите и процесите на банките со цел да се искористат можностите кои произлегуваат од овие нови канали на продажба. Еден дел од глобалните играчи на банкарскиот пазар како што се УБС АГ, ББВА, Сити, Барклиз, Капитал уан, Сантандер (UBS AG, BBVA, City, Barclays, Capital One, Santander) преку инвестирање во финтеч компании веќе се обидуваат да направат синергија меѓу традиционалниот банкарски бизнис и предностите на финтеч индустријата. Намената на овие т.н. инкубатори е преку инвестирање во технолошки иновации да се развијат продукти кои ќе бидат компатибилни со барањата на нивните клиенти и продуктниот микс на банката.
Покрај слабостите на банките во однос на финтеч компаниите, тие имаат и одредени предности. Имено, самиот факт дека банките се регулирани компании креира доверба кај потрошувачите кои ги користат услугите. Исто така банките располагаат со значајно подолга историја на податоци која е посебно важна кога се работи за кредитирање или за преземање на финансиски или на други типови ризици. Оттука, имајќи ги предвид како слабостите, така и предностите на банките и финтеч компаниите, сосема е јасно дека тие меѓусебно се надополнуваат.

ФИНТЕЧ РЕВОЛУЦИЈАТА ВО РАЗЛИЧНИ ПОЈАВНИ ФОРМИ ТРАЕ ВЕЌЕ ДЕСЕТИНА ГОДИНИ И ОД ДЕН НА ДЕН ЗЕМА СÈ ПОГОЛЕМ ЗАМАВ КОЈ НЕСОМНЕНО ЌЕ ГАЛОПИРА ВО ГОДИНИТЕ ШТО ДОАЃААТ. МНОГУ Е ВЕРОЈАТНО ДЕКА ОВОЈ СЕКТОР ЌЕ СЕ НАМЕТНЕ КАКО ЕДЕН ОД ФАКТОРИТЕ КОИ ЌЕ ИМААТ ОДРЕДЕНО ВЛИЈАНИЕ ВО ИДНИНА НА ТОА КАКО ЌЕ ИЗГЛЕДА ГЛОБАЛНАТА ФИНАНСИСКА ИНФРАСТРУКТУРА
Како значајни теми кои се актуелни и имаат влијание врз работењето на финтеч компаниите, како и на атрактивноста на продуктите кои им ги нудат на потрошувачите можат да се идентификуваат следниве прашања:
Монетизација на податоците. Финтеч компаниите во основа го менуваат начинот на кој потрошувачите плаќаат за финансиските услуги. Сѐ помалку се користат моделите на однапред платен пристап до услугите и сѐ повеќе се оди на модели кои се базираат на рекламирање или на претпродажба на податоците на трети лица. Ова е последица на обемноста на податоците со кои се оперира при извршувањето на финансиските услуги и појавата на еден нов брзорастечки ликвиден пазар за дигитални информации, т.н. дигитални лидови (digital leeds). Оттука од големо значење е регулаторите да ги препознаат овие трендови и да обезбедат соодветни механизми преку кои ќе се обезбедат начелата што се применуваат на работењето на банките, како што се на пример заштита на потрошувачите и заштита на личните податоци.
Измама и заштита на идентитетот. Во дигиталниот свет каде што се случува континуиран стриминг на податоци преку интернет, од ден на ден станува сѐ покомплицирана заштитата на идентитетот на клиентите. Растечкиот број на финтеч компании и пазарниот натпревар меѓу нив креира притисок врз нив да пласираат нови продукти кои не секогаш се тестирани од сите сигурносни аспекти поврзани со заштита на идентитетот на потрошувачите. Оттука сѐ уште постои реална потреба да се работи на воспоставување адекватни сигурносни стандарди поврзани со заштита на идентитетот на потрошувачите.
Замена на инфраструктурата. Финтеч компаниите се обидуваат да ги заобиколат постојните финансиски инфраструктури и да воспостават нова финансиска инфраструктура која на ефективен начин ги поддржува оперативните барања за функционирање на сервисите кои ги нудат финтеч компаниите. Ваквите инфраструктури вклучуваат P2P мрежи и криптографски валути, како што е на пример Биткоин (Bitcoin). Оваа стратегија во одредени сегменти беше применета од страна на „Виза“ (VISA), „Мастеркард“ (MasterCard) и „Пејпал“ (PayPal) преку лансирање нови типови инфраструктури кои овозможуваат ефективна аквизиција на нови сервиси и услуги базирани на интернет.
Финансиско посредување. Финтеч компаниите сѐ повеќе се насочени кон воспоставување нови бизнис модели преку кои се креира директна конкуренција на банките и финансиските компании. Овие бизнис модели најмногу се видливи во доменот на т.н. директно кредитирање (P2P lending). Имено, сѐ поголем е бројот на физички лица и мали компании кои се спремни да ги користат услугите на финтеч компаниите за сметка на традиционалните банкарски канали преку кои, до појавувањето на овие компании, овие клиенти ги користеа овие услови.
Финтеч револуцијата во различни појавни форми трае веќе десетина години и од ден на ден зема сѐ поголем замав кој несомнено ќе галопира во годините што доаѓаат. Многу е веројатно дека овој сектор ќе се наметне како еден од факторите кои ќе имаат одредено влијание во иднина на тоа како ќе изгледа глобалната финансиска инфраструктура. Доказ за тоа се и последните случувања во Обединетото Кралство каде што финтеч компаниите, водени од потребата за оптимизација на трошоците, веќе имаат доставено барање до регулаторите и до Банката на Англија за промена на регулативата со која се регулираат плаќањата. Имено, овие компании бараат можност, исто како и банките, да отвораат сметки кај централната банка и со тоа да станат носители на платниот промет, односно дел од платниот систем.
(март 2016)