Општество
ФАТМИР БЕСИМИ: ЕКОНОМСКИ АСПЕКТИ НА ЕВРОПСКАТА ИНТЕГРАЦИЈА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Фатмир Бесими
Глобализацијата и единствениот пазар на ЕУ
Глобализацијата и технолошкиот развој, како и либерализацијата на трговијата и слободното движење на капиталот ја зголемија меѓусебната зависност на економските, на политичките и на социјалните процеси. Овие случувања во последниве децении создаваат комплексни предизвици на глобално ниво, кои бараат наднационално решение.
Малите земји тешко можат да влијаат на политиките и на одлучување на глобално ниво. Единствениот начин е преку интеграции во наднационални организации. Во еден ваков контекст, во потрага по нови пазари и поквалитетен живот, како и стабилна и просперитетна иднина, очекувано беше да се прифати евроатланската перспектива од страна на земјите од Западен Балкан. Западниот Балкан преку интегрирање во ЕУ би влегол на пазар од 500 милиони потрошувачи или 7,5 % од светската популација, би се вклопил во економија со придонес од 22,9 % од светскиот БДП по која следуваат САД со 22,3 %, Кина со 11,5 % и Русија со 2,8 % (според Еуростат, 2012). Исто така економската моќ на ЕУ се одразува и во трговијата и во странските директни инвестиции, имено рангирајќи се на прво место со 16 % од вкупното глобално тргување, како и со 40 % од вкупните странски директни инвестиции на светско ниво. БДП по жител во ЕУ изнесува околу 25 000 евра и просечна стапка на невработеност е 9 до 10 %. Според ова, интеграцијата во ЕУ за Македонија ќе значи влез во 25 пати поголем пазар, приближно петпати повисок стандард на живот номинално според БДП по жител, како и значително пониска стапка на невработеност.
Критериуми за членство и достигнување на стандардот на ЕУ
Процесот на европска интеграција во 90-тите години на XX век може да се толкува како понудена рака и отворен сигнал за остварување на оваа визија која, меѓу другото, треба да се реализира преку еден процес на пристапување кој опфаќа низа реформи со исполнување одредени предуслови познати и како копенхашки и мастришки критериуми. Економски читано тоа значи да се обезбеди функционална пазарна економија, економија која ќе биде конкурентна во рамките на европскиот пазар и ќе генерира раст што ќе значи приближување на животниот стандард со тој во земјите на Европската Унија.
Според податоците на Еуростат од 2014 година, БДП по глава на жител на Република Македонија е околу 36 % од просекот на ЕУ-28 (односно 4 127 евра или околу 10 000 евра според нивото на куповна моќ), што претставува пораст од 10 процентни поени споредено со 2002 година (26 %). Инаку, Стратегијата на Југоисточна Европа 2020 предвидува земјите од регионот, преку забрзување на економскиот раст, да го подигнат животниот стандард од актуелното ниво од 36 % во 44 % од просекот на ЕУ до 2020 година според БДП по глава на жител; целта е двојно зголемување на размената во надворешната трговија на земјите на регионот и истовремено намалување на трговскиот дефицит. Инаку, според проекциите на Светската банка, Македонија ќе го постигне просекот на европското ниво за период од дваесет години ако има годишен раст од 4.5 %, што значи големо забрзување споредено со просечниот економски раст од 3.2 % во изминатава деценија.
ЗАПАДНИОТ БАЛКАН ПРЕКУ ИНТЕГРИРАЊЕ ВО ЕУ БИ ВЛЕГОЛ НА ПАЗАР ОД 500 МИЛИОНИ ПОТРОШУВАЧИ ИЛИ 7,5 % ОД СВЕТСКАТА ПОПУЛАЦИЈА, БИ СЕ ВКЛОПИЛ ВО ЕКОНОМИЈА СО ПРИДОНЕС ОД 22,9 % ОД СВЕТСКИОТ БДП ПО КОЈА СЛЕДУВААТ САД СО 22,3 %, КИНА СО 11,5 % И РУСИЈА СО 2,8 % (СПОРЕД ЕУРОСТАТ, 2012). СПОРЕД ОВА, ИНТЕГРАЦИЈАТА ВО ЕУ ЗА МАКЕДОНИЈА ЌЕ ЗНАЧИ ВЛЕЗ ВО 25 ПАТИ ПОГОЛЕМ ПАЗАР, ПРИБЛИЖНО ПЕТПАТИ ПОВИСОК СТАНДАРД НА ЖИВОТ НОМИНАЛНО СПОРЕД БДП ПО ЖИТЕЛ, КАКО И ЗНАЧИТЕЛНО ПОНИСКА СТАПКА НА НЕВРАБОТЕНОСТ
Трговска либерализација и предности за економијата
Благодарејќи на договорите и на трговските односи со Европската Унија од 2001 година, со стапувањето во сила на трговската Времена спогодба, односно од 2004 година со влегувањето во сила на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, нашите компании имаат речиси целосен пристап на големиот единствен пазар на Европската Унија без никакви ограничувања и царини (освен за некои производи за кои е договорен посебен или делумно ограничен пристап на пазарот на ЕУ). Во изминатиов период од над десет години развој на трговските односи, трговијата на Република Македонија со ЕУ достигна ниво од околу 75 % од извозот и околу 45 % од увозот (или околу 56 % од вкупната трговска размена за 2014 година). Во исто време нашиот правен и институционален систем континуирано се прилагодува кон правото на Европската Унија и во делот на слободен проток на стоки, на услуги, на луѓе и на капитал, вклучително и со широка примена на европските стандарди. Нашата предност е во поволностите што ги нуди преференцијалниот третман на нашите производи во Спогодбата за стабилизација и асоцијација, блискоста на пазарот, помалите транспортни трошоци и можноста за полесно деловно поврзување на нашите компании со европските компании. Но, без зголемување на квалитетот и на безбедноста на производите и услугите, правопропорционално се намалуваат шансите за опстанок и на домашниот пазар. Во оваа насока од исклучителна важност е Агендата за поврзаност на регионот на Западен Балкан, во областите на транспортна и на енергетска инфраструктура, како и во однос на информатичко-комуникациската технологија и образованието. Ова ќе значи и подобрување на корпоративните предности на регионалната економија, но и зголемување на ефектите од економијата од обем, што всушност значи и подобрување на бизнис климата преку намалување на трошоците и подобрување на инфраструктурните услови за бизнисот.
Предизвици за бизнисот и за економијата
Иако можностите за нашите компании се огромни, нивното целосно искористување бара, покрај вложувања од страна на државата во создавање правни и институционални предуслови, исто така и непрекинато вложување од страна на компаниите, во развивање на човечкиот капитал и трансфер на нови современи технологии за производство на производи со висок квалитет и безбедност, како и прилагодување на потребите на европските потрошувачи и способност да се издржи отворената конкуренција со другите компании во светот со кои Европската Унија има договори за слободна трговија. За споредба, инвестициите во образованието во ЕУ-28 во последниве пет години се на ниво од 5 % до 5,5 %, а во Македонија се околу 4 % од БДП. Значи, имаме релативно ниска инвестиција споредено со ЕУ и тоа станува поочигледно кога се има предвид дека нашето БДП по глава на жител е само 36 % од просекот на ЕУ. Инвестициите во науката и во иновациите, односно во истражувањето и развојот исто така треба да се зголемат со цел да се зголеми конкурентната способност во домашната економија. Колку за споредба, во ЕУ-28 инвестициите во истражувања и развој се околу 2 % од БДП и се планира да достигнат 3 % до 2020 година, додека во Македонија моментално имаме само 0,2 % од БДП. Ваквите вложувања не се прашање на избор, туку прашање на опстанок, вклучително и на домашниот пазар поради зголемениот конкурентски притисок на европските компании и производи на македонскиот пазар.
Странските директни инвестиции и конкурентноста на економијата
Високиот степен на економска поврзаност со ЕУ е евидентен и од нивото на странски директни инвестиции од земјите-членки на ЕУ. Според подаоците на НБРМ, во 2014 година инвестициите од земјите-членки на ЕУ учествувале со 70,1 % во вкупните странски директни инвестиции или во финансиска вредност од 194 милиони евра (од вкупно 278 милиони евра). Ова е корисен податок имајќи ја предвид улогата на странските инвестиции во содавање нови работни места, соработката со локалните компании, како и подобрување на трговскиот биланс преку извозот и воведувањето на ноу-хау, што дополнително може да значи подобрување на продуктивноста и на конкурентноста на економијата.
Странските директни инвестиции ја поттикнуваат продуктивноста во земјава, ги зголемуваат инвестициите, ја поттикнуваат интеграцијата во глобалната економија. Клучни фактори во растот на продуктивноста се инвестициите во истражување и развој (ИР), техничките вештини и менаџерските вештини. Мултинационалните компании вршат трансфер на знаење и кон нивните локални добавувачи со што ја поттикнуваат продуктивноста и кај нив. Како пример вреди да се спомне високото ниво на странски директни инвестиции во Ирска, како и централноевропските и балтичките земји кои придонесоа за забрзување на економскиот раст, а со тоа и стеснување на јазот во продуктивноста и доходот со старите членки на ЕУ.
Европски развојни фондови и структурни реформи
Во една ваква констелација на економски околности, државните институции и економски оператори немаат друга опција освен да ги следат новите трендови на продлабочување на единствениот европски пазар. Тоа го налага структурата на нашата економија и нашите длабоки трговски односи со пазарот на Европската Унија. Комплексноста на процесот, неговата динамика и важноста за брзи реакции и донесување валидни одлуки претпоставува дневна, структурна и искрена соработка меѓу државните институции како креатори на условите за бизнис и економските оператори како носители на нашата економија и конкурентност, како и креатори на нашиот бруто домашен производ. Во оваа насока нашите компании, покрај другите извори на финансирање, можат да искористат и финансиска поддршка во рамките на програмите на Унијата, на пример Хоризонт 2020, Косме, Еразмус+ и други програми со вредност повеќе од 100 милијарди евра за период 2014–2020 година). Сепак, имајќи ги предвид трикратните разлики во однос на стапката на невработеност и животниот стандард меѓу еврозоната и Република Македонија останува отворен предизвикот за продолжување со структурни реформи и политики за привлекување инвестиции во проекти и сектори кои најбрзо ќе ги креираат врските со глобалната економија.
Патот кон интегрирана и развиена економија
За малите земји како Македонија не се поставува прашањето дали треба или не да се интегрираат во Европската Унија. За нив важи само прашањето како да се забрза овој процес. Затоа Македонија треба да ги забрза чекорите кон европската интеграција бидејќи тоа значи многу поширок пазар, поголема конкуренција, повеќе можности и поголема безбедност за граѓаните.
Потребен е еден економски модел на раст, базиран главно врз основа на креирање нови работни места (во приватниот сектор), преку зголемување на конкурентноста, подобрување на инфраструктурата и бизнис климата, транспарентно и одговорно управување со јавните финансии со цел поддршка и стимулирање на инвестиции, како и афирмација на социјална и на територијална кохезија, воедно промовирајќи рамномерен регионален развој. Странските инвестиции, секако, ќе го промовираат извозот и ќе ја зголемат економската продуктивност, односно промовирање економија базирана на знаење или на модел на економски развој базиран на конкурентна и на интегрирана економија со еднакви можности за сите економски чинители.