Финансии / Банкарство
МАЛОТО Е УБАВО!
Горан Петревски
Авторот е Вонреден професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Македонскиот финансиски систем е прилично сиромашен при што во него убедливо најзначајно место имаат банките. Ако фрлиме поглед на финансиските институции што постојат во Македонија, состојбата воопшто не е страшна зашто можеме да се пофалиме со сите најважни видови финансиски посредници. Покрај депозитните институции (банките и штедилниците), на македонската почва постојат и осигурителните друштва, капитално-финансираните пензиски фондови, а исто така имаме и друштва за лизинг и за инвестициски фондови. Така, на крајот од 2014 година, во Македонија имало 19 депозитни институции (15 банки и четири штедилници) наспроти 101 недепозитна финансиска институција.* Во втората група најбројни биле оние од секторот на осигурувањето - вкупно 56 (осигурителни друштва, брокерски друштва и друштва за застапување), а по нив следуваат инвестициските фондови - вкупно 13. Другите финансиски посредници се малку на број: осум друштва за лизинг, четири пензиски фондови, седум финансиски друштва, шест брокерски друштва итн.
Сепак, ако ги оставиме бројките настрана, главниот проблем е во тоа што овие билки некако многу тешко успеваат на нашата почва, односно депозитните институции (читај: банките) имаат убедливо најголемо учество во македонскиот финансиски систем: на крајот од 2014 година, тие поседувале дури 87,5% од вкупните средства (активата) на финансиските институции, додека на сите оние 101 небанкарска институција отпаѓале само 12,5% од активата. Во продолжение, ако ги набљудуваме само депозитните институции, можеме само да ја потврдиме апсолутната доминација на банките кои држат в раце дури 86,8% од финансискиот систем, додека четирите штедилници поседуваат само 0,6% од вкупните средства (но, сепак повеќе од инвестициските фондови чие учество во финансискиот систем е повеќе од жално - само 0,2%). Значи, горе-долу, слободно може да се каже дека нашиот финансиски систем се состои само од банки, додека другите институции со судни маки се борат за место под Сонцето. Како дополнителна потврда за тоа може да послужи фактот дека во 2014 година само банките, осигурителните друштва и пензиските фондови оствариле позначаен раст на активностите, додека другите институции стагнирале или опаѓале.
Зборувајќи за структурата на македонскиот финансиски систем, вредно е да се забележи дека во поново време таа станува уште посиромашна како последица на исчезнувањето на штедилниците. Овој тренд е присутен речиси две децении и претставува директна последица на еден од најголемите настани во поновата финансиска историја на Македонија - скандалот со штедилницата „ТАТ“ на легендарната Соња, поранешната менаџерка на годината. За потсетување, некако во истото време бевме сведоци уште на две-три пропаднати штедилници при што сите тие случаи беа дел од пирамидалните шеми кои беа популарни на Балканот во првата половина на 90-тите години на минатиот век.
Иако за миг изгледаше дека скандалот со „ТАТ“ може да има подалекусежни финансиски (и политички) последици, со текот на времето работата се смири, во меѓувреме бевме сведоци на неколку самоубиства на несреќните штедачи, но за среќа не ни се случи голема банкарска криза. Меѓутоа, случајот со „ТАТ“ претставуваше пресвртна точка за натамошната судбина на штедилниците кои некако испаднаа колатерална штета на тој криминален чин. Имено, водејќи се според народната „кој се попарил од млекото, дува и на маштеницата“, во тоа време централната банка зазеде непријателски став кон штедилниците. Навистина, таа не презеде некои радикални мерки (на пример, да ги ликвидира), но не гледаше благонаклонето кон нив плашејќи се од можната појава на некои нови „ТАТ“ во иднина. Во значајна мерка тој став произлегуваше и од практични причини: во тоа време централната банка имаше мал супервизорски капацитет и, едноставно, не сакаше да ги троши своите оскудни ресурси на толку мали (а потенцијално проблематични) институции.
ШТЕДИЛНИЦИТЕ МОЖАТ ДА РАБОТАТ СО СИТНИТЕ КЛИЕНТИ КОИ НЕ СЕ МНОГУ ПРИВЛЕЧНИ ЗА БАНКИТЕ КАКО ШТО СЕ: ЗАНАЕТЧИИТЕ, СИТНИТЕ ТРГОВЦИ И МАЛИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ. ИСТО ТАКА Е МОЖНО ШТЕДИЛНИЦИТЕ ДА ВОСПОСТАВАТ ПОБЛИСКИ ОДНОСИ СО ЛОКАЛНИТЕ КЛИЕНТИ, Т.Е. ПОДОБРО ДА ГИ ПОЗНАВААТ ЛОКАЛНИТЕ ПРИЛИКИ И НИМ ДА ИМ ПОНУДАТ ПОСООДВЕТНИ УСЛУГИ
И така започна процесот на тивкото исчезнување на штедилниците. На пример, на крајот на 1999 година, во Македонија имало дури 16 штедилници, нивниот број се преполовил заклучно со 2010 година, а денес тој е помал од бројот на прстите од едната рака (само три). Како капак на сето тоа, во 2013 година дојде до промена на законската рамка со која беше иницирана трансформацијата на штедилниците со можност тие да се спојат меѓу себе и да прераснат во банка (само, пуста желба!), да се припојат кон некоја банка или да се трансформираат во нов вид финансиска институција - финансиско друштво кое не смее да прибира депозити. И навистина, оттогаш бројот на штедилниците се намали од седум на денешните три.
Ајде да фрлиме еден поглед на сегашната состојба на овие кутри сирачиња: штедилниците имаат вкупна актива од околу три милијарди денари, што е околу 140 пати помалку од активата на банкарскиот сектор. Со други зборови, како што споменавме погоре, штедилниците имаат безначајно учество во финансискиот систем (тие учествуваат само со 0,8% во вкупно одобрените кредити и 0,4% во вкупните депозити на домаќинствата). Рака на срце, тие никогаш не биле големи играчи: на пример, дури и во 1999 година, кога постоеле 16 штедилници, нивното парче од тортата изнесувало само 1%! Значи, воопшто не можеме да ја обвиниме централната банка дека таа ги уништила штедилниците. Не, едноставно штедилниците (кои можеме да ги споредиме со боксер од мува категорија) не се способни да се носат во натпреварот со банките (боксер од супертешка категорија) кои, користејќи ги придобивките на својата големина, можат да ги истиснат малите играчи од пазарот.
Впрочем, набљудувано во меѓународни рамки, очигледен факт е дека токму банките имаат централно место во финансиските системи на одделни земји (со мала резерва, од типот на САД). Дури ако фрлиме поглед во нашето соседство можеме да забележиме дека и таму штедилниците ја делат истата судбина: во 2013 година, во Словенија работеле само три штедилници, а во Хрватска пет, при што нивното учество во финансискиот систем изнесувало 1,3% и 1,4% соодветно. Во некои од нашите соседи како што се: Србија, Бугарија, Грција и Турција, воопшто не постојат штедилници! Меѓутоа, меѓународното искуство покажува дека малите воопшто не мора да исчезнат од лицето на земјата, туку, вака или онака, и тие можат да си го најдат своето место под Сонцето. Впрочем, дури и во ерата на апсолутната доминација на диносаурусите имало место и за ситните животинки како што се малите цицачи и инсектите. Во таа смисла, светли примери во поглед на опстанокот на штедилниците се: САД, каде што кредитните унии зафаќаат 6% од активата на депозитните институции; Австрија, каде што штедилниците поседуваат 6% од активата на финансискиот систем; и Германија, каде што штедилниците успеале да освојат над 15% од финансискиот систем.
Така, бавно, но сигурно доаѓаме до главната поента на оваа статија - малото може да биде убаво! Во тој поглед споредбата меѓу штедилниците и банките сосема е аналогна на споредбата меѓу маалските дуќанчиња и хипермаркетите: точно е дека „Веро“ и „Рамстор“ имаат далеку побогата понуда и нудат дополнителни содржини, имаат широк и удобен простор за купувачите, ја користат економијата на обемот итн. Но, сепак, ако сакате да купите едно пиво или кутија цигари, најверојатно ќе тркнете до најблиското продавниче наместо да возите половина час до некој голем трговски центар. Истото се однесува и на штедилниците. Се разбира, тие не можат да им бидат сериозна конкуренција на банките, меѓутоа можат да се специјализираат во одредени сегменти од пазарот („ниши“) и да се насочат кон одредена група клиенти.
РЕГУЛАТОРОТ ТРЕБА ДА ИМА ПРАВИЧЕН ОДНОС КОН СИТЕ ФИНАНСИСКИ ИНСТИТУЦИИ И ДА ПОСТАВИ РАМНОПРАВНИ ПРАВИЛА НА ИГРАТА. ПОТОА ПАЗАРОТ (КОРИСНИЦИТЕ НА ФИНАНСИСКИТЕ УСЛУГИ - ФИРМИТЕ И ДОМАЌИНСТВАТА) ЌЕ ЈА ОПРЕДЕЛИ СУДБИНАТА НА ОДДЕЛНИТЕ ВИДОВИ ФИНАНСИСКИ ПОСРЕДНИЦИ
На пример, штедилниците можат да работат со ситните клиенти кои не се многу привлечни за банките како што се: занаетчиите, ситните трговци и малите земјоделци. Исто така е можно штедилниците да воспостават поблиски односи со локалните клиенти, т.е. подобро да ги познаваат локалните прилики и ним да им понудат посоодветни услуги. Најпосле, отсекогаш поголемата флексибилност била одлика на малите. Така, познато е дека банките имаат ригидни кредитни политики и процедури и не се премногу расположени да ги задоволуваат посебните барања на клиентите, особено на оние поситните. Еве еден илустративен пример: еден мој поранешен студент ми раскажуваше зошто ја напуштил работата во филијалата на една македонска банка во Струга. Од една страна, од централата во Скопје му вршеле притисок да одобрува повеќе кредити, а од друга страна условите на банката биле премногу неповолни за локалните мали фирми. Кога тој ги известил претпоставените за проблемот добил отсечен одговор од типот: „не е твоја работа да ја коментираш нашата кредитна политика“.
Значи, за самиот крај: пошироката лепеза на финансиски институции може да претставува само придобивка за општеството. Оттука македонскиот пазар не треба да биде резервиран само за банките, туку има место и за други институции како што се штедилниците. Во таа смисла, регулацијата не треба да претставува сопирачка за растот и за развојот на одделни институции (ниту пак да форсира едни наспроти други институции). Напротив, регулацијата треба да биде алокативно-неутрална. Е, токму тука лежи зајакот - проблемот е во тоа што регулацијата не само што не е неутрална кон штедилниците туку и тие се соочуваат со крајно неправични услови за игра. На пример, нема никаков разумен одговор на прашањето зошто штедилниците не смеат да прибираат девизни депозити, а банките смеат. Впрочем, депозитите кај штедилниците (исто како и оние кај банките) се осигурени и во тој поглед нема никаква разлика меѓу едните и другите депозити. Слично на тоа крајно е неправична одредбата дека штедилниците можат да прибираат депозити само двојно повеќе од износот на нивниот капитал! Ова е директно, најдиректно ограничување на растот на штедилниците кои на тој начин се принудени да останат мали. Понатаму, нема никаква посебна причина зошто на штедилниците им се бара повисока адекватност на капиталот бидејќи нивниот ризичен профил воопшто не е полош од оној на банките (освен тоа, тие не се никаков фактор на системскиот ризик). Исто така нема никакво оправдување за тоа дека можеме да имаме трансакциски сметки само кај банките, но не и кај штедилниците (и поврзано со тоа да не можеме да го извршуваме платниот промет преку штедилниците). Најпосле, зошто штедилниците да не можат да издаваат дебитни и кредитни картички? (Но, ако штедилницата се трансформира во финансиско друштво, тогаш може да издава картички!?)
Нема сомневање дека неповолните услови за работење се дел од објаснувањето за постепеното исчезнување на штедилниците од македонскиот пазар. Во тој поглед тие можат да се споредат со минијатурните јапонски дрва (техниката се вика бонсаи) кои не се некој специјален вид мали дрвја, туку се работи за обични дрвја на кои не им била дадена можност да растат. Имено, оваа техника се состои во тоа што се зема некое дрво (даб, бор итн.) и потоа систематски се огледува во тешки услови: му се сечат корените, со жица му се стега стеблото, му се кастрат гранките итн. Во тие околности, борот не може да порасне повеќе од 60 или 80 сантиметри! Меѓутоа, дрвото не може да порасне зашто не му била дадена можност!
Да резимираме: регулаторот треба да има правичен однос кон сите финансиски институции и да постави рамноправни правила на играта. Потоа пазарот (корисниците на финансиските услуги - фирмите и домаќинствата) ќе ја определи судбината на одделните видови финансиски посредници. Играјќи според истите правила, финансиските институции ќе се натпреваруваат за клиентите така што ќе настојуваат да им понудат поевтини и поквалитетни услуги. Притоа на пазарот ќе останат оние кои ќе бидат успешни во извршувањето на своите функции, односно пазарот (клиентите) ќе определи кој ќе остане, а кој ќе испадне од играта.