Финансии / Банкарство
ВО ПОТРАГА ПО НАЈДОБАР НАЧИН ЗА НАПЛАТА НА ПОБАРУВАЊАТА
Никола Главинче
Авторот е адвокат
Последните случувања и актуелности поврзани со потешкотиите за наплата на побарувањата на доверителите од познати компании кои западнаа во неликвидност, односно неможност да ги исплатат доспеаните обврски за купена, а ненаплатена стока или дадени услуги го отворија прашањето, кое континуирано не ја губи својата актуелност, а е поврзано со изборот на најдобар и најсигурен начин за наплата на побарувањата на деловните субјекти.
Практиката и искуството покажуваат дека постојат повеќе начини за наплата на побарувањето, а изборот на најсоодветниот зависи од развиената соработка и доверба, видот и обемот на побарувањата и волјата на доверителот и на должникот.
Првиот, а се чини и наједноставен начин е потсетување за постоење на обврската преку праќање опомена пред тужба или потсетување за доспеана обврска, во писмена форма, е-пошта или телефонско јавување од доверителот до должникот. Неспорен факт е дека овој начин на реакција не е облигаторен и е зависен исклучиво од волјата на доверителот. Во Република Македонија, оние кои го практикуваат овој начин на потсетување, забележуваат дека во последниов период тој има голем ефект, најверојатно и поради одредбите од Законот за финансиска дисциплина, а посебно чл. 17 кој предвидува висока глоба во износ од 10.000 евра во денарска противвредност која ќе му се изрече за прекршок на економски оператор од приватниот сектор ‒ трговско друштво, трговец поединец и правно лице кое врши профитна дејност и е регистрирано во согласност со закон доколку не ја исполни паричната обврска во роковите утврдени во Законот, односно во рок не подолг од 60 дена. Во согласност со Законот, глоба во износ од 30% од одмерената глоба за трговското друштво и правното лице му се изрекува за истиот прекршок и на одговорното лице во трговското друштво и правното лице кое врши профитна дејност и е регистрирано во согласност со закон и на одговорното лице кај трговецот поединец.
Вториот начин на наплата на побарувањата е судски, односно нотарски, преку поднесување предлог за донесување судски платен налог или предлог во постапка за донесување решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа. Овој начин најчесто следува откако нема позитивни ефекти од опоменувањето на должникот. Правно овие можности за наплата на побарувањата се регулирани со Законот за извршување (одредбите од чл. 1, 6-а до 16-ж), како и со последните измени на Законот за парнична постапка што се однесуваат на судскиот платен налог (чл. 417 до 428). Поведувањето на ваков вид постапка, освен наплата на побарувањето на доверителот зголемено за трошоците на судот, односно нотарот и полномошникот (ако постапката ја поведува адвокат) дополнително предизвикува штета врз сметката на должникот.
ЗАКОНСКИТЕ РЕШЕНИЈА УПАТУВААТ ДЕКА НАЈПОВОЛНО И ЗА ДОЛЖНИКОТ И ЗА ДОВЕРИТЕЛОТ Е НАВРЕМЕНО ПЛАЌАЊЕ НА ОБВРСКИТЕ БИДЕЈЌИ ВО СЛУЧАЈ НА ПОВЕДУВАЊЕ КАКВА БИЛО ПОСТАПКА ОСТАНУВА ОПАСНОСТА ОД ИЗРЕКУВАЊЕ ГЛОБА ЗА СТОРЕН ПРЕКРШОК ОД СТРАНА НА УПРАВАТА ЗА ЈАВНИ ПРИХОДИ, ШТО ЧЕСТО Е СО ПОВИСОК ИЗНОС ОД ИЗНОСОТ НА ГЛАВНИОТ ДОЛГ
Откако судот, односно нотарот ќе го прими предлогот, во согласност со чл. 12, ст. 1, т. 2 и 3 од Законот за финансиска дисциплина, има обврска да ја извести Управата за јавни приходи која, по извршениот инспекциски надзор, изрекува глоба или поведува прекршочна постапка. На должникот му останува можноста да поднесе приговор и предметот да го решава суд или да го плати побарувањето. По правосилноста и извршноста на решението, доколку должникот доброволно не ги плати побарувањето, каматата и трошоците, се пристапува на присилна наплата преку поднесување на барање за извршување до извршител. Овој начин на наплата на побарувањата се практикува најчесто за наплата на побарувања од правни кон физички лица кои не ја исполните својата обврска во предвидениот рок, како и за побарувања меѓу правни лица, по доспеаноста на обврските, ако деловните субјекти не се договорат поинаку.
Третиот начин на наплата на побарувањето е најбрз и во него доминира интересот на доверителот. Тоа е преку склучување договор за деловна соработка кој се солемнизира кај нотар и најчесто, освен со должникот, се склучува и со солидарен должник (физичко лице - основач или управител на должникот) кој зема обврска да го исполни договореното и да го плати долгот доколку од должникот од која било причина не може да се наплати побарувањето или доколку должникот падне во задоцнување. Кај овие договори најчесто се наведува дека деловниот соработник и солидарниот должник изрично се согласни солемнизираниот договор да има сила на извршна исправа. Со таквата клаузула на доверителот му останува можноста непосредно врз основа на договорот, заради остварување на наплатата на своите парични побарувања, а по доспеаноста на која било обврска на деловниот соработник што произлегува од договорот, да спроведе присилно извршување во извршна постапка преку органот надлежен за извршување над паричните средства на трансакциските сметки во која било банка на деловниот соработник, односно над солидарниот должник или над нивните движни, односно недвижни ствари. Со тој договор деловниот соработник и солидарниот должник, исто така, изјавуваат дека се согласни нотарот врз основа на барање на доверителот да стави потврда за извршноста на договорот врз основа на еднострана изјава на доверителот дека неговото побарување спрема деловниот соработник е пристигнато. Доколку тие податоци не се совпаѓаат со оние на должникот, нему му останува можноста да поднесе приговор против извршувањето. И во овој случај обврска на извршителот е во согласност со чл. 12, ст. 1, т. 3 од Законот за финансиска дисциплина да ја извести Управата за јавни приходи за примено барање за извршување врз основа на извршна нотарска исправа.
Овој вид договори најчесто се склучуваат за долгорочна соработка што се однесува на продажба на определени производи или услуги кои континуирано се продаваат подолг временски период и притоа е потребно доверителот секој месец да врши пресметка и да доставува податоци за извршениот промет за пресметковниот месец или пак за еднократна продажба со поголема вредност.
Неопходно да се подвлече дека доверителот при изборот на најповолното и најсигурно решение од една страна треба да го има предвид интересот на деловната соработка, нејзината долготрајност, фер однос и толеранција, а од друга страна потребата од извесност на наплата на своето побарување. Постоењето на строги обврзувачки договори од една страна создава сомнеж за перспективите на соработката и довербата меѓу деловните субјекти, а од друга страна изгубеното време без реакција на задоцнетото плаќање може да предизвика сериозни долготрајни последици и потешка или дури и неможна наплата на побарувањето.
Законските решенија упатуваат дека најповолно и за должникот и за доверителот е навремено плаќање на обврските бидејќи во случај на поведување каква било постапка останува опасноста од изрекување глоба за сторен прекршок од страна на Управата за јавни приходи, што често е со повисок износ од износот на главниот долг.
Случаите кога должниците експресно влегуваат во долгови и не се во можност нив да ги сервисираат се најтешки за наплата. Практиката покажува дека во таков случај приоритет при наплатата имаат веќе запишаните заложни доверители над имотот на должникот. Сепак, брзите загуби и големите долгови можат да зависат од начинот на управување на компанијата за што постојат повеќе други законски можности што го санкционираат несовесното и незаконско работење од одговорните лица.