Финансии / Банкарство

4 МИЛИОНИ ПРИЧИНИ

Зоран Јовановски

 

 



Поминаа скоро месец дена од шпекулативниот напад врз денарот и големата нервоза што во таа прилика настана и кај населението и кај фирмите. Народна банка на Република Македонија реагираше, при што главната мерка за смирување на состојбата беше зголемувањето на основната каматна стапка од 3,25% на 4%. Ние своевремено се изјаснивме и во поглед на економски непоткрепената нервоза за можна девалвација на денарот (http://www.ekonomijaibiznis.mk/News.aspx?id=16384) и во поглед на потезот на Народна Банка (http://www.ekonomijaibiznis.mk/News.aspx?id=18393).

После месец дена можеме да заклучиме што всушност се случи:

Прво, состојбата со девизните депозити во меѓувреме се смири. Ако на 25 април годинава банките повеќе продале одошто купиле евра во износ од 25 милиони, тој износ со текот на времето се намали. На 03 мај, продадени се 10 милиони евра повеќе одошто се купени, на 09 мај околу 5 милиони евра, на 16 мај веќе помалку од еден милион евра. И гувернерот Богов изјави дека речиси целосно е запрено повлекувањето на депозитите од банките.

Второ, според објавените пресметки на Народна банка, се проценува дека заради тоа што предвреме ги повлекле депозитите, штедачите ќе изгубат камата од околу 217 милиони денари. Но, тоа не е целата загуба. Сите што се плашеа да не се обезвредни денарот, па со денари купија евра, сега ако сакаат пак да ги вратат еврата во денари и да штедат во денари (затоа што се зголемија каматните стапки на денарски депозити), ќе изгубат и од оваа трансакција. Еврата ги купија поскапо, сега ќе мора да ги продадат поевтино. Според Народна банка таа загуба од курсни разлики се проценува на околу 23 милиони денари. Вкупно, шпекулацијата дека ќе се обезвредни денарот за штедачите што поверуваа во тоа ќе донесе штета од околу 240 милиони денари, или околу 4 милиони евра.

Што да каже сега човек? Кој ја плати цената од целата оваа шпекулација? Граѓаните и тоа оние што имаат најмалку знаење за целата оваа работа. Народот одамна рекол, се кине таму каде што е најтенко. Затоа, мислам дека доколку во иднина пак видиме нешто вакво, штедачите имаат 4 милиони причини добро да размислат што да направат.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано