Општество

ДИГИТАЛНА ТРАНСФОРМАЦИЈА

Дарко Булдиоски

Колку и да звучи класика, сепак мора да се прифати дека не е технологијата таа која е водич во дигиталната трансформација на една компанија.

Што е дигитална трансформација? Тоа е термин глобално актуелен веќе неколку години. Секако, како и за многу други работи, голем број различни извори имаат свои, различни дефиниции. Мене најмногу ми се допадна оваа:
„Дигитална трансформација е процесот на промена на организацијата од традиционален пристап во нови начини на работење и размислување користејќи дигитални, социјални, мобилни и развојни технологии. Вклучува промена во раководењето, начинот на размислување, охрабрување на иновација и нови бизнис модели вклопувајќи дигитализација на капацитетите и зголемена употреба на технологија со цел подобрување на искуството на вработените, купувачите, добавувачите партнерите и сопственици. “
Ако ја извадиме бизнис перспективата од дефиницијава и малку гледаме пошироко, тогаш ја добивате оваа дефиниција која може да се прочита на „Википедија“:
„Дигитална трансформација се однесува на промените поврзани со примената на дигиталната технологија во сите аспекти на општеството. Дигиталната трансформација може да се објасни како трета фаза на прифаќање на дигиталните технологии: дигитална подготвеност, дигитална писменост и дигитална трансформација. Последната фаза подразбира дека користењето на дигиталната технологија само по себе овозможува нови типови на иновација и креативност наспроти само зајакнување на традиционалните методи.“
Ако се обидеме крајно да ја поедноставиме дефиницијата и ако сакаме да разбереме на дневно ниво што значи оваа трансформација можеме да извлечеме и една ваква прилично кратка дефиниција:
„Дигиталната трансформација го затвара просторот меѓу очекувањата на дигиталните купувачи и она што всушност го нудат аналогните бизниси. И тука доаѓаме, веројатно, до суштината на оваа трансформација. Не е технологијата во фокусот, не е таа чија промена е важна, туку важна е промената на самите купувачи.“
Според Ешли Фридлен, еден од основачите на „Иконсалтанси“ (Econsultancy), една компанија е дигитална во моментот кога демонстрира две клучни работи: фокус на корисничкото искуство без разлика на каналот и има дигитална култура.
Корисничкото искуство оди далеку надвор од дигиталните канали на комуникација. Тоа е, или барем треба да биде, еден од основните делови на современиот маркетинг. Голем број компании го достигнуваат ова ниво со фокусирање на целокупното искуство вклучувајќи го и односот со потрошувачите, со пакувањето и со доставувањето.
Дигиталната култура гледана од бизнис перспектива ја карактеризираат повеќе работи: флуидни работни позиции, одлуки базирани на податоци, транспарентност, колаборација, мултидисциплинарни тимови подготвени да прифатат неуспех, но и да прифатат идеја што доаѓа од различни места, желни за учење и за прифаќање на промена.
Важно е да се сфати, а ова го потврдува и студијата на МИТ и „Дилојте“ од 2015 година, дека моќта на дигиталната трансформација лежи во својот делокруг на дејствување и на целите. Помалку искусните компании се фокусираат на индивидуални технологии и имаат стратегии што се веќе фокусирани кон оперативниот дел, додека пак оние поискусните организиции што се во поодмината фаза на трансформација се развиваат со фокус на трансформација на целиот бизнис.
Веќе напомнав дека центар на сѐ треба да се самите купувачи/клиенти/потрошувачи, наречете ги како сакате. Тие побрзо се менуваат и ги прифаќаат промените во општеството, па затоа секогаш компаниите треба да ги следат нив и да сфатат дека мора да инвестираат во промена која на крај ќе резултира со интеграција и со доминација во новата ера. Моќта на трансформацијата значи моќ да се разберат однесувањата и искуствата на дигиталните потрошувачи.

Игра за големите?!
Најзасегнати од оваа фаза на промена се, секако, најголемите компании. За нив промена значи цел еден сложен процес кој може да трае и неколку години. Затоа тука најистурени на темава се големите консултантски куќи, центрите за истражувања и академските установи. Но, нека не ве залажува тоа, дигиталната трансформација треба и мора да се случи насекаде. Таа не е карактеристична само за компаниите чија основна дејност е технологијата. Дигиталната трансформација не е зависна од типот на индустријата во која дејствува една компанија и секако не се исклучува во зависност од географската позиционираност на компанијата.
Предизвикот за локалните компании е на некој начин уште покарактеристичен затоа што развојот на локалниот пазар во голем дел на сегменти не е во линија со развојот на глобално водечките пазари, но токму таа дигитална трансформација прави голем дел од искуствата кои ние како корисници ги имаме да бидат остварени на други пазари и/или директно на интернет. Со тоа, без разлика на развиеноста на локалниот пазар, ние како корисници очекуваме и од локалните компании еднаков пристап во работата зашто ние сме тие, истите корисници со кои тие треба и веќе комуницираат.
Искусните во оваа област напомнуваат дека оваа трансформација доколку не е реализирана од страна на големите консултантски куќи тогаш на оперативно ниво се турка од страна на креативните маркетинг агенции кои рано ја имаат прифатено оваа промена и се свесни за нејзината неопходност да ги променат начините на кои се пристапува кон бизнис размислувањето денес преку различни маркетинг активности со своите клиенти.
Во едно сите се обединети, дигиталната трансформација значи далеку повеќе од прифаќање нови технологии. Таа значи инвестиција во мапирање и разбирање на новите, различните, искуства на потрошувачите и соодветна промена на целокупниот однос кон нив.

(март 2016)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано