Финансии / Банкарство

ЦРВЕНИ КАМАТИ

Александар Стојков

 

 


Големата рецесија – како што милуваме да ја нарекуваме последната светска економска криза – удри и по најстабилниот и традиционално профитабилниот банкарски сектор. Релаксираните македонски банкари беа извадени од удобната зона. Прво, се влоши квалитетот на кредитното портфолио со истовремен пораст на нефункционалните пласмани (т.н. „лоши“ заеми). Второ, настапи ерата на ниски каматни стапки кон која се придодаде и политичката криза во Република Македонија. И кога се зголеми ризикот дека ќе се намалат профитите, тие решија да ја префрлат нервозата кон штедачите и да им ги снижат пасивните каматни стапки, односно каматите на штедните влогови. Понервозни се малите банки што имаа просечен принос на сопствениот капитал (ROA) од -2,2% на крајот на септември 2015 година, додека големите и средните банки остваруваат просечен принос од 14,5% и 5,5%, респективно. Големите банкари се обучени да прават профит во секакви услови.
Историски гледано каматните стапки сега се на најниското ниво во Република Македонија. Тие се толку ниски што некои штедачи дури се решија да ги повлечат своите депозити од банкарскиот сектор. Така, во некои банки расте побарувачката за закуп на сефови едноставно затоа што приносите (и трошоците на опортунитет) се многу мали. Економистите тоа го нарекуваат финансиска дисинтермедијација, односно извлекување на парите од финансиските посредници.
Во секое нормално пазарно стопанство, вишокот на ликвидност во банкарскиот систем би се прелеал на пазарот на недвижности и/или пазарот на капитал (домашен или глобален). Последните статистики говорат дека цените на недвижностите стагнираат, па дури и се намалуваат. Веќе неколку години отежнато оди продажбата на новите станови, што делумно се должи на големата понуда на станови, но исто така и на стагнантната побарувачка за недвижности. Според тоа, вишокот не се прелева на пазарот на недвижности.
Од друга страна, берзанските играчи се фрапирани од овие состојби бидејќи, според теоријата, кога се намалуваат пазарните каматни стапки се очекува да растат побарувачката и цената на обврзниците и на акциите. Дали крахира финансиската теорија во македонскиот случај? Не! Македонските граѓани не сакаат да ги вложат слободните парични средства во акции бидејќи во периодот по 2008 година добар дел од нив настрада со високи капитални загуби. Освен тоа, политичката криза во Република Македонија и финансиската и мигрантската криза во Европа влеваат голема доза на дефетизам и несигурност, па токму затоа македонската берза е хибернирана. Тука се и стравовите за политиките на матичните банки, што се лоцирани во некои сериозно погодени европски периферни економии. Оттука ставот на повеќето штедачи и финансиски инвеститори е: „седи и набљудувај“.

Како дојдовме до тука?
Сатиричарите во Македонија уште во 90-тите години на минатиот век говореа дека не сме биле способни да направиме ниту грип, па и тој мора да го увезуваме (азиски грип, нилска треска...). Слично на тоа современите економии се толку испреплетени, што кога Вол стрит ќе „кивне“, остатокот од светот добива пневмонија. Ниските каматни стапки не се само македонски, туку и глобален феномен. Меѓународната трговска и финансиска интеграција во изминативе три децении придонесе ниските реални каматни стапки да бидат главно предизвикани од заеднички фактори. Од почетокот на овој милениум, на пример, следниве фактори предизвикуваа континуирано снижување на каматите:
1. Голем пораст на штедењето во земјите во подем, посебно во БРИК (Бразил, Руска Федерација, Индија и НР Кина) за дури 10 процентни поени. Веќе одамна се зборува за светска презаситеност од штедење (world savings glut), одамна прокламирана теза на Бен Бернанке;
2. Преструктурирање на портфолијата во полза на обврзниците поради зголемената побарувачка за посигурни средства;
3. Монетарните шокови во САД (Програмата за квантитативно олеснување) имаа силни ефекти на прелевање и притисок за снижување на каматните стапки во остатокот на светот;
4. Лузните од Глобалната финансиска криза, што резултираа во остар и континуиран пад на инвестициите, особено во развиените економии. По Големата рецесија се намали профитабилноста на инвестициските проекти во еврозоната, Јапонија, САД...;
5. Пораст на претпазливото штедење и кратење на луксузната потрошувачка во несигурни времиња на колеблив раст во ЕУ.
Најрадосни во ерата на ниски каматни стапки се, секако, кредитокорисниците бидејќи трошоците на задолжувањето се исклучително поволни. Тука се вбројуваат и владите кои би требало сега полесно да ги рефинансираат долговите и полесно да постигнат одржливост на јавниот долг.

Ниски каматни стапки?
Не за секого!
Каматните стапки се навистина ниски, но не за секого. Да ги погледнеме најнапред големината и структурата на финансискиот имот на просечниот македонски граѓанин (Графикон бр. 1.). На крајот на 2014 година, македонските граѓани имале финансиски имот во вредност од 5,7 милијарди евра (или 351,2 милијарди денари) во македонскиот банкарски систем. За тоа колку финансиски имот чуваат во домовите или во странство можеме само да се сомневаме, и тоа со добра причина. Како и да е, според податоците на Народната банка на Република Македонија, во просек, македонскиот граѓанин чувал речиси 60% од својот финансиски имот во банкарски депозити, 16,4% во полиси за животно осигурување, 10% во акции и 9,5% како средства во приватните пензиски фондови. 

Графиконот бр. 2. покажува дека од 2005 година наваму континуирано се намалува учеството на акциите во финансискиот имот на македонските граѓани. Не само што се намалува вредноста на акциите туку и е намален интересот за инвестирање во нив. Последниве години се стабилизира учеството на банкарските депозити околу 60%, додека брзорастечки сегмент од финансискиот пазар е пазарот на животно осигурување. Ако во 2006 година само 0,8% од финансискиот имот бил во форма на полиси за животно осигурување, во 2014 година достигнал 16,4%. Според логиката на капитално финансираното пензиско осигурување, и двете друштва за пензиско осигурување постојано ја зголемуваат својата актива бидејќи се зголемуваат уплатите на осигурениците во вториот задолжителен и третиот доброволен столб на пензиското осигурување.
Сепак овие агрегатни големини кријат фрапантни разлики меѓу македонските граѓани. Банкарските депозити се првенствено финансиски имот на богатите и на средноимотните општествени слоеви. Сиромашните домаќинства немаат речиси никакви заштеди бидејќи го трошат целиот расположлив доход, а во многу случаи и повеќе од тоа. Во економската теорија нив ги нарекуваат ликвидносно ограничени или нерикардијански домаќинства. Тие не можат да ги уживаат придобивките од ниските каматни стапки бидејќи имаат голем должнички товар околу вратот.
Овие граѓани се соочени со црвените каматни стапки, односно каматните стапки на дозволеното пречекорување на трансакциските сметки и на кредитните картички. Едно неодамнешно респектабилно испитување на јавното мислење во Европската унија од страна на холандската банка „ИНГ“ („ING“) покажа дека 38% од домаќинствата во ЕУ немаат никакви заштеди во 2015 година. Најалармантна е состојбата во Романија каде што дури 60% од домаќинствата немаат никакви заштеди.
Според некои експертски оценки најмалку 50% од домаќинствата во Македонија немаат никакви заштеди. Напротив, многу од нив се задолжени. На 30 јуни 2015 година, негативните салда на трансакциските сметки достигнаа 11,4 милијарди денари (186 милиони евра), а минусите на кредитните картички дури 23,6 милијарди денари (или 384 милиони евра). Заедно тоа се 570 милиони евра со кои се живее во црвено или во минус, во очекување на подобри времиња... За волја на вистината, вредноста е близу 30% од вкупно одобрените кредити кон физичките лица.
Ако им кажете на сиромашните граѓани дека каматните стапки се ниски, тие горчливо ќе се насмеат. Имено, и покрај генералниот тренд на снижување на каматните стапки, црвените каматни стапки остануваат на мошне високо ниво. Каматните стапки кај повеќето македонски банки се 11,25% годишно на минусите на трансакциските сметки и 10,4% годишно на минусите кај кредитните картички. Во регионов единствено Република Србија има повисоки каматни стапки на дозволените пречекорувања.
Ако земеме предвид дека дури две третини од долгот на домаќинствата кон банките отпаѓа на лицата со месечни примања до 30.000 денари, станува јасно дека за најголем дел македонски граѓани каматните стапки не се ниски.
Како е тоа можно? Зошто речиси сите македонски банки ги позиционирале црвените каматни стапки на 11,25% годишно? Прво, затоа што и нема вистинска конкуренција во македонскиот банкарски сектор. И покрај големиот број на учесници, пазарот има доминантно олигополски карактеристики. Малите банки претежно ги следат акциите на ценовните лидери (големите банки). Второ, тие се повикуваат на член 266а, став 1 и 2 на Законот за изменување и дополнување на Законот за облигациони односи кој остава отворена врата за лихварско работење. Во него се дозволува казнената камата да биде еднаква на збирот од референтната каматна стапка (во моментов 3,25%) и уште „осум процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата)“. Се разбира, повеќето банки го искористиле целиот лихварски простор, што го отвора оваа одредба, и ја позиционирале каматната стапка на дозволеното пречекорување на трансакциската сметка на 11,25%.
Во времето кога законодавецот ја одредувал висината на законската казнена стапка (30 декември 2009 година), пондерираната каматна стапка на денарските кредити била 10,1%. Во моментов таа изнесува 7% на годишно ниво. Со други зборови, законската казнена камата е во расчекор со преовладувачките услови на кредитниот пазар и натпропорционално ги казнува сите кои влегле во зоната на негативно штедење.
Заклучокот е дека доколку законодавецот работи за јавниот интерес, а не за моќните банкарски групации, тогаш мора да го ублажи „казнувањето“ на должниците, односно на огромен процент македонски граѓани чии животи се заглавени во негативните салда на трансакциските сметки и кредитните картички. Банкарите ќе треба да направат поинаква структура на тарифниците и преку други каматни и некаматни приходи да го надоместат она што сега безобразно го одземаат од сиромашните или од немарните клиенти.
Ера на ниски каматни стапки? Не за секого и не за најмалку 50% од македонските домаќинства чиј живот е обоен со црвените камати.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано