Финансии / Банкарство
ГРЧКОТО ПРИСТАНИШТЕ ПИРЕЈА И ФОРМАЛНО НА КИНЕСКИ КОСКО
Грција и формално го потпиша договорот вреден 368,5 милиони евра со кој на кинеската компанија „Коско шипинг компани“ ѝ продаде удел од 67 % од најголемото грчко пристаниште „Пиреја“. Во присуство на премиерот Алексис Ципрас, договорот од грчка страна го потпиша претседателот на Грчкиот развоен деловен фонд, Стегиос Пициорлас, додека од кинеска страна договорот го потпиша финансискиот директор на „Коско“ Фенг Џинхуа. Вкупната зделка изнесува 1,5 милијарди долари. Во тоа се вклучени и новите инвестиции, како и дивиденди на грчката држава од 410 милиони долари во наредните 36 години, колку што трае концесијата. Кинеската компанија уште од 2009 година управува со два терминала на пристаништето „Пиреја“, а целта е со новите инвестиции пристаништето да прерасне во главен хаб за снабдување на земјите од Источна Европа преку железничкото поврзување со нив. По потпишувањето, кинескиот премиер Ли Кеќијанг упати покана за посета до неговиот грчки колега Ципрас. Посетата се очекува да се одржи во јуни.