Финансии / Банкарство
ПРЕКУ 700 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ЗА РЕГИОНАЛНО ПОВРЗУВАЊЕ НА КИНА
Кина планира во следниот период да инвестира 4,7 трилиони јуани (околу 725 милијарди долари) во големи проекти за изградба на инфраструктура. Според претставникот на Државниот комитет за развој и реформи Чан Цијан ова решение е поврзано со намерата на Владата до 2020 година над прагот на сиромаштијата да ги извади сите граѓани во земјата и посебно оние кои живеат во оддалечените, сиромашни региони на Кина. „Веруваме дека обезбедувањето пристап до полесните форми на транспорт на луѓето ќе им овозможи да ја надминат сиромаштијата. Имено, од овие причини во нашите планови вклучивме изградба на селски патишта кои, во следните три години, ќе ги поврзат овие области со регионалните транспортни центри“, изјави Чан Цијан. Според тригодишниот план за развој планирани се околу 300 нови градежни проекти. Планот треба да ги надмине комуникациските проблеми од специфичната топографија, особено во јужниот и во југозападниот дел од земјата. Поради недостаток од квалитетна комуникација, овие региони се едни од најсиромашните во Кина.