Интервјуа
ЗА УСПЕХ СЕ ПОТРЕБНИ ОБРАЗОВНИ ИНСТИТУЦИИ СО ВИСОКА ВРЕДНОСТ
Николас Кфури
Николас Кфури е експерт за процесот на меѓународно стратешко планирање. Како професор предавал на познати универзитети во Европа, во Северна и во Јужна Америка. Тој е и меѓународен консултант на бројни компании. Има аргентинско и италијанско државјанство. Неодамна како визитинг професор предаваше Стратешки менаџмент на Универзитетот „Американ колеџ“ Скопје.
Господине Кфури, македонската економија е мала. На што би требале да се фокусираат компаниите за да преживеат глобално?
Н. Кфури: Македонија треба да работи на развивање глобално препознатливи брендови. Гледаме „златен момент“ во поглед на можностите брендови од земји во подем да изградат свое присуство на глобален план. Тројството кое владееше со светот во минатиот век (САД, Јапонија, Европа) е предизвикано од нови глобални играчи кои доаѓаат од јужната хемисфера и потрошувачите се навикнуваат и прифаќаат брендови од земји како Кина. Не заборавајте дека само пред неколку години имавме обичај да кажеме дека единствената кинеска иновација што траела подолго од седум дена е Кинескиот ѕид! Денес веќе купуваме кинески автомобили (од кинески брендови) во одредени региони од светот, вклучително и во Европа.
Сте биле консултант во индустрии како што е „Бертелсман“, претежно „хардвер“ компанија. Македонија има некои компании кои главно се занимаваат со развивање на софтвер. Гледате ли тука некаков потенцијал?
Н. Кфури: Јас сум апсолутно убеден дека Македонија би требала да се натпреварува во економијата на знаење, каде што т.н. „економија од обем“ не е толку релевантна. За да се случи тоа, Македонија треба многу да инвестира во развојот на своите луѓе, нудејќи им образовни институции со висока вредност. Почетокот на натпреварувањето во таа арена е преку добро образована работна сила. Се разбира, потоа е потребна влада која поддржува претприемачи и ѝ ја обезбедува на земјата потребната економска, политичка и социјална сигурност која поттикнува инвестиции и преземање ризик.

Сте биле консултант во автомобилската индустрија. Таа обично се развива во големи земји какви што се Германија, Франција или Шпанија. Но, денес Словачка е една од најголемите производители на автомобили во Европа. И таа е мошне слична на Македонија, мала земја без пристап до море. Каков е Вашиот совет за Македонија за иднината?
Н. Кфури: Видете, фактот дека мултинационални компании од автомобилската индустрија (или од која било друга индустрија) се лоцирани во Вашата земја не е рецепт за успех. Колку производители на автомобили знаете со словачки бренд? Воопшто, знаете некој? Според тоа, да се има група на мултинационални компании во земјите кои произведуваат автомобили, користејќи одредена ситуација што обезбедува ценовна конкурентност во однос на други пазари, не значи дека земјата воопшто ќе стане подобра на долг рок. Се разбира, одреден број работни места се создадени, но она што е најважно е сопственоста над компаниите. Сѐ додека сопственоста не е локална и е германска, француска, американска итн., најпрофитабилниот дел од бизнисот, најдобро платените работни места во компанијата и профитите на фирмата едноставно ќе се лоцираат некаде на друго место.
Повторно, единственото решение за ова е да се изградат силни глобални брендови. За таа цел, трите главни заинтересирани страни треба да се здружат – владата, може да дејствува како стопер (во најлошото сценарио) или како олеснувач (идеално), бизнис заедницата би требало да дејствува како агрегатор, координатор и надгледувач на целокупниот ангажман на индустријата и, конечно, поединечните компании мораат на сопствен начин да изградат одредени брендови. Идеално би било за овој процес земјата да идентификува некои локални „шампиони“ кои би биле оние кои би ги отворале пазарите за другите.
Што мислите за македонските МБА студенти?
Н. Кфури: Искуството од предавањата на македонските студенти на Универзитетот „Американ колеџ“ Скопје беше многу добро. Уживав во интеракцијата со нив, нивната желба да научат, да истражат нови концепти и, се разбира, нивната љубезност која е дефинитивно една од карактеристиките по што се издвојуваат луѓето од Македонија. Ми беше задоволство да бидам тука. Тоа е навистина меѓународна заедница со студенти од Македонија, од Грција, од Босна, од Косово, дури и од Холандија.
Ви благодарам за интервјуто.
Подготви:
Зоран Јовановски