Финансии / Банкарство

КОЛКУ ДОЛАРИ ВРЕДИ ВАШИОТ ОМИЛЕН ФУДБАЛСКИ ТИМ? ПРОВЕРЕТЕ НА РАНГ ЛИСТАТА

Кирко Бошкоски

 

 



Фудбалот одамна стана мега бизнис, а фудбалските тимови се претворија во вистински машини за правење пари. Една неодамнешна анализа на американски „Форбс“ резултираше со ранг листа на 20 највредни фудбалски тимови. Рангирањето е направено со користење на јавно достапни податоци и податоци добиени од самите тимови. Кај одредувањето на вредноста на секој тим земени се четири фактори: телевизиските права, влезниците, комерцијалната продажба и вредноста на брендот.

Според „Форбс“, во 2016 година 20те највредни фудбалски тимови имаат вкупна вредност од фасцинантни 28 милијарди и 821 милион американски долари. Притоа, вкупната вредност само на првите десет тима е 22 милијарди и 670 милиони американски долари. Секој од првите десет тима има поединечна вредност поголема од една милијарда долари.

Најголема вредност има Реал Мадрид со валуација од 3 милијарди и 650 милиони долари, втора е Барселона со вредност помала за 100 милиони долари, а трет е Манчестер Јунајтед со 3 милијарди и 320 милиони долари.  На четврто и петто место се Баерн Минхен и Арсенал со вредност помеѓу 3 и 2 милијарди долари. Од шестото до десеттото место се Манчестер Сити, Челзи, Ливерпул, Јувентус и Тотенхем, со поединечна вредност помеѓу 2 и 1 милијарда долари. Чисто за споредба, Атлетико Мадрид, вториот финалист од годинешново финале на Лигата на шампиони е на 15 место на ранг листата, има вредност од „само“ 635 милиони долари, односно околу шест пати помала од Реал Мадрид.

Во 2016 година, во споредба со 2015 година, вредноста е зголемена кај сите тимови од листата. Кај првите десет тима, најголем скок на вредноста има кај Тотенхем (69,5%), Ливерпул (57,6%) и Јувентус (55,2%).

Бројките јасно покажуваат од каде се генерира финансискиот капацитет на фудбалските гиганти за астрономски трансфери на фудбалерите кои потоа се магнет за поголема гледаност, навивачка возбуда и, се разбира, уште поголеми приходи за тимовите.

Повеќе детали за рангирањето на фудбалските тимови соред нивната вредност можете да прочитате во „Форбс“ на следниот линк:http://www.forbes.com/sites/nickdesantis/2016/05/11/the-20-most-valuable-soccer-teams-of-2016-visualized/#161e3bf450b6

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано