Финансии / Банкарство
ЗАБАВУВАЊЕ НА ГЛОБАЛНАТА ТРГОВИЈА
Тања Јакоби
Авторот е економски новинар од Белград, Србија
Дали го гризнавме јаболкото на сознанието?
Ако го прашате Џон Ралстон Сол, канадски теоретичар, романсиер и есеист, прашањето на смислата на глобализацијата лесно може да се смести во една единствена кеса со јаболка. Во паузата меѓу претставувањето на својата книга на Белградскиот саем на книги пред две години, Сол во околните самопослуги се даде во потрага по домашни јаболка, но не ги најде. „Немојте погрешно да ме разберете, не велам дека некој не може да посака овде да проба новозеландско јаболко или јаболко од Франција, но сепак, нели е тоа грешка на системот, таа опседнатост со трговија заради трговија во која вие ги поместувате нештата од едно на друго место без јасна цел, а да не сте создале ниту поголема вработеност, ниту благосостојба, ниту нови работни места, со еден збор, ништо од она што беше ветување на глобализацијата. Дали е тоа расизам, национализам или едноставно здрав разум да очекувате во Србија да видите српски јаболка?“
Оваа дилема добива значење во академската заедница.
Дали сме денес на крајот на глобализацијата? Тоа прашање неодамна на влијателниот портал Проект синдикејт го постави Даниел Грос, директор на Бриселскиот центар за европски политички студии и поранешен соработник на ММФ, на Европската комисија, на Европскиот парламент и на францускиот премиер.
Одговорот започнува со приказна за малиот црв на сомнежот. Се вика Балтик Драјов индекс и до неодамна го привлекуваше вниманието на мошне мал број луѓе. Овој индекс ја мери вредноста на испораката со бродски превоз на суровини како што се јаглен, железо, нафта и житарки, и се смета за најважен сигнал за глобалната побарувачка за суровини. Аналитичарите веруваат дека поголемата побарувачка за суровини е во директна корелација со поголемата побарувачка за стоки. Затоа Балтик Драјовиот индекс се смета за водечки индикатор на светскиот економски раст.
Овој индекс, воведен во 1985 година, го достигна својот плафон во мај 2008 година кога достигна 11 923 поени, а своето дно во февруари оваа година кога падна на околу 290 поени. Додека многумина сметаа дека е природно тоа што индексот опаѓаше во текот на глобалната криза, неговиот сегашен пад ги наведува аналитичарите на спротивставени заклучоци. Или, поточно, ги дели на два заемно спротивставени клубови на зовриени навивачи: едни, медиумите како Економист и Форбс, уверуваат дека нема причина за паника затоа што индексот зборува за цените, а не за вкупниот обем на трговија, па според тоа го рефлектира падот на цените на суровините на една страна, додека обемот на трговија изразен во тони и понатаму благо расте. Други, на чело со блогот Зироу хеџ (“Zero Hedge”), кој ги агрегира вестите и објавува коментари на своите членови, ги бомбардира читателите со наслови како овој: „На океаните ништо не мрда, сите бродови се врзани за доковите“. Причината за повеќе врзани бродови е двојна: во време кога се веруваше дека глобализацијата (и глобалната трговија како нејзин дел) е незапирлив и бесконечен тренд, а парите се неверојатно евтини, сопствениците на големи флоти влегоа во циклус на изградба на сè поголеми бродови и оттаму нивните празни капацитети и товарот на отплата на долговите се поголеми одошто би морале да бидат, дури и со продолжување на трендот на евтини кредити. Некои аналитичари велат дека сегашните проблеми всушност ќе доведат до здраво чистење на пазарот на превозници: старите бродови ќе бидат исечени на делови, послабите превозници ќе исчезнат. Оние кои сметаат дека сегашниот застој е предизвикан, пред сè, од забавувањето на Кина веруваат дека кога глобалната трговија ќе се опорави, а тоа ќе биде некаде околу 2018 година, оваа индустрија ќе биде посилна и поздрава, а глобалната трговија ќе едри со полни едра.
Но, особено од 2011 година наваму, сè поголем број аналитичари изразуваат сомнеж дека влегувањето во деталите на падот на Балтик Драјовиот индекс, всушност, ги затскрива многу поважните трендови: глобалната трговија забавува многу побрзо од глобалниот БДП. Клучен придонес кон истражувањето на премисата дека забавувањето на глобалната трговија не е (само) цикличен, туку и структурен феномен, даде истражувачкиот труд на тројца економисти на ММФ, Кристина Константинеску, Адитја Мату и Мишел Рута, објавен во јануари минатата година.
Нивните резултати укажуваат на тоа дека причината за забавување на глобалната трговија не лежи само во забавувањето на глобалниот стопански раст, туку и во структурните промени во односот на трговијата и на БДП во последните неколку години. Расположливите докази, велат авторите, укажуваат дека објаснувањето можеби лежи во забавувањето на темпото на меѓународната вертикална специјализација, а не во зголемувањето на протекционистичките мерки или промените во структурата на трговијата и на БДП. Почетокот на „раздвојување“ на темпото на раст на трговијата и на БДП се случи на почетокот на 2000-тите години и во наредниот период веројатно ќе претставува „нова нормалност“, сметаат авторите, кои сепак заклучуваат дека во овој момент можеби нема доволно информации за да се донесат поцврсти и подоверливи заклучоци.
Што е причината за забавувањето на меѓународната вертикална специјализација и какви се долгорочните последици? Во 90-тите години на минатиот век бележевме континуирано ширење на производните синџири, всушност преселба на производството од развиените земји во земјите во развој. Таквите трендови подразбираа раст на увозот и на извозот меѓу овие земји (каков што, на пример, гледаме кај растот на увозот и на извозот на земјите од западниот Балкан, каде што странските партнери ги увезуваат деловите што се облагородуваат и стануваат полупроизводи кои потоа се извезуваат и вградуваат во финални производи) што е побрз од темпото на раст на БДП. Со промените на кинескиот пазар, каде што денес значително поголем број на компоненти, на пример за ајфони, се произведуваат на домашниот пазар, уделот на трговијата меѓу САД и Кина се намалува. Ваквиот заклучок има своја подлога во податоците за намалувањето на уделот на деловите во структурата на вкупниот кинески увоз и додадената вредност на кинеските производи. Меѓутоа, од тоа не треба да се извлекува заклучок дека Кина ѝ свртела грб на меѓународната трговија. Во голема мера ова е резултат на големите странски инвестиции во производството во оваа земја.
Иако вака опишаниот однос на САД и на Кина не го „фаќа“ во целост феноменот на забавување на трговијата на глобално ниво, тој го претставува нејзиниот најважен дел. Од четири причини кои се испитувани: промените во структурата на трговијата, промените во вертикалната специјализација, промените во структурата на БДП и растот на протекционизмот, авторите како најважен факт што придонел за забавување на глобалната трговија го истакнуваат побавното темпо на ширење на глобалните производни синџири.

Иако има уште многу простор за усложнување на меѓународната поделба на трудот преку искористување на предностите на работната сила на Јужна Азија, на Африка и на Јужна Африка, големо прашање е кога овие можности ќе можат да бидат искористени. Накусо, во иднина глобалната трговија нема да биде толку значаен фактор на БДП како што беше досега, сметаат авторите.
Некои други автори, кои поаѓаат од овој истражувачки труд на ММФ, не се согласуваат со нивниот краен заклучок и причините за забавувањето на трговијата го бараат во растот на протекционизмот. Тие сметаат дека трајниот застој на преговорите во рамките на Светската трговска организација изгледа треба да се замени со регионални трговски преговори, какви што се на пример Трансатлантското и Транспацифичкото партнерство, од кои ова првото е исто така во застој.
Како и да е, во својот квартален билтен за третиот квартал од 2015 година, аналитичарите на Европската централна банка истакнуваат дека, иако глобалната трговија секако ќе се опорави со опоравувањето на светскиот БДП, таа уште долго нема да го достигне нивото што го имала пред кризата.
Дали е можно да се изедначат глобалната трговија и глобализацијата? И да и не, вели веќе спомнатиот Даниел Грос. Глобализацијата подразбира многу други облици како што се растот на прекугранични трансакции и на туризмот, размена на податоци и други економски активности. Но, сите тие водат до трговијата бидејќи токму тие придонесоа за растот на глобалните синџири на производство. „Сепак“, вели Грос, „на тој феномен му се придава преголема вредност. Според податоците на Светската трговска организација, додадената вредност што потекнува од вакви меѓународни синџири на производство учествува со само 15 % во вкупната вредност на извозот на големите земји како што се САД и Европската Унија. Со други зборови, овие глобални синџири за производство имаат мало значење за големите економии“.
Не беше ли глобализацијата долго време перципирана дека е лек за сè: сила што сè повеќе и сè подалеку ќе го води бродот на светскиот раст нагоре и тоа така што плимата ќе ги подига сите бродови?
Кога нешто е толку извикано, обично постои и реална причина зошто е тоа така. Повеќето економии денес се многу поотворени одошто тоа беше случај со генерации претходно, пишува Грос. „Но, сега станува јасно дека перцепцијата дека глобализацијата е некоја огромна и неумолива сила во голема мера всушност ги одразува споредните ефекти од стоковната експанзија во последната деценија. Ако цените на суровините останат ниски, како што тоа изгледа веројатно, во наредните децении трговијата веројатно ќе стагнира, според тоа како формите на трговија ќе бараат нова рамнотежа меѓу развиените економии и економиите во развој.“
Економистот Пол Кругман, еден од некогаш најголемите заговорници за глобалната трговија како силен замаец на глобалниот стопански раст, во два свои неодамнешни текстови (блог и колумна) го напиша следново. За да се зборува смислено за трговијата треба да се знаат три работи: првата е дека светот на слободна трговија е создаден благодарение на силното политичко посредување за отворање на пазарот за возврат со создавање правила да се оневозможи назадување кон повторно затворање; втората е дека протекционистите речиси секогаш ги преувеличуваат несаканите ефекти од либерализацијата на трговијата и дека глобализацијата е само еден од неколкуте фактори за зголемувањето на нееднаквоста, а трговските спогодби се само еден фактор на глобализацијата. И третата, дека интелектуалната чесност им налага на економистите да кажат дека позитивните ефекти од глобалната трговија не треба да се преувеличуваат, таа ниту го зголемува ниту го намалува бројот на работни места, таа ги прави земјите поефикасни и побогати, ама тука не станува збор за некои значајни цифри, и трето, таа лесно произведува и добитници и губитници.
Што да правиме со српските јаболка? Според податоците од сајтот makroekonomija.org, од 2008 до 2014 година извозот на српски јаболкa е зголемен за 9,4 пати, што ја прави Србија 16 најголем светски извозник на јаболкa. Просечната цена на тие јаболкa е зголемена од 282 евра по тон на 498 евра по тон во 2015 година. Тоа е инаку минималната цена што јаболкaтa ја достигнуваат во Белград, на пазар и во секој поголем супермаркет. Би било корисно да се пресмета дали патот на српските јаболка до Русија и увозот на јаболка од Аргентина и од Нов Зеланд придонесе за економскиот раст на овие земји, отворање работни места или е само одраз на нивното верување во предностите на глобалната трговија.