Финансии / Банкарство
ФИСКАСТ: ФИСКАЛНА ОДГОВОРНОСТ, ТРАНСПАРЕНТНОСТ И ОДРЖЛИВОСТ НА ФИСКАЛНИТЕ ФИНАНСИИ ВО МАКЕДОНИЈА
Благица Петрески
Авторот е главен економист и извршен директор на „Фајнанс тинк“ (Finance Think) – Институт за економски истражувања и политики, Скопје
Според угледниот магазин „Бизнис инсајдер“, Македонија е земја со убедливо најниски даноци на бизнисот во светот, со ефективна даночна стапка од само 7.4 %. Но, за релативно краток временски период од околу седум години јавниот долг се дуплираше, од 23 % на крајот од 2008 година на 46.5 % од БДП на крајот од 2015 година. Јавната дебата во голема мера аргументира дека моменталното ниво на јавниот долг веќе ја загрозува одржливоста на јавните финансии. Но, не е проблематична политиката на задолжување, проблематично е како се трошат народните пари. Дали долговите кои ги правиме денес ќе продуцираат поголеми бенефити во иднина, ќе ја зголемат отплатната моќ на земјата и ќе го подобрат животниот стандард на граѓаните? Во таа насока е потребна поголема одговорност и транспарентност во креирањето на политиките и трошењето на јавните пари. Темата за фискалната одговорност, одржливоста и транспарентноста доби интензитет во последниве години. Проектот ФИСКАСТ (FISCAST: FISCal Accountability, Sustainability and Transparency) е изграден од идејата да се дебатира за трошењето на народните пари, врз основа на истражувачки докази, кои во овој конкретен проект се обезбедени преку една корисна истражувачка алатка – кост бенефит (cost-benefit) анализа. Проектот ФИСКАСТ: Фискална одговорност, транспарентност и одржливост на фискалните финансии во Македонија го спроведуваше „Фајнанс тинк“ (Finance Think) – Институтот за економски истражувања и политики, Скопје, а е поддржан од Британската амбасада во Скопје. Целта на проектот е двојна: да се подобри капацитетот на граѓанското општество и медиумите да придонесат за економскиот дијалог во земјава, врз основа на докази, овозможувајќи попартиципативно и потранспарентно креирање на политиките; и второ, да се зголеми свеста на јавноста за процесот на трошењето на јавните пари. За исполнување на целта беше реализиран сет од активности кои опфаќаа градење јадро-мрежа од организации, експерти и економски новинари, градење капацитети за кост бенефит анализа и алатки за подигање на јавната свест за тоа како се трошат народните пари.
Кога зборуваме за јавната дебата за фискалните финансии најчесто постои поларизирана дебата каде што политиките се црни или бели, отсуствува дебата базирана на докази и истражувања. Истовремено, истражувањата во фискалните финансии, посебно на микрониво за политики со значајни фискални импликации или политики од значење за граѓаните се ретки. И она истражување кое постои е главно сконцентрирано во главниот град, додека организациите на локално ниво ретко биле вклучени во истражувачки активности на теми кои се значајни за нивните локални заедници. Покрај недостатокот од истражувања за фискалните политики, постои и недоволна соработка меѓу експертите, организациите и економските новинари. Оттука создавањето јадро од експерти, организации и економски новинари беше клучно за да се поттикне дебатата базирана на докази, но исто така да се поттикне и креирањето политики базирани на докази. Оттука се создаде ФИСКАСТ-НЕТ, чадор на организации, експерти и економски новинари кои ќе ги следат фискалните финансии и јавните политики, заемно ќе соработуваат и ќе даваат кредибилни препораки базирани на докази. ФИСКАСТ-НЕТ го сочинуваат 13 организации, со регионална и етничка застапеност, 10 економски експерти и 9 економски новинари. Со цел да се зголемат капацитетите за истражување, но и да се постави една унифицирана методологија која ќе се применува во анализите, се организираа тренинзи и работилници за кост бенефит анализата. Целиот процес на градење капацитети беше организиран на принцип на заемно учење, трансфер на знаење и примена на знаењето. Секој тим имаше економски експерт, кој ја имаше улогата на ментор, и економски новинар, кој ја имаше улогата на „преведувач“ на истражувачките резултати во порака за широката публика. Дополнително, анализите поминаа низ слеп рецензентски процес (рецензентот и тимот не беа познати едни на други). Овој модел на градење капацитети се покажа многу ефикасен, осигури висок квалитет на студиите, но исто така спонтано ја воспостави соработката во мрежата.
Тимовите од граѓански организации, експерти и новинари најпрво ги мапираа јавните политики кои повлекуваат трошење народни пари. Рангирањето на политиките се одвиваше по два принципа: оние политики кои трошат големи износи народни пари, односно имаат големи зафаќања од државниот буџет; и оние политики кои зафаќаат што поголема целна група, односно имаат големо (потенцијално) влијание врз граѓаните и другите засегнати страни. Така беа избрани девет јавни политики: политиката на привлекување странски директни инвестиции, изградбата на автопатската делница Демир Капија – Смоквица, дисперзираните високообразовни студии, инвестициите во заштита на животната средина преку управувањето со отпад, либерализацијата на пазарот на електрична енергија, политиката на субвенционирано вработување млади лица, политиката на трето дете, политиката на субвенции во земјоделието и загадувањето на воздухот во Тетово. Анализите покажаа дека дел од избраните политики имаат јасна позитивна нето сегашна вредност, односно долгорочните бенефити од нив значајно ги надминуваат трошоците без оглед што на краток рок тие трошоци (можат да) изгледаат значајни. Кај друг дел политиките беа оценети како неутрални, односно со нето сегашна вредност близу до нула. Сепак, кај некои од нив резултатот зависеше и од влезните претпоставки на моделот имајќи го предвид фактот дека дел од ефектите од политиката во иднина се проценуваа. Две политики беа недвосмислено негативни, односно народните пари што биле потрошени за нив не се економски оправдани. Книгата Како се трошат народните пари? Анализа на трошоците и на придобивките од избрани јавни политики во Македонија? претставува сублимат и заедничка публикација на овие анализи.
ОЧЕКУВАМЕ ДЕКА ЗАВРШЕТОКОТ НА ПРОЕКТОТ ФИСКАСТ Е ПОЧЕТОК НА ДЕБАТАТА КОЈА ЌЕ БИДЕ ДВИЖЕНА ОД МРЕЖАТА ФИСКАСТ-НЕТ. ЗНАЕЊАТА КОИ СЕ ВГРАДЕНИ ВО ОВАА МРЕЖА, ИДЕИТЕ, ВОСПОСТАВЕНАТА СОРАБОТКА НА ДОЛГ РОК Е СО ЦЕЛ ДА ЈА ПРОМЕНАТ СЛИКАТА ЗА „ЦРНО-БЕЛИ“ ПОЛИТИКИ, ДЕБАТАТА ДА СЕ БАЗИРА НА ДОКАЗИ, А ПОМАЛКУ НА СУБЈЕКТИВНИ СТАВОВИ, А ПОЛИТИКИТЕ ДА ЗАПОЧНАТ ДА СЕ КРЕИРААТ ПРЕКУ ПОГОЛЕМО ВКЛУЧУВАЊЕ НА ЗАСЕГНАТИТЕ СТРАНИ
Втората цел на проектот беше да се подигне јавната свест и информираност за фискалните политики. Овој дел претставуваше огромен предизвик. Прво, во услови на политичка криза и поларизирана дебата да ја поттикнуваме дебатата за трошењето на јавните пари и фискалните политики без притоа да бидеме „етикетирани“ како застапници на едната или другата политичка страна. Второ, во услови на недоволна информираност и свесност на граѓаните за процесот на трошење на народните пари, за значењето на долгот, за како донесените политики се релевантни за нив, да креираме алатки и начини да се зголеми информираноста. За да се постигне оваа цел беше организирана серија од тркалезни маси, каде што беа дискутирани јавните политики, беа презентирани резултатите пред студенти и широката публика, а експерти во соодветната област и носителите на политики беа дел од говорниците. Серијата дебати заврши со Економски форум на тема „Како се трошат народните пари?“ на 29 март во Скопје. На настанот учествуваа над 100 претставници на невладин сектор, амбасади, меѓународни организации, носители на политики, економски новинари, професори и експерти. Финалниот настан само беше потврда за големата потреба од дебата базирана на докази. Исто така беше дизајнирана палета од едноставни, визуелни и информативни производи, податоци и алатки кои допираат до широката публика. Дел од овие алатки се составен дел од ресурсната страница www.fiscast.mk. Првата алатка визуелно ги презентира трошоците и придобивките на деветте политики. Преку интерактивна визуелизација секој може да дознае дали јавната политика е исплатлива или не во анализираниот период, кои се и колкави се трошоци и придобивките во секоја година, и/или да погледне кои се алтернативите и сценаријата на одредени политики. Втората алатка е наречена „Кога би бил/-а министер/-ка за финансии“. Оваа интерактивна алатка му овозможува на секој граѓанин да се стави во функција на министер за финансии, да донесе одлука за долгот и даноците и да направи распоред на расположливите средства. Прва задача од оваа алатка е да одлучите колку ќе се задолжувате и каква политика на даноци ќе водите. Тоа индиректно ќе влијае врз расположливите средства. Втора задача е како ќе ги потрошите парите. Дали постојат одредени сектори како образование, здравство, капитални расходи кои се од суштинско значење и трошењето во овие сектори ќе го заштитите без разлика на расположливите средства? Целта на оваа алатка е да покаже дека до повеќе пари во Буџетот се доаѓа преку поголеми даноци или поголеми долгови, а расположливите средства во Буџетот се ограничени и ако сакаме да трошиме повеќе во некои сектори, мора да кратиме од други. Еден од производите кој допре до најширока публика беше краткото видео „Како се трошат народните пари?“. Видеото претставува презентација како се трошат вашите 100 денари уплатени како даноци, колку од вашата стотка се троши за камати од долгови. Исто така видеото дава и една поширока слика за фискалната политика, како се движел јавнот долг, каква е транспарентноста и слично.
Очекуваме дека завршетокот на проектот ФИСКАСТ е почеток на дебатата која ќе биде движена од мрежата ФИСКАСТ-НЕТ. Знаењата кои се вградени во оваа мрежа, идеите, воспоставената соработка на долг рок е со цел да ја променат сликата за „црно-бели“ политики, дебатата да се базира на докази, а помалку на субјективни ставови, а политиките да започнат да се креираат преку поголемо вклучување на засегнатите страни.