Финансии / Банкарство
ВО ДЕЛЧЕВСКО ЗАПОЧНАА ГЕОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊА ЗА ЈАГЛЕН
Како што информираат од АД ЕЛЕМ, истражувањата ќе траат 6 месеци, а изведувачот на работите е „Градежен институт Македонија“ (ГИМ) . Врз база на теренските детални истражувања, изведувачот во рок од три месеци ќе има обврска да изработи геолошки елаборати кои понатаму ќе послужат за изработка на физибилити студија која треба да понуди прецизни параметри дали е исплатливо отворање рудник за јаглен кај Делчево кој би се користел за производство на електрична енергија. Во согласност со инвестициските планови на компанијата, во наредниот период ќе почнат и теренски истражни работи за потенцијалното јагленово наоѓалиште Панчерево кај Берово. Доколку истражувањата на локациите кај Берово и во близина на Делчево покажат исплатливост за експлоатација, тогаш една од опциите е отворање рудници за јаглен и изградба на термоелектрана во источниот дел на Македонија со оглед на тоа што во овој регион нема активен производствен капацитет за електрична енергија. Инаку, првичните геолошки истражувања во овој регион се правени пред триесетина години и тие покажале дека овде се кријат педесет милиони тони квалитетен јаглен.