Финансии / Банкарство
ШТО СЕ СЛУЧУВА СО ПРОСЕЧНАТА ИСПЛАТЕНА БРУТО ПЛАТА ПО ВРАБОТЕН ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА?
Графиконот покажува дека просечната исплатена бруто-плата во Република Македонија веќе неколку години е нешто над 500 евра. Последните три години регистрираме раст на просечната бруто-плата. Притоа номиналниот годишен раст, декември во однос на декември од претходната година, изнесуваше минимални 0,1 % во 2013 година, па достигна 3,9 % во 2014 година и се сведе на 1,7 % во 2015 година. Кај растот во реални големини ситуацијата е нешто поинаква. Во 2013 година годишниот реален раст на бруто-платата беше негативен (-1,3 %), потоа се зголеми дури на 4,5 % во 2014 година и забави на 2 % во 2015 година.

Како и за многу други работи, перцепцијата за вредностите изгледа поинаква кога ќе се навлезе подлабоко во податоците. Графиконот ги покажува бруто-платите во четири дејности со највисока бруто-плата и четирите дејности со најниска бруто-плата во Република Македонија. Податоците покажуваат дека исплатената бруто-плата е највисока кај финансиските дејности и осигурувањето (998 евра). Наспроти тоа, во групата најниски бруто-плати на дното е исплатената бруто-плата во дејноста „објекти за сместување“ (само 352 евра). Привлекува внимание фактот дека во оваа група на 4 дејности со најниски бруто-плати се наоѓаат и исплатените бруто-плати во земјоделството (386 евра) и во преработувачката индустрија (431 евро). Тие се под просекот за целата економија, што може да биде интересно за потенцијалните инвеститори.
