Финансии / Банкарство
БАНКООСИГУРУВАЊЕ – КОНЦЕПТ, ТРЕНДОВИ И ПРИМЕНА
Дарко Блажевски
Авторот е координатор на Дирекцијата за истражување и развој во Агенцијата за супервизија на осигурување
Кованицата банкоосигурување има генеза од францускиот збор Banque (банка) и Assurance (осигурување) и во англиската терминологија е прифатена како Bancassurance.
Концепт
Друштвата за осигурување ги продаваат своите осигурителни производи преку својата директна продажна мрежа или преку дистрибутивни канали од кои традиционално најзначајни се осигурителните брокери и застапници. Со вклучувањето на банките во продажбата на осигурителните производи во 80-тите години на XX век во Европа започнува развојот на банкоосигурувањето и оттогаш сè повеќе се распространува низ светот. Во најтесна смисла, банкоосигурување подразбира продажба на осигурителни производи преку банка, додека во поширока смисла се дефинира како заеднички зафат на банките и на друштвата за осигурување со цел да овозможат осигурителните производи да допрат до корисниците на банкарските услуги.
Банкоосигурувањето претставува добитна комбинација за двата институционални партнери во деловниот однос. Банката ја збогатува понудата на финансиски услуги за своите клиенти преку продажба, односно интегрирањето на осигурителни производи, а истовремено добива нов извор на приходи, додека пак друштвото за осигурување ги користи маркетингот на банката и зголемената продажба преку пристапот до значајно поголема потенцијална клиентска база. Во фокус на банкоосигурувањето се потрошувачите, а успешноста на оваа деловна соработка зависи од синергијата на три најзначајни елементи, и тоа маркетинг стратегијата, организациската култура и пазарните услови.
Банкоосигурувањето може да има повеќе модели на соработка. Наједноставниот е кога банката ги нуди постојните производи на друштвото за осигурување. Притоа банката во рамките на својата маркетинг стратегија може да ги понуди осигурителните производи како дополнување на своите услуги со одредени поволности (пр.: осигурување на имот кај хипотекарни кредити, патничко осигурување со кредитни картички и сл.) Предноста на овој модел е што активностите можат да започнат многу брзо и се без значајни капитални инвестиции, додека недостаток најчесто е нефлексибилноста која произлегува од веќе дефинираната понуда и кај двата субјекта.
Покомплексна форма на банкоосигурување е моделот кога банката во соработка со друштвото за осигурување оформува производ кој во себе како интегрален дел има одреден вид осигурително покритие (пр.: кредит надополнет со ризико осигурување на живот). Со оглед на најчесто долгорочниот карактер на хипотекарните кредити, оваа форма на банкоосигурување се смета за потешка за управување на долг рок со оглед на различните животни и развојни циклуси во кои можат да се најдат двата субјекта.
И кај двета споменати модели предизвик претставува различната корпоративна култура на двата субјекта. Тоа може да биде надминато со моделот на целосна интеграција, односно формирање друштво за осигурување од страна на банката што, секако, претставува голема и комплексна деловна одлука поради значителната инвестиција и целокупната постапка.
Трендови
Банкоосигурувањето има различен степен на развој низ светот. Овие варијации се должат, пред сè, на влијанието на регулативата, како и на низа културолошки и социодемографски фактори. Но, и покрај хетерогеноста, значењето на банкоосигурувањето се зголемува во последниве години како кај развиените земји, така и кај земјите во развој со пониска пенетрација на осигурувањето и ограниченост на дистрибутивните канали на осигурување.
Исклучок од овој тренд на глобален пораст на банкоосигурувањето се САД каде што апсолутното ниво на банкоосигурување сè уште е многу ниско. Тоа се должи најмногу на регулаторните ограничувања, кои продолжуваат да ја одржуваат одвоеноста меѓу банкарството и осигурувањето. Како резултат на тоа, во дистрибуцијата на осигурителните производи доминантно учество имаат потрадиционалните дистрибутивни канали како што се застапниците и брокерите.
Банкоосигурувањето е главен дистрибутивен канал на осигурување на живот во некои европски земји и зафаќа повеќе од 70 % во Португалија, во Италија и во Турција, повеќе од 60 % во Франција и повеќе од 40 % во Австрија, во Белгија и во Малта (Табела 1). Овој тренд е присутен и понатаму и покрај зголемената комплексност на регулативата што ја доживејаа како резултат на финансиската криза европските банки така што регионот останува лидер во банкоосигурувањето. Главни играчи се европските банкарски гиганти како што се: БНП парибас, Кредит агрикол, ИНГ и АБН амро (BNP Paribas, Crédit Agricole, ING и ABN Amro), кои имаат најголемо учество на глобалниот пазар.

За разлика од осигурувањето на живот, банкоосигурувањето во Европа има помало учество во сегментот на неживотните осигурувања, односно доаѓа по застапниците, брокерите и директната продажба, но и тука се забележува позитивен тренд со оглед на тоа што неживотните производи стануваат сè поатрактивни и полесни за дистрибуција во последниве години.
Во декември 2013 година, Текневио (TechNavio), водечка компанија за глобални истражувања, процени дека глобалниот пазар на банкоосигурување ќе расте по 5,98 % годишна композитна стапка на пораст во периодот од 2014 до 2018 година. Голем дел од овој пораст се смета дека ќе доаѓа како резултат на зголеменото портфолио на производи кое ќе го понудат банките, особено како резултат на тоа што се очекува дека банкарската регулатива ќе влијае на ограничување на профитабилноста кај потрадиционалните деловни активности како што е кредитирањето. Истражувањето укажува дека речиси е извесно дека Азија ќе биде главниот промотор на овој развој, додека Европа ќе остане силна, но со стагнирачки раст.
Пресудното значење на регулативата
Поддршката на регулативата е од пресудно значење за успешен развој на банкоосигурувањето при што минимум претпоставка која треба да биде исполнета е таа дека регулативата ќе им овозможи на банките да вршат продажба на осигурителните производи. Дополнителна предност за развој на покомплексен модел на банкоосигурување е можноста да нема ограничување за капитална поврзаност на двата субјекта при што банката може да поседува друштво за осигурување.
Дополнително, даночните олеснувања можат да бидат основа за промоција за банкоосигурувањето. За тоа сведочи и искуството на Италија, на Франција и на Шпанија, каде што постои привилегиран даночен третман во почетоците на банкоосигурувањето. Сепак, и покрај укинувањето на овие даночни предности во средината на 90-тите години, банкоосигурувањето покажува „жилавост”, односно опстојува притоа задржувајќи го трендот на пораст. Аналитичарите сметаат дека тоа е резултат не само на добрата интегрираност на осигурителните производи во банкарската понуда, туку пред сѐ на зголемувањето на фокусот врз финансиското советување кај банките за предностите кои ги имаат овие интегрирани услуги. За тоа сведочи и фактот што во многу земји во развој банкоосигурувањето се развива одлично и покрај отсуството на даночни стимулации.
Искуството во Република Македонија
Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување во 2007 година, во македонското законодавство е регулирано банкоосигурувањето. Во формално-правна смисла, во контекст на Законот, банкоосигурувањето е препознаено како вршење работи на застапување во осигурување кои, освен друштво за застапување во осигурувањето формирано единствено за оваа деловна активност, може да ги врши и банка која добила дозвола за вршење работи на застапување во осигурувањето од Народната банка на Република Македонија врз основа на претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување (член 134-ж).
Пред појавата на оваа регулирана форма на вршење работи на застапување во осигурувањето, банките ја користеа и сѐ уште ја користат можноста да продаваат осигурување како дополнување или поврзување со производот или со услугата што ја нудат. Тоа е овозможено во ограничен обем со исклучокот кој е дефиниран во член 135, став 2 од Законот за супервизија на осигурување (накратко: годишна бруто полисирана премија во износ до 500 евра, рок на договорот за осигурување до 1 година, да не е осигурување на живот и професионална одговорност) (Табела 2).

Најчести примери за тоа во работењето на банките се:
1Полиса за осигурување на имот кога клиентот на банката се јавува како корисник на хипотекарен кредит за кој има заложено недвижен или подвижен имот во корист на банката (осигурување на стан/куќа или осигурување на автомобил),
2Полиса за патничко осигурување кога клиентот на банката се јавува како корисник на дебитна/кредитна картичка со која го има платено патувањето или ја користи при патувањето во странство.
Прва појава на банка која врши застапување во осигурувањето е Охридска банка АД Скопје која се јавува како застапник на Друштвото за осигурување на живот ГРАВЕ АД Скопје. Оваа банка ја доби дозволата за работа на 29.10.2012 година и беше пионер на македонскиот пазар во промоција на интегриран производ со маркетиншки наслов кредитно животно осигурување, односно спој на кредит и ризико осигурување на живот (во случај на смрт на договорувачот на осигурувањето) винкулирано во корист на банката. Кај овој производ во случај на смрт на кредитокорисникот или траен инвалидитет пред враќањето на кредитот, друштвото за осигурување на живот го исплатува неисплатениот дел од кредитот. Овие карактеристики го прават овој спој успешен за управување со ризици и корисен како за банката, така и за семејствата. По ова искуство, заинтересираноста на банките за вршење застапување во осигурување е зголемена и во моментов на пазарот се присутни 3 банки кои вршат застапување во осигурување (Табела 3).

Податоците сведочат за тоа дека првичните искуства во банкоосигурувањето се позитивни, односно во релативно краток рок се забележува пораст на бруто полисираната премија преку овој дистрибутивен канал, а воедно банките покажуваат подготвеност да ја подобрат својата пазарна позиција и да ја зголемат конкурентноста преку понудата на интегрирани или врзани банкарски и осигурителни производи.