Општество
Ивана Алексиќ (Белград): ВКЛУЧУВАЊЕ НА РАБОТОДАВАЧИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН – КАКО И ЗОШТО?
Ивана Алексиќ
Виш консултант за образование Wider Europe (Вајдер Јуроп), Британски совет, Србија
Уште од стартот на глобалната економска криза земјите се во потрага по нови и иновативни пристапи за мобилизирање како на фирмите, така и на поединците во надеж за економско заживување – за подобар одговор на денешните предизвици во однос на вештините и на продуктивноста. Голем притисок е ставен врз образовните системи за тие да испорачаат модернизирани програми со цел да се обезбеди поклопување на вештините, она што се учи во училиштата и она што се бара на пазарот на работна сила. Во Западниот Балкан последниве неколку години беа обележани од големите напори на образовните власти да најдат нови начини за справување со овие предизвици. Клучните зборови во денешната образовна реформа се вработливост, рамки за квалификации, претприемничко учење, учење на работното место, да споменем само неколку од нив. Сите тие јасно укажуваат дека образовните системи треба да погледнат надвор од границите на нивниот сектор во обид да ја усогласат својата работа со побарувачката за нови вештини и работи. Иако голем дел од јавниот дискурс се развива за концептот на зголемена конкурентност, фер е да се каже дека ова е битка за економски опстанок.
Работодавачите можат да помогнат. Преку нивно вклучување во образовната реформа можеме да ја зголемиме релевантноста на образовните програми и да ја подобриме понудата на потребните вештини. Во земјите на Западен Балкан треба да се земат предвид и одредени регионални фактори. Овие земји сè уште се справуваат со наследството од еден мошне различен економски модел наследен од социјалистичките времиња при што како едукаторите така и работодавачите имаат ниска свест за користа од вклучувањето на работодавачите во образовната реформа и ним сè уште не им е доволно јасно зошто и како работодавачите треба да бидат дел од равенката на една образовна реформа.

Битка со наследството од државното вработување во Западниот Балкан
Работодавачите од приватниот сектор во Западниот Балкан се сè уште „нови момци во маало“. Има закачка во значењето на зборот работодавач во сите транзициски економии, што важи и за Западниот Балкан. До раните деведесетти години, најголем број од тие земји имаа еден доминантен работодавач – државата. Според Извештајот „Назад на работа“ на Светска банка од 2014 година, вработеноста во јавниот сектор до 2010 година значително се намали во најголемиот број од тие земји. Во 1989 година, пак, таа учествуваше меѓу 60 и 90% од вкупната вработеност и само за две децении радикално се намали, во Албанија на пример за преку 70 проценти. Најголемиот дел од падот во сите земји е последица на намалувањето на вработеноста во јавниот сектор надвор од секторот на јавна администрација.
Тековната економска криза не помага за зајакнување на младиот приватен сектор. Приватниот сектор во земјите од Западниот Балкан, каде што преку 90% од сите работодавачи доаѓаат од мали и од средни претпријатија, беше силно погоден од глобалната криза, што водеше до послаби економски остварувања на фирмите што преживеаја и до многу бизнис затворања. Не е помалку важно тоа дека кризата врати некои од спомените за старите времиња и концептот за стабилно вработување за цел животен век со силен работодавач. Изгледа дека наоѓањето државна работа е она што ги интересира голем број од невработените лица во овој регион – добивање на договор за вработување со полно работно време на неодреден период со стабилна плата, макар таа била и скромна.
Имајќи го ова предвид, прашањето е како на најдобар начин да се вклучат работодавачите. И што да се направи?
Делот „зошто“: работодавачите овозможуваат да се види дали очекувањата се поклопуваат со реалноста
На образовните власти им се потребни работодавачите за да ги едуцираат новите генерации за животот. Секој рамковен закон за образование во земјите од Западниот Балкан има минимум две општи цели. Прво, да даде можности за учење на секое младо лице со цел да се максимизира неговиот индивидуален потенцијал и второ, да обезбеди дека по завршување на училиштето младите лица се добро екипирани за предизвиците на реалниот живот, вклучително и успешен премин од училиште на работа. Меѓутоа, невработеноста на младите продолжува да биде екстремно висока во овој дел од светот со многу бариери за младите за влез на пазарот на работна сила. Причините за тоа се бројни и тие се нашироко дискутирани во изминативе години. Опсегот причини оди од широко распространетата перцепција на работодавачите дека младите луѓе го напуштаат училиштето со неадекватни вештини, па до фактот дека при високи стапки на невработеност работодавачите одбираат да вработат поконкурентни работници со искуство одошто некои нови кои влегуваат на пазарот на труд.
Гласот на работодавачите треба да биде слушнат со цел да се зголеми како релевантноста, така и ефективноста на образовните програми. Како што е покажано во графиконот подолу и работодавачите и едукаторите се заинтересирани за вештини, знаење и компетенции ‒ работодавачите кога вработуваат работници за одредени работни места, а едукаторите кога овозможуваат учење за одредени квалификации. Во овој графикон понудата на вештини и на компетенции од образовниот систем и побарувачката за вештини и компетенции од страна на работодавачите е илустрирана со користење на два круга што делумно се преклопуваат, сугерирајќи дека колку е поголемо преклопувањето толку е подобро усогласувањето на вештините и на компетенциите меѓу двата сектора. Двата екстремни краеви каде што перспективите на работодавачите и на едукаторите не се среќаваат се претставени преку преостанатите делови од двата круга каде што или училиштата нудат вештини што не ги бара пазарот на работна сила или работодавачите бараат вештини што не се учат во училиштата.
Здружувањето на работодавачите и на едукаторите може да ги поправи овие несовпаѓања и води кон постојано усогласување на стандардите на занимањата со квалификациите и следствено ги зголемува шансите за подобри резултати на пазарот на работна сила за младите. Ги прави младите поработливи и на крајот – вработени. За ова да се случи едукаторите мора да ги вклучат работодавачите, да побараат нивно мислење и да обезбедат дека потребите за вештини се рефлектирани во образовните програми што се предаваат во училиштата.
Земјите од Западниот Балкан имаат направено различни нивоа на прогрес во поглед на создавањето на ефективни механизми за вклучување на работодавачите. На пример, некои од земјите од Западен Балкан успеја да воспостават секторски комисии што веќе се вклучени во обликување на образовните реформи, каков што е случајот во Црна Гора. Другите имаат малку или воопшто немаат искуство. На пример, во 2012 година Србија како пилот обид ги воведе советите за секторски вештини во четири економски сектори, но не успеа да ја одржи оваа форма на соработка со работодавачите. Босна и Херцеговина е на самиот старт на овие дискусии. Во Македонија Законот за национални квалификации предвидува воспоставување на секторски комисии во кои работодавачите би биле застапени, но допрва треба да се работи на имплементација. Слично сите земји во регионот имаат некаква форма на практична обука / учење на работното место, како дел од ВЕТ програмите. Меѓутоа, ниедна земја нема шема што добро функционира и е дизајнирана како дел од наставна програма и се одвива редовно надвор од училишната средина.

Делот „како“: постигнување согласност за улогите и воспоставување на шеми со фактори што поттикнуваат
Како играчи на национално ниво работодавачите можат и треба да влијаат на образовната политика. Повеќе не е можно да се замисли дека рамките за квалификации и националните стандарди за занимања, темелот на самите квалификации, можат да бидат релевантни за економскиот развој без вклучување на работодавачите. Земјите од Западен Балкан имаат потешкотии да воспостават совети за секторски вештини во регионот, како што споменав погоре, но одлуката е донесена. Сите тие сакаат да ги вклучат работодавачите организирани на национално ниво во секторски тела со силна улога во водење на процесот на идентификација и развој на стандардите за занимања, развој на стандарди за квалификации и нивно вметнување во националните рамки за квалификации што ќе бидат отворени за постојано ажурирање. Како што заклучи неодамнешната студија на ОЕЦД, лекциите од многу успешните примери покажуваат дека учењето треба да стане сечија грижа – на владите, на работодавачите, на работниците и на родителите, сите со потреба од ефективни и фер аранжмани за тоа кој што прави и кој што плаќа, кога и како.
Улогата на работодавачите не треба да биде ограничена само на понуда на информации за вештини што се барани од страна на индустриите, одговорноста за потребите за учење треба да е поделена меѓу образовните системи и работодавачите. Несомнено клучната улога на работодавачите е да дадат информации за потребните вештини. Но, ова треба да биде дополнето со вклучување на работодавачите со понуда на вештини од нивна страна (види го графиконот што следува). Преку примање на студенти на практична обука, работодавачите можат да им овозможат на студентите суштински важна изложеност кон работна средина од реалниот живот, додека се сè уште во ВЕТ образование. Во идеален случај, образовните системи во партнерство со работодавачите треба да имаат цел воспоставување на добро структурирани формални аранжмани за обука на работното место, како што се праксите, каде што потребата за обука е поврзана со целокупната наставна програма и стандардите за квалитет.
Сепак работодавачите не можат самите да го сторат тоа. Образовните власти треба да создадат правна и институционална рамка за работодавачите да се вклучат во испораката на образование. Образовните власти имаат јасна улога да обезбедат интегрирање на учењето на работно место во наставните програми. Уште повеќе, успешните земји се свесни за потребата од воспоставување доволно поттикнувачки шеми за работодавачите за да понудат места за обука на студентите. Сите работодавачи од приватниот сектор, како профитно ориентирани субјекти, ќе ги споредат своите трошоци од вакви аранжмани за обука и користа од нив и веројатно подобро ќе реагираат доколку системите нудат разумни поттикнувачи без оглед дали тие се финансиски или не.

Сите учесници на линија на учење што бара голем ангажман
Првиот чекор треба да биде зголемување на свеста и градење на меѓусебна доверба меѓу работодавачите и образовните власти. Промените во севкупниот контекст, вклучително економската криза, зголемената брзина на технолошка промена, повисоката продуктивност и побарувачката за нови вештини се подеднакво нови како за работодавачите, така и за едукаторите. За двете страни е потребно континуирано учење и интеракција со цел да се изградат одржливи механизми што би го поддржале учењето на студентите во училиштата, како и надградба на вештините кај возрасните ученици. Идентификацијата и промоцијата на добри локални практики во партнерство меѓу образованието и бизнисите треба да се со висок приоритет. Исто така, на агендата треба да биде и учење од најдобрите примери од другите земји. На пример, земјите со добро развиени модели за соработка меѓу индустријата и училиштата покажаа дека работодавачите можат многу да придонесат. Всушност, во некои од ЕУ земјите, како што е Велика Британија, советите за секторски вештини извршуваат јавна услуга како овластени тела што ги водат процесите на подготовка на националните стандарди за занимања и обезбедуваат јавните средства да бидат насочени кон оние секторски квалификации што се барани од бизнисите.
Иако владите од Западниот Балкан донесоа одлука да воспостават секторски тела на национално ниво со функции слични на оние што ги имаат советите во Велика Британија, ним сè уште им недостасуваат техничко знаење и вештини, како и законски и институционални рамки за да дејствуваат според тие одлуки. Работодавачите од приватниот сектор на Западен Балкан треба да се запознаат со подолгорочните бенефиции од нивно ангажирање заедно со образовните власти во имплементацијата на рамките за национални квалификации, како и со нивната улога на даватели на обука. Преку назначување на улоги и разјаснување на одговорностите, преку воспоставување на неопходните правни и институционални рамки и алоцирање на ресурси врз основа на договорени резултати, сите вклучени страни ќе имаат јасна слика за процесот и очекуваните резултати и ќе бидат сметани за одговорни да го испорачаат резултатот.
Горенаведеново ги претставува клучните состојки во она што треба да е идниот општествен договор меѓу работодавачите, од една страна и образовните власти, од друга страна. Денес ова е ургентно прашање за земјите на Западен Балкан.