Финансии / Банкарство

НАРОДНА БАНКА ЈА ЗГОЛЕМИ ОСНОВНАТА КАМАТНА СТАПКА – ПЕТ ПРАШАЊА И ПЕТ ОДГОВОРИ

Зоран Јовановски

 

 


Прашање 1 – Што вели теоријата за зголемувањето на основната каматна стапка од страна на централната банка?

Основна каматна стапка е онаа каматна стапка што Народна банка на Република Македонија им ја плаќа на оние што ќе купат благајнички записи што таа ги издава. Основната каматна стапка е главниот инструмент преку кој Народна банка на Република Македонија „комуницира“ со јавноста и го сигнализира насоката(затегање или разлабавување) на монетарната политика што се води, а деловните банки треба да ги следат сигналите од централната банка. Теоретски, кога Народна банка ќе ја зголеми основната каматна стапка тоа треба да значи дека банките ќе ги зголемат нивните каматни стапки на депозитите и на кредитите.

Прашање 2  - Што ќе направат сега банките?

На краток рок, најверојатно ништо. За тоа има најмалку две причини. Прво, конкуренцијата во банкарскиот сектор е огромна, каматните стапки на кредитите се значително намалени последниве години и било какво зголемување на каматните стапки на кредитите за банките би значело и губење на клиенти. Втората, и поважна причина, е тоа што ова зголемување на основната каматна стапка од страна на Народна банка не е последица на реално влошени економски состојби туку е реакција на шпекулативни движења на девизниот пазар или т.н. неекономски фактори. Кога Народна банка би ја зголемила основната каматна стапка затоа што има криза во билансот на плаќања или опасност од инфлација, тогаш зголемувањето на каматната стапка би значело порака до банките дека треба и тие веднаш да ги зголемат своите каматни стапки и да забават со кредитирањето. Во таква ситуација и банките би реагирале брзо во истата насока.

Во сегашниов случај, Народна банка со зголемувањето на нејзината основна каматна стапка всушност направи показна вежба со која на сите јасно им стави до знаење дека нема да се двоуми да ги употреби механизмите што ѝ стојат на располагање во одбрана на девизниот курс на денарот на нивото што е зацртано. Од тој аспект, потезот на Народна банка со зголемувањето на основната каматна стапка ќе биде успешен и ќе ја исполни својата цел и во случај банките да не ги зголемат своите каматни стапки.

Прашање 3 – Ќе остане ли курсот на денарот во однос на еврото непроменет на зацртаното ниво?

Да, ќе остане. Вчера Народна банка ги објави нејзините најнови макроекономски проекции за 2016 и 2017 година. За тие проекции разработила две сценарија. И во двете сценарија Народна банка цени дека девизните резерви остануваат на ниво што е доволно за да може Народна банка да се справи со евентуални непредвидени шокови. Патем, последните денови веќе се случува смирување на состојбите на девизниот пазар во Македонија.

Прашање 4 – Дали зголемувањето на основната каматна стапка на Народна банка ќе влијае на состојбите со македонската економија до крајот на годинава?

Зголемувањето на основната каматна стапка на Народна банка е реакција на шпекулативниот напад на денарот, а шпекулативниот напад е дел од севкупната политичка рововска битка во која е заглавена Македонија. Негативните последици од домашната политичка турбуленција врз македонската економија започнаа да се манифестираат и пред потегот на Народна банка (види повеќе http://ekonomijaibiznis.mk/News.aspx?id=18391). Оттаму, реални се очекувањата дека економскиот раст на Македонија за годинава ќе биде значително понизок од тоа што беше проектирано на почетокот од годинава.

Прашање 5 – Кој е добитник, а кој губитник во целава ситуација?

Добитници нема. Да, банките ќе заработат од тоа што некој продава денари за да купи евра, а потоа го прави истото во обратната насока, но тоа не може да ја компензира целата системска операција на банкарскиот сектор, потребна за „издишување“ на шпекулативниот балон. Губитници се сите оние што поверуваа или дозволија да бидат понесени од шпекулациите за девалвација на девизниот курс на денарот (види повеќе http://ekonomijaibiznis.mk/News.aspx?id=16384).

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано