Општество
ЕВРОПСКИ ПАРИ ЗА РЕФОРМИ, ИНТЕГРАЦИИ И РАЗВОЈ
Фатмир Бесими
Авторот е поранешен заменик-претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, а ставовите во колумната се лични
Дај му риба на човекот за да го нахраниш еден ден, научи го да лови риба за да го нахраниш цел живот! (Стара поговорка)
Процесот на проширување на Европската Унија во Западен Балкан претставува заеднички интерес за двете страни. Интеграциите подразбираат и многу реформи во општеството, зајакнување на институциите, усогласување на законите, како и реформи на економски и социјален план. Гледано од тој контекст интеграциите бараат цврста политичка волја за донесување на значајни одлуки, професионална администрација за спроведување на реформите, но и финансиска поддршка за целиот процес. Финансирањето несомнено треба да се заснова на домашниот буџет, но значителна поддршка доаѓа и од Европската Унија преку различни фондови и програми, кои сепак не се даваат на „слепо„ туку „условено„ и поддршката треба да се заработи преку исполнување на критериумите и реформите што се неопходни во однос на европските интеграции.
Критериуми за пристапување во ЕУ
Европскиот Совет, во Јуни 1993, во Копенхаген утврди политички, економски и правни критериуми за членство во Европската Унија, познати како Копенхашки критериуми. Според тоа, државата треба да има институции што ќе го гарантираат демократското владеење и почитување на човековите права, да има функционална пазарна економија, и да ги прифаќа обврските и политиките на Европската Унија. Во 1993 година Европска Унија го отвори Процесот на стабилизација и асоцијација за земјите од Западен Балкан со цел стабилизирање на регионот и зголемување на соработката меѓу земјите од регионот и создавање на слободна трговска зона.
Со цел поддршка на процесот на европска интеграција за земјите од Западен Балкан, Европска Унија подготвува Стратегија за проширување на ЕУ со финансиски пакет за поддршка на овој процес. Кажано со други зборови, финансиската поддршка на ЕУ е „условена„ со реформи за демократизирање на општеството и зајакнување на економијата, како и усогласување со правото и политиките на Европска Унија. Всушност во ова стои главниот концепт на поддршката, избран е најтешкиот пат за сметка на посигурен успех. „Условувањето„ со реформите не секогаш е атрактивно за националните влади кои имаат свој политички мандат што вообичаено е пократок од процесот на евроинтеграциите при што и очекуваните резултати се на подолг рок, а тоа пак, ги прави помалку атрактивни овие напори особено за популистичките политичари. Но, сепак реформите остануваат најсигурниот начин да се користат европските фондови. Наместо да добијат финансиска поддршка без условување, тие се принудени на реформи, што на некој начин личи на логиката од старата поговорка: „Дај му риба на човекот за да го нахраниш еден ден, научи го да лови риба за да го нахраниш цел живот!„

ГЛЕДАНО ИНТЕГРАЛНО, ИЗГРАДЕНА Е КОМПЛЕКСНА СТРУКТУРА НА ИНСТИТУЦИИ, ПРОГРАМИ И ИНСТРУМЕНТИ ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ИНТЕГРАЦИИТЕ СО ЕУ ФОНДОВИ ЗА ЗЕМЈИТЕ КАНДИДАТИ. СЕПАК ЗА ДА ЈА КОРИСТАТ ОВАА ПОДДРШКА, ЗЕМЈИТЕ КАНДИДАТИ ТРЕБА ДА РАБОТАТ НА РЕФОРМИТЕ И ДА ОБЕЗБЕДАТ ПРОФЕСИОНАЛНА АДМИНИСТРАЦИЈА СО ЦЕЛ УСПЕШНО ДА СЕ ИСКОРИСТАТ ОВИЕ ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА, Т.Е. ЕВРОПСКИ ПАРИ ЗА НАШАТА ИНТЕГРАЦИЈА ВО ЕУ!
Предизвици и стратегии
Европските интеграции не се едноставни, за тоа потврда се и бројните предизвици со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан, во однос на исполнување на критериумите како кандидати за членство во ЕУ: демократија и владеење на правото; реформа на јавната администрација и зајакнување на демократските институции; како и економско управување, конкурентност и раст.
Предизвиците во областа на демократијата и владеењето на правото ги вклучуваат функционирањето и независноста на институциите што гарантираат демократија, јакнење на граѓанското општество, борбата против организираниот криминал и корупцијата, обезбедување независен, непристрасен, ефикасен и одговорен судски систем, како и заштита на фундаменталните права како што се слободата на изразување и правата на припадниците на малцинствата, како и на ранливите групи. Понатамошен напредок исто така е потребен во однос на помирување, надминување на остатоците од минатото и решавање на билатералните проблеми, додека регионалната соработка треба да се унапредува.
Посебен акцент се става на реформата на јавната администрација и зајакнување на демократските институции, кои остануваат слаби во повеќето земји од проширувањето, со ограничени административни капацитети, висок степен на политизација и недостаток на транспарентност.
Економската криза ја истакна потребата на сите земји во регионот, за зајакнување на нивното управување, особено економско управување и подобрување на конкурентноста, со цел да се исполнат економските критериуми за влез. Ниту една од земјите од Западен Балкан за проширување нема добиено статус на функционална пазарна економија од страна на Европската комисија. Јавните системи за финансиско управување треба да се зајакнат и структурните реформи треба да претставуваат приоритет, а конкурентноста да се зголеми со цел да ја поддржи фискалната консолидација, да се справи со високата надворешна нерамнотежа, како и високата невработеност. Во однос на конкурентноста и растот, остануваат значителни предизвици во сите земји на проширување, особено во однос на создавање на работни места. Враќање на претходните високи стапки на раст е можно само во случај да се остварат понатамошни структурни реформи, со што економиите ќе се направат поконкурентни и атрактивни за инвеститорите.
Земјите од Западен Балкан подготвија Стратегија на Југоисточна Европа 2020 преку Регионалниот Совет за Соработка според моделот на Европа 2020. Стратегијата има за цел да промовира сеопфатен пристап кон економскиот развој на регионот со следните приоритети: интегриран, паметен, одржлив и инклузивен раст, како и управување за раст.

ПРЕКУ ИПА-II ЗА ПЕРИОДОТ 2014-2020, ЕВРОПСКА УНИЈА ИЗДВОЈУВА ФИНАНСИСКА ПОМОШ ЗА ЗЕМЈИТЕ КАНДИДАТИ И ПОТЕНЦИЈАЛНИ КАНДИДАТИ, И ТОА 11,7 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ПРЕКУ ПОЕДИНЕЧНИ ПРОГРАМИ И 2,9 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ПРЕКУ ПОВЕЌЕ-КОРИСНИЧКАТА ПРОГРАМА ЗА ПОДДРШКА НА АЛБАНИЈА, БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА, КОСОВО, МАКЕДОНИЈА, ЦРНА ГОРА, СРБИЈА И ТУРЦИЈА
Европски пари за интеграциите
Финансиската поддршка на проширувањето од страна на Европска Унија се остварува главно преку т.н. Инструмент за претпристапна помош (ИПА), и тоа за период 2007-2013, познат како ИПА-I, и за период 2014-2020, познат како ИПА-II. Пред 2007 година, Европска Унија користеше неколку инструменти (програми), како што се: PHARE за зајакнување на институционални капацитети, социо-економски и регионален развој и меѓу-гранична соработка, ISPA за поддршка на инфраструктурни проекти во транспорт и животна средина, SAPARD за поддршка на земјоделието и руралниот развој, како и CARDS за поддршка на учеството на земјите од Западен Балкан во Процесот за Стабилизација и асоцијација. Исто така, се користела и поединечна претпристапна помош за Турција. За земјите што стапиле како нови членки во ЕУ во 2004 година и 2007 година се користела т.н. транзициска помош 2004-2006 и 2007-2010.
Преку ИПА-II за периодот 2014-2020, Европска Унија издвојува финансиска помош за земјите кандидати и потенцијални кандидати, и тоа 11,7 милијарди евра преку поединечни програми и 2,9 милијарди евра преку повеќе-корисничката програма за поддршка на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија и Турција.
Финансиската помош во согласност со ИПА ги извршува следните четири специфични цели: поддршка за политички реформи; поддршка за економски, социјален и територијален развој; зајакнување на способноста на корисниците за исполнување на обврски кои произлегуваат од членството на Унијата со поддршка на прогресивно усогласување со, спроведување и усвојување на acquis на Унијата; и зајакнување на регионалната интеграција и територијалната соработка. Исто така, финансиската поддршка главно треба да се упати на пет политички области: реформи во подготовката за членство во ЕУ и поврзано градење на институции и капацитети; социо-економски и регионален развој; развој на вработеност, социјални политики, образование, промовирање на полова еднаквост и човечки ресурси; земјоделски и рурален развој; и регионална и територијална соработка.
Помошта во рамките на оваа повеќе-корисничка ИПА-II за период 2014-2020 е доставена по четирите оски: хоризонтална поддршка на секторските политики и реформи; регионални структури и мрежи; регионална инвестициска поддршка; и територијална соработка.
Хоризонтална поддршка на формулирањето на националните секторски политики и поврзани реформски стратегии е особено потребна во секторот демократија и владеење, вклучувајќи ја реформата на јавната администрација и јавното финансиско управување, како и владеење на правото и фундаментални права. Поддршката треба да се фокусира на давање пристап на корисниците до комбинирано располагање со знаењето на ЕУ и меѓународните организации и најдобрите практики и треба да бидат приспособени на специфичната ситуација на секој корисник. Исто така треба да опфати поддршка за зајакнување на граѓанското општество како релевантен актер во една демократија, како и поддршка за слободни и независни медиуми.
Регионалните структури и мрежи се очекува да дадат најголем придонес во развојот на корисниците, особено во следниве сектори: демократија и владеење; владеење на правото и фундаментални права; животна средина и климатски промени; транспорт; енергетика; конкурентност и иновации вклучувајќи и трговија; образование, вработеност и социјални политики и др. Посебно внимание треба да се посвети на зајакнувањето на Регионалниот совет за соработка (РСС), со цел да се обезбеди брзо и ефикасно спроведување на регионалната Стратегија на Југоисточна Европа 2020.
Поддршката за регионални инвестиции треба да биде насочена кон проекти кои имаат јасна регионална димензија, и особено ги препознава инвестициските потреби поврзани со развојот на конкурентноста на бизнисите, поврзаноста со земјите-членки на ЕУ и заштита на животната средина. Особен акцент треба да се стави на привлекување на приватен капитал во регионот за да се подобри растот. Територијалната соработка треба да ги подобри соседските односи и да промовира социо-економски развој на граничните региони.
Европската Унија продолжува со нови иницијативи за поддршка на интеграциите на Западен Балкан преку промовирање на регионалната соработка и развојот на т.н. „Западен Балкан 6„ преку иницијативата Connectivity на Европската комисија и т.н. „Берлински процес„ на Германија, Австрија и Франција. Најавите се дека преку ИПА-II ќе се издвојат околу една милијарда евра за инфраструктура на транспорт и енергетика за поврзување на регионот. Со тоа регионот ќе стане и поконкурентен, ќе се генерираат и нови приватни инвестиции, а со тоа и нови работни места. Финансирањето на овие проекти ќе помине преку филтерот на мерливи критериуми за земјите од Западен Балкан, при што веќе во рамките на финансирање WBIF се усогласува методологија за утврдување на единствени листи на приоритетни проекти на национално ниво кои би можеле да имаат поголем ефект во однос на зголемување на конкурентноста и економскиот раст на земјите од Западен Балкан.
Дополнително од горенаведените фондови за поддршка на проширувањето на ЕУ, земјите кандидати можат да користат и средства од Програмите на Унијата преку уплата на т.н. „влезни билети„. Инаку, Програмите на Унијата како интегриран пакет на активности усвоен од ЕУ, треба да придонесат во унапредување на соработката помеѓу земјите-членки, и тоа во разни области поврзани со политиките на Унијата, во период од неколку години. Вкупно 960 милијарди евра 2014-2020, што претставува околу 1.2% од бруто националниот доход (GNI) за истиот период.
Гледано интегрално, изградена е комплексна структура на институции, програми и инструменти за финансирање на интеграциите со ЕУ фондови за земјите кандидати. Сепак за да ја користат оваа поддршка, земјите кандидати треба да работат на реформите и да обезбедат професионална администрација со цел успешно да се искористат овие финансиски средства, т.е. европски пари за нашата интеграција во ЕУ!