Финансии / Банкарство
ТУРКИШ ЕРЛАЈНС ГИ ЗАЈАКНУВА КАПАЦИТЕТИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА
Авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“, која во Македонија е присутна веќе 18 години, најави дека ги зајакнува капацитетите и соработката во земјава и за таа цел отвори нова канцеларија за своите услуги во Скопје. „Почнавме во 1998 година со два лета неделно, а денес благодарение на добрата соработка имавме интензивен раст на бројот на патници и достигнавме два лета дневно“, рече на отворањето на канцеларијата Илкер Бајдар, директор на „Туркиш ерлајнс“ во Скопје. На отворањето на новата канцеларија присуствуваше турскиот амбасадор во Македонија н.е. Омур Солендил кој истакна дека отворањето на претставништвото е особено значаен чекор за натамошен успех на „Туркиш ерлајнс“. Како што потенцира Мерт Дорман, заменикпретседател на „Туркиш ерлајнс“ за Источна Европа и за Балкан, компанијата почнала со работа во 1933 година со пет авиони, а од 2003 година доживеа интензивен раст и во моментов е меѓу најдобрите компании во светот. Целта на бројните проширувања, додаде тој, е да достигнат флота од 500 авиони и 120 милиони клиенти во светот.