Интервјуа

Димитар Богов: ШТЕДЕТЕ ВО БАНКА, ШТЕДЕТЕ ВО ДЕНАРИ!

Димитар Богов

 

 


Гувернере Богов, оваа година Народна банка на Република Македонија прославува 70 години централно банкарско работење во нашава земја. Како ќе го одбележи НБРМ овој убав јубилеј?

Д. Богов: 70 години централно банкарско работење е навистина значаен јубилеј. Одлучивме да го прославиме нестандардно. Наместо да организираме свечена академија на која би дошле неколку стотина гости од општествено-политичкиот живот, ние ќе ја доближиме Народната банка до неколку илјади граѓани на Македонија. Во текот на целата година организираме бројни настани во знакот на големиот јубилеј. Организираме неколку меѓународни конференции, ученици од близу сто училишта од целата земја ќе ја посетат Народната банка, ќе ги отвориме Банката и нашиот музеј за граѓаните, заедно со вработените од финансискиот сектор ќе се дружиме и ќе спортуваме покрај кејот на Вардар. Целта ни е да ја подигнеме свеста за улогата и за задачите на Народната банка на Република Македонија.

За почеток, да се осврнеме на неколку актуелни прашања. Голема врева се крена за измените во регулативата што ја носи НБРМ, а кои се поврзани со можноста да се има сметка во странство. Се слушнаа разни мислења, да не речам и шпекулации, за тоа зошто се направени измените и зошто токму сега. За какви измени станува збор? Ќе следува ли посеопфатна либерализација?

Д. Богов: Можноста да се има сметка во странство за граѓаните кои имаат регулиран престој во странство или кои имаат странско државјанство е воведена пред 50 години. Да, добро слушнавте, пред 50 години, кога нашите граѓани почнаа да одат како „гастарбајтери“ во Западна Европа. Но, некој сега слушна за таквата можност и си направи интересна „приказна“ од тоа. Во текот на 2015 година, Народната банка на Република Македонија изврши анализа за потребата и за можностите за ревидирање на прописите донесени врз основа на Законот за девизното работење, а кои се во надлежност на Народната банка. Целта на оваа анализа беше да се согледаат условите и можностите за намалување на администрирањето во извршувањето на трансакциите во делот на платниот промет со странство до степен кој нема да предизвика нарушување на барањата за „девизниот режим“ од Законот, а од своја страна би придонеле за поефикасно водење на бизнисот во Република Македонија. Врз основа на анализата се утврди потреба и можност да се интервенира во седум одлуки, од кои до денес се донесени шест, а наскоро треба се да донесе и последната одлука која ги регулира начинот и условите за вршење на платниот промет со странство. Иако, да бидам искрен, се двоумам дали воопшто вреди да продолжиме со тоа гледајќи дека банкарите останаа неми кога некои неосновано ги напаѓаа Народната банка и гувернерот. А, измените ги правевме токму по барање на банките. Што се однесува до посеопфатна либерализација, таа може да се направи само со измени во Законот за девизно работење, а тоа не е во надлежност на Народната банка.

Големо внимание привлече и т.н. случај „панамски документи“. Добро би било да ѝ објасните на јавноста која институција какви ингеренции има во врска со ова прашање и во тој контекст какви се сознанијата на НБРМ во овој момент?

Д. Богов: Да, се крена голема врева иако сѐ уште никој не знае дали воопшто има македонски резиденти со сметки во Панама. Но, да разјасниме, Народната банка не седи како на граничен премин во секоја деловна банка и кажува која трансакција може да оди кон странство, а која не може. Не, платниот промет со странство функционира поинаку. Фирмите и граѓаните им даваат налози на банките за да извршат некоја трансакција и доставуваат соодветни документи кои го потврдуваат основот за трансакцијата. Банките проверуваат дали документите се во ред и дали има законски основ за да се изврши плаќање кон странство. Доколку некоја трансакција е во ред од аспект на прописите, но е сомнителна од аспект на перење пари или финансирање тероризам, врз основа на однапред одредени критериуми, тие ја пријавуваат до Агенцијата за финансиско разузнавање. Народната банка барем еднаш годишно ја контролира секоја деловна банка од аспект на почитувањето на прописите. Притоа проверува дали банките се придржуваат на прописите од областа на девизното работење и дали имаат поставено добар систем за спречување перење пари и финансирање тероризам. Според досегашните наоди банките генерално ја почитуваат законската регулатива од областа на девизното работење и вложуваат во континуирано подобрување на своите системи за спречување на перење пари и финансирање тероризам.

НБРМ најави воведување нови банкноти во апоени од 200 и 2 000 денари. Видовме, јас би рекол, неодговорни шпекулации дека тоа може да значи дека следува инфлација. Кој е вашиот коментар?

Д. Богов: НБРМ ги почна активностите за воведување нови банкноти од 200 и 2 000 денари пред три години. Најпрво беше утврдена потребата од новите деноминации, потоа беше изработено идејно решение, па распишан тендер за печатница, а до крајот на годинава треба да заврши целиот процес. Банкнотата од 200 денари треба да го намали товарот од употребата на банкнотата од 100 денари, додека банкнотата од 2 000 денари треба да ја замени банкнотата од 5 000 денари која никогаш не заживеа во праксата и да го намали товарот од прекумерното користење на банкнотата од 1 000 денари во банкоматите. Новите банкноти немаат никаква врска со инфлацијата. Впрочем, смешно е некој да алармира за опасност од инфлација кога две години по ред имаме негативна инфлација, исто како и во првите три месеци од оваа година.

Да се свртиме сега кон посуштинските теми. Покрај ценовната стабилност, граѓаните, генерално, се многу заинтересирани за ставот на гувернерот на НБРМ за уште две работи: дали девизниот курс на денарот во однос на еврото ќе остане стабилен и дали банкарскиот систем во земјава е сигурен и стабилен, што би значело дека се сигурни и депозитите пласирани во нив. Која е вашиот став за овие две прашања?

Д. Богов: Стабилниот девизен курс на денарот во однос на еврото добро ѝ служи на македонската економија веќе 19 години и нема никаква причина тоа да се менува. Впрочем, и теоријата и праксата покажале дека мала отворена економија не може да води целосно независна монетарна политика и добро е да ја увезува стабилноста од некоја голема валутна зона. Најочигледен е примерот на трите балтички економии кои и покрај кризата со која се соочуваше еврозоната направија сѐ што беше потребно за што поскоро да ја заменат својата национална валута со еврото. Затоа продолжуваме со досегашната политика на стабилен курс на денарот. Во банкарскиот сектор, иако постојано има предизвици, стабилноста и сигурноста на системот воопшто не е доведена во прашање. Оттука порака за сите граѓани, штедете во банка, штедете во денари.

СТАБИЛНИОТ ДЕВИЗЕН КУРС НА ДЕНАРОТ ВО ОДНОС НА ЕВРОТО ДОБРО Ѝ СЛУЖИ НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА ВЕЌЕ 19 ГОДИНИ И НЕМА НИКАКВА ПРИЧИНА ТОА ДА СЕ МЕНУВА. ВПРОЧЕМ, И ТЕОРИЈАТА И ПРАКСАТА ПОКАЖАЛЕ ДЕКА МАЛА ОТВОРЕНА ЕКОНОМИЈА НЕ МОЖЕ ДА ВОДИ ЦЕЛОСНО НЕЗАВИСНА МОНЕТАРНА ПОЛИТИКА И ДОБРО Е ДА ЈА УВЕЗУВА СТАБИЛНОСТА ОД НЕКОЈА ГОЛЕМА ВАЛУТНА ЗОНА 

Едно од прашањата на кое беше ставен акцент во изминативе неколку години е координацијата меѓу институциите што се супервизори и регулатори во финансискиот систем на Република Македонија. Тука мислам на институции какви што се НБРМ, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, МАПАС итн. Како одат соработката и координацијата?

Д. Богов: По Големата светска финансиска криза во 2008 година, прашањето на финансиската стабилност изби во прв план. Во таа насока уште во 2009 година беше формиран Комитет за финансиска стабилност во кој членуваат гувернерот и министерот за финансии со по пет соработници. Овој Комитет се состанува повремено и разгледува информации и анализи за нивото на системски ризик во банкарскиот сектор. Дополнително, сите институции што ги споменавте се состануваат неколкупати во годината и се информираат меѓусебно за состојбите во банкарскиот сектор, осигурителниот сектор, пензиските друштва, инвестициските фондови, лизинг компаниите и финансиските друштва. На тој начин се придонесува за рано идентификување на потенцијалните ризици во финансискиот сектор.

Кои се, според вас, трите најсилни страни на македонската економија?

Д. Богов: Без сомнение тоа се солидната база на нови извозно ориентирани производни капацитети, поволната деловна клима и долгогодишната макроекономска стабилност. Тие креираат здрави основи за македонската економија.



Кои се трите најголеми предизвици за иднината на македонската економија?

Д. Богов: Најголем предизвик е да се фати чекор со четвртата индустриска револуција. Ако ги пропуштивме првите три, да не ја пропуштиме оваа која се случува сега. Четвртата индустриска револуција се базира на дигиталните технологии: паметни автомобили што сами ќе се возат, паметни апарати за домаќинството што ќе комуницираат меѓу себе, веб-платформи буквално за секој аспект од економијата, од културата, од забавата. Во оваа индустриска револуција основен ресурс е знаењето. За да фатиме приклучок, нашето образование треба да се преориентира кон масовно производство на техничари, на инженери, на програмери. Не помалку значајно е да изградиме ефикасни институции и да ја избегнеме замката на среднодоходните земји чиј раст стагнира токму поради неефикасните институции. Третиот предизвик е да создадеме стабилен политички амбиент. Плаќаме преголеми трошоци поради присутните политички ризици.

На крајот од минатата година имавте презентација во Загреб која ја завршивте со зборовите: „Прави структурни реформи или пропадни“. Кои се најважните структурни реформи што нашата земја треба да ги направи во наредните пет години?

Д. Богов: Зборот структурни реформи опфаќа широка лепеза на области, но најчесто подразбира флексибилен пазар на работна сила, поволна бизнис клима, ефикасни институции, дисциплинирана фискална политика и иновативен и динамичен приватен сектор. Во некои од овие области стоиме подобро, во некои послабо. Како најзначајни во наредните пет години би ги издвоил пазарот на работна сила при што образованието треба да обезбеди поквалитетна понуда, а флексибилната регулатива треба да обезбеди здрава побарувачка, потоа се ефикасните институции кои ја прават разликата меѓу среднодоходните и високодоходните земји и иновациите.

Да се свртиме и кон случувањата во светот. Сигнализирачките каматни стапки на централните банки се спуштија на историски најниски нивоа и се задржаа таму многу долг период. Во некои земји гледаме и негативни каматни стапки. Сето тоа е за да се поттикне дополнително економското заздравување на домицилните економии. Има ли сѐ уште потреба од таков стимул? Ако има таква потреба, а во услови на негативни сигнализирачки каматни стапки, имаат ли централните банки и некои други инструменти за да го поттикнат економското заздравување?

Д. Богов: Периодот по Големата финансиска криза од 2008 година е единствен по многу нешта. Никогаш каматните стапки на централните банки не биле толку ниски толку долго време. Никогаш билансите на централните банки не биле толку високи како последица на експанзивните монетарни политики. Но, ни тоа не беше доволно да се поттикне економскиот раст, па во последниве две години веќе гледаме негативни каматни стапки во неколку развиени економии. Преголем товар падна врз централните банки, а отсуствуваат позначајни структурни реформи. Експанзивните монетарни политики се придружени со намалување на монетарниот мултипликатор и брзината на оптек на парите, што донесе намалена монетарна трансмисија. Тој факт покажува дека проблемите во ЕУ и уште некои развиени економии се структурни и не можат да се решат само со дејствување врз номиналните варијабли. Но, наместо да се сврти вниманието кон потребата од структурни реформи, повторно се шират границите на монетарната политика. Во моментов нашироко се дискутира таканаречениот концепт на „фрлање пари од хеликоптер“ во надеж дека тоа ќе ја поттикне побарувачката. Но, сето тоа креира нови нерамнотежи кои веројатно се зародиш на некоја нова криза.

ИМАМ ВПЕЧАТОК ДЕКА Е ПРЕНАГЛАСЕН СТРАВОТ ОД ДЕФЛАЦИЈА ВО РАЗВИЕНИОТ СВЕТ. ТОЧНО Е ДЕКА ПОБАРУВАЧКАТА ВО ЕУ Е ДОСТА СЛАБА, НО, СЕПАК, ЦЕНИТЕ НА ЕНЕРГИЈАТА И НА ОСТАНАТИТЕ ПРОИЗВОДИ ОД СТОКОВИТЕ БЕРЗИ ИМААТ ДОМИНАНТНО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ СЕГАШНИТЕ ДЕФЛАЦИСКИ ТЕНДЕНЦИИ. ДОПОЛНИТЕЛНО, ПОРАДИ ГЛОБАЛИЗАЦИЈАТА И ПРЕГОЛЕМИТЕ КАПАЦИТЕТИ КРЕИРАНИ ВО ПРЕТХОДНАТА ДЕКАДА, НИСКАТА ИНФЛАЦИЈА Е ВЕРОЈАТНО НОВАТА НОРМАЛА СО КОЈА ЌЕ ТРЕБА ДА ЖИВЕЕМЕ ВО НАРЕДНИТЕ НЕКОЛКУ ГОДИНИ

На крајот од минатата година изгледаше дека 2016 година би можела да биде година на позначително економско заздравување во светот. Но, тој оптимизам спласна со текот на годинава. Има ли опасност од дефлаторна закана во светот?

Д. Богов: Имам впечаток дека е пренагласен стравот од дефлација во развиениот свет. Точно е дека побарувачката во ЕУ е доста слаба, но, сепак, цените на енергијата и на останатите производи од стоковите берзи имаат доминантно влијание врз сегашните дефлациски тенденции. Дополнително, поради глобализацијата и преголемите капацитети креирани во претходната декада, ниската инфлација е веројатно новата нормала со која ќе треба да живееме во наредните неколку години.

Едно од жешките прашања во сферата на монетарната политика во светот е и прашањето за потребата од дуалност на целите, дали цел на монетарната политика да биде само ценовната стабилност или паралелно, со подеднаква важност, тоа треба да биде и финансиската стабилност. Каков е вашиот став за ова прашање? Дали овие цели се секогаш комплементарни? Дали за ова прашање нешто треба да се менува во Република Македонија?

Д. Богов: По Финансиската криза од 2008 година јасно е само дека монетарната политика не е доволна да обезбеди финансиска стабилност. Уште еднаш се покажа вистинито тврдењето на Тинберген дека со еден инструмент може да се дејствува само на една цел. Затоа се развива нов сет на таканаречени макропрудентни мерки кои се дизајнирани да ја одржуваат финансиската стабилност. Некаде оваа функција е дадена во рацете на посебна институција, а некаде на централната банка. Сѐ повеќе преовладува мислењето дека многу подобра е комуникацијата меѓу монетарната политика и макропрудентната политика кога тие се во рамките на една институција. Во Македонија, со новиот Закон за Народната банка од 2010 година, централната банка ја доби обврската за одржување на финансиската стабилност како втора цел подредена на ценовната стабилност. Сметам дека тоа е добро решение бидејќи централната банка прва ги воочува сите системски ризици во банкарскиот сектор и има на располагање соодветни мерки за нивно контролирање.

Кои беа главните заклучоци и пораки за светската и за македонската економија од овогодинешното редовно Годишно собрание на ММФ и на Светската банка?

Д. Богов: Глобалната економија продолжува да расте со умерена стапка. Потребен е силен, одржлив, инклузивен и побалансиран глобален раст. За да се постигне тоа е неопходна комбинација од структурни реформи, фискални политики кои го поддржуваат растот и прилагодливи монетарни политики. Секако комбинацијата на мерките зависи од ситуацијата во секоја земја, а фискалната и монетарната политика особено зависат од големината на производниот јаз.

Ви благодарам за интервјуто.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО